Култура и туризам

Од тетоски Колтук у Гостијар

tetoski-koltuk

tetoski-koltuk

Тетовски дијалект и убави „песње“ можеа да се слушнат по тесните гостиварски сокачиња само до пред неколку децении. Малата населба почнала да станува соперник во растежот на веќе големата касаба Тетово

Гостивар – Од авлиите на старите трошни куќарки како и низ тесните сокачиња на гостијарско Македонско маало до пред неколку децении можеле да се слушнат тетовскиот дијалект и убавите „песње“ за Трпана, Благуња и за другите „прочуене тетовчанќе“. Но со честите преселби и со смена на генерациите, маалото се изретчило. Сепак, тоа до ден-денес остана големата гордост на Гостивар покрај Џамиџиди, Саат маало, Пурде, Ново маало…

На што се должела оваа традиција и кој се’ ја протежирал прочуената тетовска култура во соседната мала населба, на само неколку километри од изворот на легендарниот Вардар и соперник во растеж на веќе големата касаба Тетово, која веќе ги имала сите белези на град? Одговорот можеби треба да се побара во срцевината на прославената поговорка на ѓузеллик (убавиците) и хизли кадинлар (итрите жени – тур.) тетовчанќе.

Милош Смиљановски, пензиониран професор по македонски јазик и хроничар на Гостивар, се надоврзува на неа и на сите оние што не ја слушнале приказната и во секоја пригода ја пренесува како аманет на помладите генерации „гостијарци“ наследен од постарите роднини, познајници и блиски пријатели и цитира: „Жене тетовчанќе, мужи гостијарски“!.

Оваа „идеална“ комбинација се задржала до денешни дни, но сега, нормално, постојат и повратни примери. Луѓето и времињата се подложни на промени, зарем не?

tetoski-koltuk2

И ден-денеска кога ќе ги прашаат тетовки како им е животот, тие се едногласни: „Животот ни е убав, имаме се’, ни недостасуваат мужите гостијарски!“. Ова е приказната на гостиварци. Ова колку да не останеме покуси едни кон други, шеговито ќе забележи Смиљановски и продолжува да ни ја раскажува историјата на овој вид преселби.

„При крајот на 19 и на почетокот на 20 век, во малата населба на левиот брег на Вардар, Гостивар, почнале да пристигнуваат првите ’ластовички’ од Тетово, градот на Пена, населба со градски традиции и белези. Малку на мајтап, малку на вистина, многу шегобијци на кои им било по малку криво што некој се оженил за прекрасна ’зевкле баѕан дузенленир‘ (вкусно дотерана дама), попусто се обидувал да им го урне високото реноме што го уживале и го демонстрирале со секоја нивна одмерена постапка. Демек, мома за која не можело да се најде прилика и дом во Тетово, била за ’рамења испраќана у Гостијар‘ за таму да си свие семејно гнездо и да си го најде к’сметот. Но не било така. Невестите кои дошле од Тетово сосема го оправдале своето домаќинско потекло, својата висока свест, морал, знаење и умеење“, вели Смиљановски.

Впрочем, тогашното Варош маало, а подоцна и Македонско маало, било местото врз кое се насадиле нови вредности и навики кои ја зацврснале и ја оплемениле новата градска средина. Гостиварките многу научиле за вредностите на градското живеење , им биле пренесени традициите и обичаите за празнување на верските празници, за градската мода, рецепти за варива и за подготвување слатки. Всушност, тие извршиле еманципација на гостиварките.

Прва го скршила мразот, како што се сеќаваат старите гостиварци, познатата „теза“ (тетка) Јоаница. Се разбира, кога стасала во своето ново место на живеење, не била теза, туку невеста тетовка. Таа била мајка на Страко лимарот, а во куќата на Јован дошла облечена во традиционалните призренски „чинтијане-димије“. Таа била малку повозрасна од Трпана и од Благуња, двете тетовски убавици за кои се испеани прекрасните народни песни, кои до денешни дни останаа легенди на уметничката и на историската сага на градот под Шара, но и за цела Македонија и пошироко.

За „другачќете“ и „комшиќете“ на Трпана и на Благуња од тетовски Колтук, кои своето гнездо го свиле во гостиварското Македонско маало, нешто повеќе слушнавме од Љубомир Јовановски-Кара, писател, внук на Гашојца, која меѓу првите девојки од Тетово се омажила за гостиварец.

„Јоаница ни беше подалечна роднина, но доста блиска. За неа сум слушал дека била голема домаќинка и за тоа време многу образована. Според кажувањата на баба ми Гашојца, неколку години по Јоаница, во Гостивар стасала Сава, баба на Гашојца, која била девојка од многу богато семејство. Таа имала четворица браќа и сите тие се занимавале со пушкарски занает. Ова угледно семејство на Петревци од тетоски Колтук имало големи површини со лозје. По кажувањето на баба ми, косата ја миела со ракија, а за време на ручек, наместо вода, семејството пиело само вино. Баба Гашојца имала маќеа по име Евра, многу лоша жена. Но таа упорно тврдела дека сите добри навики и табиети ги стекнала благодарение на својата прочуена чистотија и строгост. За Благуња и за Трпана кажувала дека и’ биле комшивки во Тетово, но тие биле малку повозрасни од неа“, раскажува Јовановски.

Нешто подоцна во Гостивар пристигнале и Миља, мајка на гостиварскиот хроничар и писател Милош Смиљановски, внук на теза Јоаница, потоа Антојца, сопруга на сарафот Анто, Столејца, прославениот кондураџија Столе Михајловски, мекамлиски тивката сопруга на самарџијата дедо Иљо, потоа браќата Славко и Војо Сотировски, трговци доселени од Маврово кои се ожениле за Перса и за Јелица, Драган Тримчески, кој во Гостивар се доселил од Галичник и се оженил за Љуба, како и многу други. Гостивар станал Тетово, а Тетово станало Гостивар.

А времето безмилосно тече исто како и бистрите води на изворски Вардар. Можеби овие сведоштва реката тивко ги разнесува таму до каде што допира по своето течение се’ до Солун. Можеби. Но нивната срцевина засекогаш останува тивко да шумоли низ гостијарските сокаци како вечен потсетник на некогашното Македонско маало.

Киро Кипроски

Најново од: Култура и туризам

27 октомври е Петковден, ден кога душата се смирува, а домот се осветлува!

Честит Петковден на сите што го слават! Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка… Во народната вера, Света Петка се почитува како заштитничка од несреќи и болести, поради што народот ја нарекува и мајка Параскева. Со нејзиното име се поврзуваат многу извори, познати како петочни води, на кои народот им припишува лековитост. Во многу домови во […]

Света великомаченичка Злата Мегленска

Непоколеблива вера и духовна сила пред насилството На 26 октомври, односно на 13 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го чествува споменот на света великомаченичка Злата Мегленска. Нејзиниот живот и маченичкото страдање остануваат силно сведоштво за верноста кон Христа и за достоинството што не се покорува пред насилството. Според нејзиното житие, […]

„Што заборави Европа“ – сведоштвото на Мито Алексовски Клавчов повторно пред читателите

Виктор Бивел Книгата „Што заборави Европа: Борбата на Егејските Македонци“, чиј автор е Мито Алексовски Клавчов, денес е достапна како бесплатна е-книга. Со тоа, сведоштвото на еден прогонет Македонец повторно се отвора пред читателите и пред јавноста до која било упатено: Европа што зборува за еднаквост, слобода и достоинство. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател […]

Архиепископот Доситеј – првиот поглавар и возобновител на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

Од духовните средишта во Преспа и Охрид до возобновувањето на древната архиепископија, македонската црковна историја сведочи за истрајноста на верата и за стремежот кон сопствен духовен дом. Во таа вековна приказна, архиепископот Доситеј зазема исклучително место. Историјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е длабоко поврзана со духовното и културното наследство на Македонија. Во […]

Пожаране – селото на „Благуно дејче“, вековните преданија и духовните светилишта

Пожаране е село во областа Горни Полог, во Општина Врапчиште, сместено на источните падини на Шар Планина. Со својата вековна историја, богато духовно наследство и име опеано во македонската народна песна, тоа живее во паметењето на многу поколенија. Иако иселувањето испразнило многу од неговите домови, песната „Благуно дејче, пожаранче“ и селските храмови остануваат силна врска […]

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

To top