Култура и туризам

Мајка Тереза – скопјанката што му припаѓа на целиот свет

Славе Катин

Славе Катин

Родена во Скопје како Агнеса Гонџа Бојаџиу, Мајка Тереза го посвети својот живот на сиромашните, болните, бездомниците и напуштените. Од улиците на Калкута нејзината мисија се прошири низ целиот свет, претворајќи ја во вечен симбол на милосрдието, пожртвуваноста и христијанската љубов.

Агнеса Гонџа Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година во Скопје, како најмлада од трите деца на Никола и Дрона, односно Трендафила Бојаџиу. Следниот ден, на 27 август, била крстена во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, поради што токму тој датум го сметала за свој вистински роденден.

Името Гонџа значи пупка или цвет. Таа израснала во тогашниот скопски „Латински кварт“, на десниот брег на Вардар. Семејната куќа на Бојаџиу се наоѓала во близина на местото каде што денес е влезот на Градскиот трговски центар.

Нејзиниот татко Никола бил трговец, општествено активен и почитуван човек, кој настојувал неговите деца да добијат образование. Мајката Дрона била длабоко побожна и милосрдна жена. Вратата на семејниот дом секогаш била отворена за сиромашните и за луѓето на кои им била потребна помош.

Токму во тој скопски дом Гонџа ги научила првите и најважни животни лекции – дека гладниот треба да се нахрани, осамениот да се утеши, а болниот и отфрлениот да се прифатат со љубов.

Од Скопје до Калкута

Смртта на татко ѝ, кога Гонџа имала само неколку години, претставувала голем удар за семејството. И покрај тешкотиите, таа продолжила да расте во духот на верата и хуманоста. Уште како девојче почувствувала повик да го посвети животот на Бога и на оние на кои помошта им била најпотребна.

На осумнаесетгодишна возраст го напуштила родното Скопје. Преку Загреб заминала во Ирска, каде што се приклучила на редот на Лоретските сестри и го изучувала англискиот јазик. Потоа заминала за Индија, а во Калкута пристигнала на 6 јануари 1929 година.

Таму започнало нејзиното големо духовно и хуманитарно патување. Гонџа го прифатила монашкото име Тереза и со години работела како учителка. Но зад ѕидовите на училиштето секојдневно ја гледала сиромаштијата што владеела по улиците на Калкута.

Во 1946 година го почувствувала она што подоцна го нарекувала „повик во повикот“ – внатрешна заповед да го напушти манастирскиот живот и непосредно да им служи на најсиромашните меѓу сиромашните.

Со дозвола од папата Пие XII, во 1948 година ја започнала својата самостојна мисија меѓу болните, гладните, бездомниците и напуштените. Во 1950 година ја основала мисионерската заедница „Мисионерки на милосрдието“, препознатлива по белото сари со сини ленти.

Нејзината мисија постепено се проширила низ Индија, а потоа и низ целиот свет.

Светица на најсиромашните

Мајка Тереза целиот живот им го посветила на луѓето од кои другите се оддалечувале – на болните од лепра, на бездомниците, сираците, старците, инвалидите и на оние што умирале напуштени по улиците.

Таа не барала богатство, слава или моќ. Живеела едноставно и постојано повторувала дека во секој сиромашен и страдалник го препознава ликот на Исус Христос.

„Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“, биле зборови што често ги изговарала.

За своето несебично дело добила бројни меѓународни признанија. Најзначајно меѓу нив е Нобеловата награда за мир, која ѝ била доделена во 1979 година. Во Осло пристигнала со индиски пасош, како личност чија мисија одамна ги надминала сите национални и државни граници.

На прашањата за нејзината припадност, таа ја истакнувала верата и љубовта кон сите луѓе. Но никогаш не го заборавила своето родно место.

„Јас сум родена во Скопје. Јас сум скопјанка“, се зборовите со кои останала запаметена.

Враќањата во родниот град

Мајка Тереза го посетила Скопје во 1970, 1978, 1980 и 1986 година. При посетата во 1980 година, една година по добивањето на Нобеловата награда, била прогласена за почесен граѓанин на Скопје.

Со особена емотивност го посетувала гробот на својот татко Никола Бојаџиу, кој почива на гробиштата Бутел. Според сведоштвата, пред неговиот гроб се молела и со болка зборувала за неостварената желба да ги посети гробовите на својата мајка и сестра во Тирана.

Иако најголемиот дел од животот го поминала во Индија, Скопје останало длабоко врежано во нејзиното сеќавање. Тоа бил градот на нејзиното раѓање, детство, семејство и први духовни сознанија.

Последното испраќање во Калкута

Мајка Тереза починала на 5 септември 1997 година во Калкута. Нејзината смрт го потресла светот, а особено сиромашните, болните и бездомниците, на кои им го подарила целиот свој живот.

Индија ѝ приредила државен погреб. По богослужбата во црквата „Свети Томас“, ковчегот бил пренесен на стадионот „Нетаџи“, исполнет со илјадници граѓани, државници, кралски претставници и дипломати од целиот свет.

Меѓу присутните била и делегација од Република Македонија, во чиј состав бил и авторот на овој текст, Славе Катин, тогашен потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници. Македонската делегација положила венец во името на македонскиот народ, државата и нејзините сограѓани од Скопје.

Церемонијата завршила со молитвени песни на сестрите од нејзиниот ред. Нејзината наследничка, сестра Нирмала, нагласила дека животот на Мајка Тереза претставувал „жртва, молитва и љубов за сите, особено за најсиромашните од сиромашните“.

Од скопјанка до светица

Папата Јован Павле II ја прогласил Мајка Тереза за блажена на 19 октомври 2003 година. На 4 септември 2016 година, папата Франциск ја канонизирал на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, пред десетици илјади верници.

Канонизацијата била одбележана и во Македонија. Во капелата на Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје била отслужена свечена света евхаристија, а биле организирани богослужби, изложби, концерти, проекции на филмови и свечена академија во МАНУ.

Денес Спомен-куќата во центарот на Скопје сведочи за нераскинливата врска меѓу светската хуманистка и нејзиниот роден град.

Мајка Тереза беше скопјанка, но со својата љубов му припаѓаше на целиот свет. Таа покажа дека големината на човекот не се мери според богатството и моќта, туку според подадената рака, утешниот збор и љубовта подарена на најранливите.

Нејзиниот живот останува вечна порака дека и најмалото добро дело, направено со голема љубов, може да го промени светот.

Најново од: Култура и туризам

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

To top