Коментари

Зошто европските политичари водат „салама-тактика“ кон Македонија?

Мане Јаковлески

Мане Јаковлески

„Салама-тактика“ (германски: Salamitaktik) е политички израз за постепено постигнување на една поголема цел – не одеднаш, туку чекор по чекор, „парче по парче“. Секое поединечно барање изгледа како мала отстапка, но кога ќе се наредат сите отстапки, се гледа целината. Во македонскиот случај тоа може да се препознае во постојаното: „само уште ова“ – по што следува ново „само уште ова“.

Од Букурешт во 1913 година до денес поминаа 113 години. Се сменија царства, кралства, држави, сојузи, идеологии и генерации европски политичари.

Но едно македонско прашање останува болно актуелно:

Зошто Македонија толку често мора да плаќа цена за интересите на посилните?

Во германскиот политички речник постои изразот Salamitaktik – „салама-тактика“. Наместо нешто да се побара или одземе одеднаш, тоа се прави постепено – парче по парче.

Кога ја гледаме македонската историја од Букурешт до денес, тешко е да не го поставиме прашањето: дали Македонија повеќе од еден век се соочува со различни облици на истата политика – Salamitaktik – чекор по чекор, отстапка по отстапка, „само уште ова“?

Букурешт 1913 – кога силата ги црташе границите

По Втората балканска војна, на 10 август 1913 година беше потпишан Букурешкиот мировен договор. Со новите граници, географска Македонија беше поделена меѓу Србија, Грција и Бугарија.

Македонците не седеа на масата како рамноправна страна што одлучува за сопствената иднина.

Одлучуваа државите што имаа војски, дипломатска моќ и сопствени територијални интереси.

Тоа е првата голема лекција од Букурешт:

кога силата и интересот ќе станат поважни од правото на еден народ самиот да одлучува за својата иднина, послабиот ја плаќа сметката.

Времињата се сменија, средствата исто така

Но може да се постави прашање: дали низ различните периоди се повторува асиметријата во која Македонија е послабата страна од која се очекува компромис?

Денес нема балкански армии што со пушки ги цртаат границите на Македонија.

Денес постојат договори, дипломатски притисоци, вета, преговарачки рамки и услови.

Инструментите се други.

Но за Македонецот чувството на Salamitaktik – „само уште ова“ е добро познато.

Само уште знамето…

Во 1995 година Македонија го промени државното знаме во рамките на Времената спогодба со Грција.

Тоа требаше да биде чекор кон нормализирање на односите.

Но спорот продолжи.

Само уште името…

Потоа дојде прашањето за името.

На самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година Македонија не доби покана за членство.

Во 2011 година Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција, со противењето на македонскиот прием во НАТО, ја прекршила обврската од член 11 од Времената спогодба.

Но ниту таа пресуда не го отвори патот.

Следуваше Преспанскиот договор.

Македонија го промени уставното име.

Се промени и Уставот.

Следуваше членството во НАТО.

За многумина во Македонија логичното очекување беше дека барем големата политичка пречка на европскиот пат конечно е отстранета.

Но потоа дојде новото:

„Само уште ова.“

Само уште Бугарија…

Кога грчкиот спор беше затворен, Бугарија стана новата пречка на европскиот пат.

И повторно Македонија беше ставена пред услов.

Сега треба повторно да се менува Уставот и во него да бидат внесени Бугарите, за пристапните преговори да продолжат кон отворањето на првиот кластер. Европскиот парламент и во 2026 година го наведува тоа како неопходен следен чекор.

Но токму Европскиот парламент има запишано и нешто исклучително важно:

пристапниот процес не треба да се користи за решавање билатерални спорови или за попречување на напредокот заснован врз заслуги.

И тука се појавува противречноста што Македонија има право да ја постави пред Европа.

Ако билатералните спорови не треба да го блокираат пристапувањето – зошто толку долго го определуваат македонскиот европски пат?

 Salamitaktik – Парче по парче

Погледнете ја низата.

Букурешт.

Поделбата на Македонија.

Децении живот на Македонците во различни држави.

Независност.

Спорот за знамето.

Спорот за името.

Блокадата за НАТО.

Преспа.

Промената на името.

Уставните измени.

Бугарската блокада.

И повторно уставни измени.

Кога сите ќе ги погледнеме од македонска перспектива, прашањето само се наметнува:

Колку „само уште ова“ може да издржи еден народ пред да престане да верува дека следното навистина ќе биде последно?

А што им е целта?

Ова е најтешкото прашање.

Дали целта е Македонија никогаш да не стане рамноправна европска држава?

Но постои нешто што историјата многу појасно го покажува: државите ги бранат своите интереси.

Што се случува кога интересот на посилниот постојано има поголема политичка тежина од интересот на послабиот?

отстапка по отстапка.

Парче по парче.

„Само уште ова.“

Ќе го исполниш едното барање – доаѓа друго. Ќе го исполниш и него – се појавува трето. И секогаш истото уверување: само уште ова и патот е отворен.

А што ќе биде утре?

Повторно:

„Само уште ова.“

И така функционира Salamitaktik – салама-тактиката. Се сече парче по парче, сè додека еден ден саламата не заврши.

А кога ќе заврши саламата – останува само конецот на кој се сушела.

Затоа вистинското прашање за Македонија е:

Колку „само уште ова“ може да прифати една држава пред да се запраша што ќе остане од неа кога ќе заврши саламата?

Најново од: Коментари

Блиски сме и треба да си помагаме

Има подадени раце што човек ги памети цел живот. Особено оние што ги примил во тежок час, кога иднината на неговата татковина била неизвесна. Јас ја паметам подадената рака од Бугарија. Ги паметам луѓето, помошта и зборовите што тогаш ни даваа надеж. Токму затоа денешните блокади и оспорувања ме погодуваат толку длабоко. Во 1991 година, […]

На Македонецот ќе му дадам дел од рајот, ама ќе видите какви соседи ќе му дадам!

Македонија треба да ја чувствуваме како дар од Севишниот, да ја чуваме како наследство од предците и да ја градиме како обврска кон нашите деца и внуци. Кога Севишниот Господ Бог ја делел земјата меѓу народите, пред Неговата врата се создала голема редица. Секој барал свое место под сонцето. Едни сакале море, други плодни рамнини, […]

Историските судбини на Македонците и Абориџините

Историските судбини на Македонија и на Абориџините (првите народи на Австралија) припаѓаат на два целосно различни контексти — европскиот геополитички и глобалниот колонијален контекст. Сепак, анализирано од аспект на социологијата и филозофијата на историјата, меѓу нив постојат силни паралели во механизмите на страдање, обидите за асимилација и борбата за самобитност. Македонија: По Балканските војни и […]

Зошто на бугарските политичари им пречи рамноправна Македонија во Европската Унија?

Што би изгубила Бугарија доколку покрај себе има стабилна, напредна и рамноправна членка на Европската Унија? За бугарските граѓани тоа би значело постабилно соседство, подобра поврзаност и поголеми можности за соработка. Но за политичарите што ја користат европската перспектива на Македонија како средство за условување, таквиот развој би значел губење на важна политичка предност. Токму […]

23 Октомври – завет за слобода, повик за единство и одговорност кон Македонија

На 23 октомври 2026 година се навршуваат 133 години од основањето на Македонската револуционерна организација-ВМРО. Нивниот завет нè повикува да ја чуваме Македонија, да го почитуваме жртвуваното и со чесна работа да ја градиме иднината на поколенијата што доаѓаат. На 23 октомври 1893 лето Господово, во Солун, шестмина македонски дејци ги поставија темелите на Организацијата: […]

Никогаш не прашувај чиј празник е 23 октомври, прашај се, ЧИЈ СИ ТИ?

133 години од солунскиот завет за слободна Македонија – празникот нè соочува со сопствените корени, со жртвата на предците и со нашата одговорност пред поколенијата. 23 Октомври, денот на основањето на историското ВМРО, за мене е најголемиот и најсветлиот ден за македонскиот народ – светлина на светлината, симбол на неговата решеност да се избори за […]

Македонија ни е заеднички дом — да ја сочуваме за нашите деца и внуци

Постојат моменти кога секој од нас треба да се запраша: каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца и внуци? Држава во која ќе сакаат да живеат и да создаваат, или роден крај во кој ќе се враќаат само за празници, со куфер во раката и тага во срцето? Тоа прашање треба да нè собере […]

Античка Ега открива гробница на македонски благородник и неговата сопруга

Внатрешноста на македонската гробница откриена во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина). Фотографија: Ангелики Котариди Оригинален текст: Дарио Радли, објавен на 1 април 2024 година Археолозите открија македонска гробница на лица со висок општествен статус во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина), во […]

Најнови вести

To top