Култура и туризам

ИЗРАЕЛ – ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈА (2)

aksg1

aksg1

ДЕЛ ОД ВИСТИНИТЕ ЗА ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА

axdxk2

Според преданијата, христијаните го чекаат повторното појавување на Исус, муслиманите го чекаат појавувањето на зелениот конец кој треба да ја поврзе Ал – Акса со Маслиновата Гора, а Евреите чекаат да се појави, како што тие велат, вистинскиот месија, но не знаат како точно треба да изгледа

Израел не е само земјата на минатото, туку таа е земја на денешницата и иднината. Во Ерусалим се наоѓа музејот „Јад ва’Шем“ чија мисија била да изврши комеморација и документација на настаните, како и целосна селекција, истражување и публикување на доказите за холокаустот, потоа да направи избор и регистрација на имињата од жртвите, како и понатаму да истражува и да ги едуцира генерациите што доаѓаат. Оваа современа институција на Израел е една од најопремените во светот која може да послужи за пример.

Во Тел Авив, пак, се наоѓа Музејот за дијаспората. Овој музеј ја отсликува и презентира историјата на еврејскиот народ од времето кога тие биле истерани од земјата Израел. Музејот за дијаспората го презентира вистинскиот и единствен историски развој на еврејскиот на­род континуирано во целиот период на постоењето.

Преку прикажување на култур­ни­те, националните, образовните, семејните, религиозните и друг напредок, преку на­по­рите и настојувањата кон поубава иднина се сака да се стекне, да се придобие, од­носно да се трасира еден широк двонасочен пат на личната и многувековна историска карта на идентификацијата на еврејскиот народ.

Македонско-израелските мостови на поврзување, соработка и заемно почитување траат од многу одамна. Почнувајќи од древниот период па сè до денес, Израел како и Македонија бил, е и ќе биде раскрсница на различни нации, цивилизации, култури, јазици и религии. Затоа, со право се вели дека историјата на Евреите и историјата на Македонците е тесно поврзана.

Почнувајќи од древните времиња на Александар Македонски, периодот на Римјаните и Византија, отоманскиот период па сè до следните светски војни, ќе се види дека Израел и Македонија имале слична, ако не и идентична судбина. Имено, низ овој долг и важен период во Македонија само две нации го избрале името на земјата како дел од нивниот идентитет – древните Македонци и Македонците денес.

Македонците ја добија својата независност, социјалните, политичките и културните права во 1944 година, за во 1991 година да се конституира независна, суверена и самостојна држава – Република Македонија, а Евреите ја конституираа својата прва татковина Израел во 1948 година.

Меѓу другото, во летописот на Ерусалим се наоѓа и името на Александар Македонски. Имено, Ерусалим бил освојуван од бројни воини, меѓу кои и од Александар Македонски. Ин­тересно е тоа што градот доживува значаен процут за времето на Александар Македонски, кој овде дошол во 332 година пред новата ера, про­терувајќи ги оттука Персијците. Во неговото време, како и во времето на неговиот наследник Птоломеј, Ерусалим јакнел како религиозен центар и станал израз на духовната хармонија на Израелците.

akzhv3

Тора (Свето писмо)

Христијанството во Македонија започнало да се проповеда уште во апостолско време. По прифаќањето на христијанството, апостол Павле станал првиот проповедник на новото месијанско учење при своите мисионерски патувања. Апостол Павле, за време на својата мисионерска дејност, спровел повеќе патувања, во текот на коишто тој проповедал меѓу еврејското и паганското население. Апостол Павле во Македонија бил четири пати.

Во тоа време Македонија била во составот на  Римската Империја, исто како Израел, така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Едно од првите споменувања за патувањата на апостолите во Македонија се наоѓа во „Дела на светите апостоли“ најверојатно напишано од страна на апостол Лука.

Евреите, пак, во долгиот и тежок пат на опстојување, во времето кога Римјаните го разрушиле Ерусалим и во пламенот на огинот изгорел Светиот храм, тогаш Јудеја била разграбена и опустошена. На Евреите им било забрането да живеат во нивната татковина Јудеја, со што настапува големото еврејско раселување по светот. Потоа во Јудеја доаѓаат муслиманите, крстоносците, Отоманците и секој на свој начин се однесува кон овој народ.

Според пишаните документи првите Евреи пристигнале во Македонија за време на Римското Царство, кога Евреите пребегнувале од Израел поради гонење. Најстар доказ за постоењето на Евреите во Македонија е старата синагога која потекнува од III век пр.н.е. во античкиот град Стоби.

Поголемите македонски градови како што се Солун, Скопје, Битола, Штип и други привлекле голем број Евреи и оваа заедница била во мошне добри односи со другото население во Македонија.

Кога се пишува, пак, за тој мрачен дел од историскиот развој на Евреите во Македонија треба да се каже дека тоа има една друга димензија. Имено, судбината се поиграла со Евреите во април 1941 година, кога бугарската војска, која била сојузник на Силите на оската, навлегла во Македонија и окупирала голем дел од територијата.

Така, на 4 октомври 1941 година, Бугарите вовеле закон со кој меѓу другото им забраниле на Евреите да бидат на каков било начин вмешани во општеството. Малку подоцна, Бугарите ги собрале речиси сите Евреи од Битола и ги преместувале во посиромашни и помизерни делови за живеење.  Наскоро, во 1942 година, Бугарите во Македонија и Егејска Македонија (северна Грција) започнале со депортирање на Евреите.

Во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, во Скопје, кој тогаш бил привремен концентрационен логор. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупаторски власти, биле уапсени 7.144 Евреи, потоа транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани.

Во спомен и сеќавање на погубените Евреи, во Скопје е изграден Музејот на холокаустот, кој по музеите во Ерусалим и Вашингтон е трет музеј во светот и прв во Европа посветен на жртвите на холокаустот.

Во оваа пригода сакаме да потенцираме дека како македонски Канаѓани сме живееле и патувале во многу места во светот. Сме виделе и сме истражиле многу земји, нивните истории, култури, народите и нивните религии, политиките и сите аспекти од нивниот живот. Во текот на нашите патувања и посети на над педесет земји, научивме многу од нивните народи, култури, истории од секоја земја поединечно. Многу од земјите треба посебно да се почитуваат, некои не‘ импресионираа повеќе, некои помалку, а ни една земја во светот не’ не восхити со своите постигнувања како што тоа го направи Израел и еврејскиот народ.

akdks4

Македонското сонце

Во исто време да се патува по „Светата земја“ е голем предизвик, зашто таквото патување е повеќе од секое друго; таму се патува низ библиската земја, во земјата на пророците и патријарсите, низ земјата на царевите, земјата на апостолите… Да се чекори по земјата на Христовото детство, по бреговите на реката Јордан, на Галилејското Езеро и на Мртвото Море, по земјата осветена од Исуса Христа е ретко доживување за секој христијанин, за секој човек без разлика на неговите религиски убедувања и верувања.

Прв пат, но не последен го посетивме Израел во 2001 година, а спомените ни се враќаат постојано и многу пати од тогаш до денес. Сме имале средби, другарувања и разговори со голем број Евреи не само во Израел туку и ширум светот. Затоа увидовме некои посебности во убавината на двете земји и народи, а во исто време огромни сличности во нивните судбини, минато, сегашност и иднина, како и предизвиците со кои тие се борат со текот на вековите.

Што е тоа и зошто Израел напредува многу повеќе во споредба со Македонија, во многу аспекти од животот; на економски план, во религијата, културата, земјоделството, армијата, соседството, дијаспората… Тие беа прашањата кои не‘ заинтригираа, а кои се обидовме да ги елаборираме во ова дело. Сакавме да видиме како Израел ги решава прашањата и проблемите, слични на оние што Македонија се соочува денес. Како и што треба да се учи од Израел и еврејскиот народ, што би помогнало на Македонија и македонскиот народ за подобрување на иднината на државата, нејзината економија и живот во целина? 

Исто така, преку репортерските записи од патувањата по „Светата земја“ во кои се дадени бројни податоци, нашата цел во ова дело е да ги запознаеме Македонците во Татковината и во дијаспората со историскиот развој на Израел, периодот на Исус Христос, со јудаизмот и христијанството, како и со вистината за Израел и Евреите.

Од друга страна, пак, нашите намери се на Евреите да им презентираме дел од историските факти за Македонија и македонскиот народ од времето на Филип и Александар Македонски до денес. Потоа, нашата цел е да го прикажеме историскиот развој на Македонската православна црква, на Македонците во соседните земји и во дијаспората, на Евреите во Македонија, со што читателот ќе може да добие поцелосна слика за судбината и вистината на македонскиот народ и на Македонија .

Продолжува

New Picture

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

To top