Коментари

Македонската салата и европските двојни стандарди

Мане Јаковлески

Мане Јаковлески

Македонија со децении гради модел на соживот и институционална застапеност на различните заедници, но прашањето останува – дали истите стандарди важат и за Македонците во соседните држави?

Во многу земји постојат јадења познати како „македонска салата“. Нејзиното име најчесто се поврзува со разновидност – различни состојки кои заедно создаваат подобар вкус. Во француската и италијанската гастрономија терминот macédoine станал општ поим за мешавина од различен зеленчук или овошје. Тешко е да се најде подобра метафора за Македонија.

Низ вековите оваа земја била простор во кој се среќавале различни народи, вери, јазици и култури. Нејзината сила никогаш не произлегувала од едноличноста, туку од способноста различностите да ги претвори во богатство и предност.

Замислете „македонска салата“ од која е отстранета само една состојка. Таа можеби и понатаму ќе биде салата, но веќе нема да го има истиот вкус. Токму во разновидноста се крие нејзината вредност.

Истото важи и за општествата. Нивната сила не е во униформноста, туку во способноста различни луѓе да живеат заедно, да се почитуваат и да градат заедничка иднина.

Токму затоа Македонија, и покрај сите историски искушенија, останува еден од ретките примери на Балканот за широка институционална застапеност на различните етнички заедници.

Албанците имаат свои политички партии, министри, пратеници и градоначалници и директно учествуваат во извршната и законодавната власт. Турската заедница располага со образование на мајчин јазик и развиен културен живот. Ромската заедница има свои политички претставници и гарантирани права за зачувување на својот идентитет. Србите, Власите, Бошњаците и другите заедници слободно ги негуваат својот јазик, култура и традиција.

Во голем број општини службено се употребуваат и други јазици покрај македонскиот, а во владата и Собранието со децении има претставници од различни етнички заедници.

Со право може да се постави прашањето: колку европски држави можат да се пофалат со толку високо ниво на политичка застапеност и институционална вклученост на малцинствата?

Но додека Европа редовно ја потсетува Македонија на обврската за почитување и унапредување на малцинските права, прашањето за правата на Македонците во соседните држави ретко добива исто внимание.

Во Бугарија со децении постои спор околу признавањето на македонското малцинство. Повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права се однесуваат на регистрација на организации чии членови се изјаснуваат како Македонци, но прашањето и натаму останува нерешено.

Во Грција, пак, луѓето кои се идентификуваат како Македонци долго време беа речиси невидливи во официјалниот политички дискурс. И денес постојат организации и активисти кои бараат пошироко признавање на своите културни и идентитетски права.

Тука се наметнува едно сосема логично прашање: ако Македонија постојано мора да ги докажува своите демократски капацитети и да ги унапредува правата на сите заедници како услов за членство во Европската Унија, зошто истата доследност не се применува и кога станува збор за Македонците во соседните држави?

Суштината не е во тоа дали треба да се почитуваат малцинските права – тие се темелна демократска вредност и мора да бидат заштитени. Прашањето е дали тие принципи важат подеднакво за сите.

Доколку Македонија се оценува според европските стандарди, тогаш истите стандарди треба да важат и за сите други држави, особено за членките на Европската Унија. Во спротивно, неизбежно се создава впечаток дека принципите не се универзални, туку селективни.

Најголемиот предизвик за Европа денес не е Македонија. Најголемиот предизвик е доследноста на самата Унија.

Зашто кога човековите права зависат од политичката тежина на државите, а не од универзалните принципи, тогаш се доведува во прашање самата веродостојност на вредностите што Европа ги промовира.

Македонија не бара привилегии. Не бара посебен третман. Не бара исклучоци.

Македонија бара само едно – ист аршин за сите.

Народот одамна ја препознал разликата меѓу зборовите и делата, па затоа останала и онаа стара изрека:

„Кога го прашале попот: Абе попе, нели тоа што го правиш не е добро, нели самиот велиш дека не треба така? Попот одговорил: Не гледајте што правам јас, слушајте што ви кажувам.“

За многумина токму така изгледа денешниот однос на Европа кон сопствените принципи и вредности.

Европа ќе ја зачува својата морална сила само доколку правилата што ги проповеда важат подеднакво за сите. Во спротивно, ќе остане впечатокот дека едно им се зборува на народите, а друго се практикува во политиката. Токму затоа прашањето не е дали Македонија ги прифаќа европските вредности. Прашањето е дали Европа е подготвена доследно да ги применува кон сите.

 

Најново од: Коментари

Блиски сме и треба да си помагаме

Има подадени раце што човек ги памети цел живот. Особено оние што ги примил во тежок час, кога иднината на неговата татковина била неизвесна. Јас ја паметам подадената рака од Бугарија. Ги паметам луѓето, помошта и зборовите што тогаш ни даваа надеж. Токму затоа денешните блокади и оспорувања ме погодуваат толку длабоко. Во 1991 година, […]

На Македонецот ќе му дадам дел од рајот, ама ќе видите какви соседи ќе му дадам!

Македонија треба да ја чувствуваме како дар од Севишниот, да ја чуваме како наследство од предците и да ја градиме како обврска кон нашите деца и внуци. Кога Севишниот Господ Бог ја делел земјата меѓу народите, пред Неговата врата се создала голема редица. Секој барал свое место под сонцето. Едни сакале море, други плодни рамнини, […]

Историските судбини на Македонците и Абориџините

Историските судбини на Македонија и на Абориџините (првите народи на Австралија) припаѓаат на два целосно различни контексти — европскиот геополитички и глобалниот колонијален контекст. Сепак, анализирано од аспект на социологијата и филозофијата на историјата, меѓу нив постојат силни паралели во механизмите на страдање, обидите за асимилација и борбата за самобитност. Македонија: По Балканските војни и […]

Зошто на бугарските политичари им пречи рамноправна Македонија во Европската Унија?

Што би изгубила Бугарија доколку покрај себе има стабилна, напредна и рамноправна членка на Европската Унија? За бугарските граѓани тоа би значело постабилно соседство, подобра поврзаност и поголеми можности за соработка. Но за политичарите што ја користат европската перспектива на Македонија како средство за условување, таквиот развој би значел губење на важна политичка предност. Токму […]

23 Октомври – завет за слобода, повик за единство и одговорност кон Македонија

На 23 октомври 2026 година се навршуваат 133 години од основањето на Македонската револуционерна организација-ВМРО. Нивниот завет нè повикува да ја чуваме Македонија, да го почитуваме жртвуваното и со чесна работа да ја градиме иднината на поколенијата што доаѓаат. На 23 октомври 1893 лето Господово, во Солун, шестмина македонски дејци ги поставија темелите на Организацијата: […]

Никогаш не прашувај чиј празник е 23 октомври, прашај се, ЧИЈ СИ ТИ?

133 години од солунскиот завет за слободна Македонија – празникот нè соочува со сопствените корени, со жртвата на предците и со нашата одговорност пред поколенијата. 23 Октомври, денот на основањето на историското ВМРО, за мене е најголемиот и најсветлиот ден за македонскиот народ – светлина на светлината, симбол на неговата решеност да се избори за […]

Македонија ни е заеднички дом — да ја сочуваме за нашите деца и внуци

Постојат моменти кога секој од нас треба да се запраша: каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца и внуци? Држава во која ќе сакаат да живеат и да создаваат, или роден крај во кој ќе се враќаат само за празници, со куфер во раката и тага во срцето? Тоа прашање треба да нè собере […]

Античка Ега открива гробница на македонски благородник и неговата сопруга

Внатрешноста на македонската гробница откриена во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина). Фотографија: Ангелики Котариди Оригинален текст: Дарио Радли, објавен на 1 април 2024 година Археолозите открија македонска гробница на лица со висок општествен статус во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина), во […]

Најнови вести

To top