Коментари

На Македонецот ќе му дадам дел од рајот, ама ќе видите какви соседи ќе му дадам!

Александар Џеповски

Александар Џеповски

Македонија треба да ја чувствуваме како дар од Севишниот, да ја чуваме како наследство од предците и да ја градиме како обврска кон нашите деца и внуци.

Кога Севишниот Господ Бог ја делел земјата меѓу народите, пред Неговата врата се создала голема редица. Секој барал свое место под сонцето. Едни сакале море, други плодни рамнини, трети планини и реки.

Господ ги сослушал сите и секому му доделил парче земја. Кога завршила поделбата и се испразнила чекалницата, еден ангел Му пришол и Му рекол:

— Господе, надвор има уште еден човек. Мирно стои и чека.

— Повикајте го — одговорил Господ.

Влегол човекот, се поклонил и застанал пред Него.

— Кој си ти и што чекаш? — го прашал Господ.

— Јас сум Македонец, Господе. Дојдов и јас да побарам парче земја за мојот народ.

— А зошто не влезе порано?

— Гужва беше, Господе. Чекав да се расчисти, да не се туркам со другите.

Ангелите се погледнале, па загрижено рекле:

— Но, Господе, сè е веќе поделено. Нема повеќе земја.

Господ се замислил, го погледнал Македонецот и рекол:

— За него ќе одвоиме дел од Мојот рај.

Ангелите се зачудиле:

— Аман, Господе, зарем дел од рајот ќе му дадеш?

— Да — одговорил Господ. — На Македонецот ќе му дадам дел од рајот, ама ќе видите какви соседи ќе му дадам!

Се смееме кога ја раскажуваме оваа легенда, но зад смеата има и болка. Во неа препознаваме нешто од сопствената судбина: земја со Рајска убавина, а со долга историја на туѓи интереси, војни, поделби, преселби и оспорувања. Земја од која многумина заминувале со солзи, а ја носеле во срцето до последниот здив.

Македонија е богата со историско и духовно наследство. На оваа земја се испреплетуваат трагите на древните цивилизации, христијанската духовност, просветителството и вековната борба за слобода.

Од времето на Филип и Александар, преку просветителското дело на светите Кирил и Методиј и духовното и книжевното наследство на свети Климент Охридски, до илинденците и асномците — значајни поглавја живеат во нашето историско паметење. Секое припаѓа на свое време и заслужува внимателно изучување, со знаење и почит.

Илинденците го кренаа знамето на слободата кога таа изгледаше недостижна. Асномците ги поставија темелите на современата македонска државност. Нивната борба и жртва нè обврзуваат да ја чуваме слободата и да ја исполнуваме со правда, достоинство и можности за секого.

Во 1990 година, основачите на ВМРО-ДПМНЕ дадоа силен политички поттик за самостојна и суверена Македонија. На референдумот на 8 септември 1991 година, граѓаните ја потврдија својата волја да живеат во независна држава.

Самостојна Македонија стана стварност — на дел од историската и географската татковина, но со огромно значење за Македонците каде и да живеат. Нејзиното постоење носи гордост и одговорност да ја градиме како заеднички дом на сите нејзини граѓани.

Со неа се гордеат Македонците во границите на цела Македонија и во дијаспората. За многумина што живеат далеку, Македонија е јазикот што го слушнале од мајката, песната што ја пееле со бабата и дедото, мирисот на родниот дом и споменот што со трепет им го пренесуваат на своите деца и внуци.

Затоа нејзините успеси радуваат далеку зад границите, а неправдите кон неа болат и во домовите на другите континенти.

Господ, според легендата, ни подарил дел од Својот рај, но ни дал и соседи кои низ историјата, секој на свој начин, посегнувале по Македонија: по нејзината територија, култура и историја, па и по самото право на Македонецот да биде свој, да го зборува својот јазик и да го носи своето име.

Тие посегања оставиле длабоки рани, но не ја згаснале македонската свест. Низ поделби, прогони и преселби, народот ги сочувал своето име, својот збор и љубовта кон татковината.

Дарот од Севишниот носи и обврска: да го сочуваме она што предците ни го оставиле и да им го предадеме на потомците со крената глава. Македонија да биде земја во која ќе сакаат да останат, во која ќе можат да се вратат и со која секогаш ќе се гордеат.

Нека биде благословена и сочувана Рајска Македонија, сега и секогаш и во вечни векови.

Амин!

Најново од: Коментари

Блиски сме и треба да си помагаме

Има подадени раце што човек ги памети цел живот. Особено оние што ги примил во тежок час, кога иднината на неговата татковина била неизвесна. Јас ја паметам подадената рака од Бугарија. Ги паметам луѓето, помошта и зборовите што тогаш ни даваа надеж. Токму затоа денешните блокади и оспорувања ме погодуваат толку длабоко. Во 1991 година, […]

Историските судбини на Македонците и Абориџините

Историските судбини на Македонија и на Абориџините (првите народи на Австралија) припаѓаат на два целосно различни контексти — европскиот геополитички и глобалниот колонијален контекст. Сепак, анализирано од аспект на социологијата и филозофијата на историјата, меѓу нив постојат силни паралели во механизмите на страдање, обидите за асимилација и борбата за самобитност. Македонија: По Балканските војни и […]

Зошто на бугарските политичари им пречи рамноправна Македонија во Европската Унија?

Што би изгубила Бугарија доколку покрај себе има стабилна, напредна и рамноправна членка на Европската Унија? За бугарските граѓани тоа би значело постабилно соседство, подобра поврзаност и поголеми можности за соработка. Но за политичарите што ја користат европската перспектива на Македонија како средство за условување, таквиот развој би значел губење на важна политичка предност. Токму […]

23 Октомври – завет за слобода, повик за единство и одговорност кон Македонија

На 23 октомври 2026 година се навршуваат 133 години од основањето на Македонската револуционерна организација-ВМРО. Нивниот завет нè повикува да ја чуваме Македонија, да го почитуваме жртвуваното и со чесна работа да ја градиме иднината на поколенијата што доаѓаат. На 23 октомври 1893 лето Господово, во Солун, шестмина македонски дејци ги поставија темелите на Организацијата: […]

Никогаш не прашувај чиј празник е 23 октомври, прашај се, ЧИЈ СИ ТИ?

133 години од солунскиот завет за слободна Македонија – празникот нè соочува со сопствените корени, со жртвата на предците и со нашата одговорност пред поколенијата. 23 Октомври, денот на основањето на историското ВМРО, за мене е најголемиот и најсветлиот ден за македонскиот народ – светлина на светлината, симбол на неговата решеност да се избори за […]

Македонија ни е заеднички дом — да ја сочуваме за нашите деца и внуци

Постојат моменти кога секој од нас треба да се запраша: каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца и внуци? Држава во која ќе сакаат да живеат и да создаваат, или роден крај во кој ќе се враќаат само за празници, со куфер во раката и тага во срцето? Тоа прашање треба да нè собере […]

Античка Ега открива гробница на македонски благородник и неговата сопруга

Внатрешноста на македонската гробница откриена во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина). Фотографија: Ангелики Котариди Оригинален текст: Дарио Радли, објавен на 1 април 2024 година Археолозите открија македонска гробница на лица со висок општествен статус во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина), во […]

Каде се европските стандарди за правда?

Вториот пасош не смее во практиката да вреди повеќе од правосилната судска пресуда. Каква порака добиваат граѓаните кога Македонија бара правосилно осудено лице, а тоа престојува во соседна Бугарија, членка на Европската Унија, и јавно се појавува во нејзините медиуми? Како да веруваат во еднаквост пред законот ако пресудата останува неизвршена, а второто државјанство изгледа […]

To top