Култура и туризам

ЛЕГЕНДАРНИОТ ГРАД ЛЕБАЈА И ПЕЛАГОНИЈА

Del-od-zidot-na-tvrdinata

Del-od-zidot-na-tvrdinata

Македонскиот град, Лебаја, е познат од митологијата, и е повр­зан со првиот историски потврден македонски крал Пердика I. Тој, според преданието што ни го раскажува Херодот, се наоѓал во Горна Македонија на која и припаѓа и Пелагонија. Локацијата на овој град не е утврдена, а нема ниту историски извори за неговото постоење, освен извесни ономастички појави на просторот на Воденско, Костурско и други места.

Монета од Ајга 1

Лебаја е градот во кој, според легендата, бегајќи од Арг, тројцата браќа, потомци на Темен – Аероп, Гаван и Пердика, дошле кај тамошниот крал, чие име не се споменува, и се главиле да му го чуваат добитокот. Едниот од постарите браќа, Аероп ги пасел коњите, а Гаван говедата, додека најмалиот брат, Пердика, овците и козите. Тогаш населението било сиромашно и кралот немал слуги, туку во домот работела него­вата жена. Месејќи леб за тројцата браќа таа забележала дека лебот кој го ме­се­ла за најмалиот брат, Пердика, нараснувал двапати поголем од лебовите на други­те двајца браќа. Ваквата појава, пророците на кралот ја протолкувале како негативна и го сове­тувале кралот да ги избрка браќата од неговото кралство. Тој тоа и го направил, со тоа што ги викнал и им рекол да си заминат. Кога тие побарале да им плати, тој им рекол дека плата ќе им биде светлината од сонцето, која од отворот на покривот на куќата влегувала внатре и паѓала врз подот во собата. Додека другите двајца браќа се вознемириле, Пердика мирно се согласил со таквата „плата“, го заокружил местото на кое паѓала светлината со малиот меч што го имал при себе и три пати, симболично, зацрпил со раце од неа, „ставајќи” ја во пазувите. Потоа тројцата браќа заминале.

Монета од Ајга 2

По заминувањето на Гаван, Аероп и Пердика, кралот бил советуван од еден свој совет­ник дека згрешил што ги пуштил браќата да заминат, бидејќи постапката на Пердика значела дека тој ќе му го земе кралството. Кралот испратил коњаници во потера по браќата за да ги престигнат и убијат. Во тоа време реката, која браќата штотуку ја преминале, толку надошла што потерата не можела да ја премине, и се вратила на­зад. Браќата дошле во Долна Македонија, во просторот на Костурско и се населиле во близина на таканаречените Градини на Мида, син на Гордиј, кралеви од бригиско потекло (Бригите на територијата на Македонија живееле до доцното железно време и имаат сродности со Македонците), блиску до планината Бермион.

Монета – Пердика I

По заземањето на тоа место браќата почнале да преземаат походи против околните кралства, заземајќи ги останатите делови на Македонија и продолжувајќи да владеат со неа. 1 Прес­тол­нината им се викала Ајга, исто како и онаа, која според преданието, ја оформил нивниот предок Каран. Како што истакнува Херодот, потомците на тројцата Темениди, Аероп, Гаван и Пердика, на една река во нивната земја и принесувале жртви како на свој спасител. Првиот крал на кралството бил, токму, споменатиот Пердика кој владе­ел од 707/6 до 659 година п.н.е. 2 Според Херодот, Пердика владеел седум поколенија пред Александар I (498–454).3

Местото на кое се наоѓал гореспоменатиот град Лебаја, во кој работеле бра­ќата Гаван, Аероп и Пердика не е познато, а не е познато ни името на кралот кај кого работеле, бидејќи Херодот нè ни го пренесува. Освен територијалното лоцирање во Горна Македонија за градот Лебаја не е познато ништо друго. Имајќи ја предвид близината на Пелагонија до Воденско, каде дошле браќата по бегањето откај кралот, може да се претпостави дека Лебаја се наоѓал на некоја локација во оваа рамница или во планинските делови кои во антиката ги зафаќала оваа област.

Остатоци од градба на Градиште

НАШ ОБИД ЗА ЛОЦИРАЊЕ НА ЛЕБАЈА

Имајќи предвид дека тројцата браќа работеле кај кралот како чувари на стадата со добиток, не наведува на размисла дека кралството се наоѓало во планинска област, која располагала со соодветни пасишта. Всушност, веројатно е дека и главната дејност и богатството на неименуваниот крал на Лебаја било од одгледување добиток. Затоа, некои остатоци на материјалната култура од постарите периоди, кои се среќаваат во областа Мариово, на левиот брег на Црна Река (ЕРИГОН) предизвикуваат со богатството од разновидни и обемни културни содржини и не наведуваат на помисла дека имаат капацитет на одамна замрено кралство, можеби токму како кралството од горното предание, запишано од Херодот. Дали во некои од нив се крие токму Лебаја, старото кралство во кое чувал добиток еден од најстарите македонски кралеви, заедно со своите браќа? Овде, мислиме сосема конкретно на еден локалитет од атарот на селото Вепрчани, Прилепско, во областа Мариово, односно локалитетот Вепрчки Рид, кој располага со неколку некрополи од различни времиња, почнувајќи од доцното бронзено време, како и со тврдина со нагласени димензии, која се наоѓа на крајниот југозападен дел на ридот, познат како Градиште. Географската местоположба, природните услови и опкружување, како и археолошките остатоци, кои ни се познати до денес на овој локалитет, не наведуваат на ваква смела претпоставка. Притоа, особен аргумент претставува делот од Вепрчки Рид, Градиште со тврдината, која потекнува од праисторискиот период, најмалку од железното време и која располага со површина од неколку хектари, во чиј простор има остатоци од поголем број градби, особено на највисокиот дел од терасестото плато.

Остатоци од тврдината на Градиште

ШТО Е ПОЗНАТО ОД ДОСЕГАШНАТА НАУКА?

Научникот Ј. Калерис, реката која, со ненадејното надоаѓање, ги спасила тројцата браќа од поте­рата ја идентификува со Црна Река (античкиот ЕРИГОН), но во немање на релевантни податоци тешко е да се докаже точноста на оваа тврдење. Хамонд сметал дека реката која ја преминале тројцата браќа, всушност, била граница меѓу две кралства. Едното било бригиско, она од кое избегале, а другото македонско.4 Доколку се при­фа­ти дека реката од преданието е ЕРИГОН (Црна Река), може да се констатира дека Лебаја треба да се бара некаде во Пелагонија, а можеби и во Мариово кое во тоа време припаѓало кон Пелагонија. Имајќи предвид дека и во двете области има голем број значајни археолошки локалитети, со населби чии имиња најчесто не се познати, мо­же да се претпостави дека на некој од нив во древноста постоел токму градот Ле­ба­ја, еден од најстарите градови на територијата на Маке­до­нија, споменат во старите извори. Имињата на тројцата браќа Аероп, Гаван и Пердика се посведочени на епи­граф­ските споменици низ Македонија, а имињата на Пердика и Аероп дури и како „кралски”. Имиња на Аероп и Гаван се застапени на натписи пронајдени во Бероја, Егејска Македонија, во Линкестида Битолско, Граешница, Демирхисарско и на други места. Пронајден е и облик на името на градот од Горна Македонија, Лебаја, на нат­писи­те на светилиштето на автохтоната мајка на боговите во селото Леукопетра (Извор), како Алебеа.5 Пердика I се споменува само уште во еден историски извор. Тоа е античкиот историчар Диодор кој известува за тоа дека кога Пердика посакал да го прошири своето кралство за совет се обратил до пророчиштето во Делфи, а се споменува дека неговата мајка се викала Клеоника.6

Вепрчки Рид

Најново од: Култура и туризам

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

To top