Култура и туризам

За некои Mијачки печалбарски обичаи, посебно од Галичник

galicnik

galicnikКај Галичаните и посебно кај Мијаците постојат бројни обичаи (и обичајни права) сврзани со печалбарството. Тие се почитувале како неприкосновени и важечки животно нормативни и претставуваат мошне драгоцени извори за осветлување на печалбарството како социјална и стопанска појава, истовремено се и важни елементи за етнопсхологијата на Мијаците.

Тргнувањето на печалба претставувало голем настан за секое мијачко село. Тоа се објавувало со пукање на пушки во Галичник, а во с. Гари со чукање на селските камбани. На пат се тргнувало обично во понеделник или среда, најдоцна две недели по Крстовден за разлика од ќаите кои ги напуштале селата на Крстовден. Храната за пат (потнината) се подготвувала уште во саботата. Изутрината пред тргнувањето на печалбарот, пред неговата куќа се поставувала софра за појадок, на која се поканувале најблиските роднини. (Во селото Гари при одењето на печалбарите пред нивните куќни прагови се палела слама, а преку огнот се фрлало жито. Водата се истурала на тој начин што печалбарот го турнувал садот со нога, а жената го попрскувала со останата вода. На печалбарот му се давал дренов стап за да биде здрав како дрен.) Во тоа време некое девојче од роднините или комшиите (девојчето морало да има живи родители) се испраќало на чешма за вода. Се полнеле толку букариња вода колку што печалбари се испраќале од куќата. Дури одело по вода девојчето не зборувало ништо. Донесената вода се викала м’лчена вода, (М’лчена вода – од тргнувањето по водата до чешмата и враќањето со неа не смее да се проговори со никого. (Панајот Гиновски во својот зборник оваа вода ја вика црпена м’лчејќи. Со овој обичај се среќаваме и во свадбените обичаи.) До донесените букариња се ставало откорнато парче земја со трева и една пара. Кога заминувал печалбарот ја згазувал тревата, ја земал парата, а бусенот потоа се ставал пред домашната икона.

Кога  групата печалбари ќе тргнела од Галичник на пат, нивните роднини и пријатели ги испраќале до одредено место, оддалечено од селото до два часа одење. Во Галичник ова место се викало пладновишче во Гари, пак разделишче. По правило тука се приредувал заеднички ручек. Секое семејство ќе се издвоело, ќе постелеле мутавче и ќе ручале. Се јадел комат со ориз, специјално приготвен за испраќањето. За време на ручекот се благословувало: Ај да ни е среќно! Добар пот! Добро видение! Аирлија да ни е праќањето, и др. Пред разделбата ја пееле песната:

Жали моме, да жалиме, еј моме,

како ќе се разделиме, еј моме.

По разделбата, на враќањето в село, испраќачите праќалените береле кукурек и шума, за да биле печалбарите здрави како кукурек и да се врателе од печалба како шумата и тревата во пролетта. Доаѓајќи дома од насобраните билки ставале запотки на вратите (За здравоживо како шумана што никнет.) Вечерта домашните вареле бакрдан.

Интересно е да се одбележи дека некои од печалбарите (тие морале секогаш да јаваат коњи) брзале да се вратат дома, престигнувајќи ги своите домашни. Всушност овие повратници, повраќалени – сакале уште една ноќ да преспијат дома. Во прашање биле обично помлади луѓе. Вечерта дома за нив пржеле тиганици. В зори повраќалените брзале да ја настигнат својата група печалбари на нивниот прв или втор конак. На патот до крајното место на своето патување, печалбарите ноќевале под отворено небо, обично на одредени, познати места што ги викале конаци. Својот пат го мереле со нив. Така патувањето со коњски каравани до Белград траело 12 конаци, а до Букурешт 14 конаци. Инаку секоја печалбарска група имала свој старешина – мајстор или устабашија. Тој погодувал за одредена работа онолку луѓе колку што му било потребно и тие биле наполно зависни од него. Спогодбата се склучувала од Крстовден или Митровден до Ѓурѓовден или Петровден за утврден паричен износ. Секоја печалбарска група на своите конаци обично го ангажирала старешината од соседното село да ги чува до одењето, зашто печалбарите често биле напаѓани и ограбувани, а немале можност за одбрана. При напад се спасувале со бегство, а на загинатите печалбари групата им  подигала споменик на тој начин што на местото каде што печалбарот бил отепан, се правел куп камења – грмада. Секој Мијак што поминувал покрај тоа место фрлал на купот по еден камен, за да му тежел на убиецот.

На печалба заедно со возрасните луѓе се испраќале и деца, почнувајќи од нивната десетта година. На одење домашните на децата им нижеле низалки од костени, суво грозје и јаболка. Децата ги викале први солунчиња. Ги облекувале во нова облека. Децата работеле обично како слугинчиња во поимотни турски, грчки или еврејски семејства. На ваква работа „главување на кадана“ тие останувале по неколку години, дури да го научеле јазикот и „да коснеле туѓ леб, за да го поштуват својот“.

Очигледно е дека речиси сите наброени обичаи сврзани со тргнувањето на печалбарите на пат, имаат строго одредена смисла и симболика и со нив треба да се постигнат одредени цели, да се обезбеди среќен пат и добра заработувачка на печалбарите во туѓина како и  нивното среќно враќање дома.

Лепопсава Спировска, За некои мијачки печалбарски обичаи посебно од Галичник, во книгата Бигорски научно-културни собири, Прв научен собир, Гостивар 22-23 октомври 1971

Подготви: Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

Свети Нестор – празник на верата, народните верувања и есенското садење

Меѓу празниците што ја поврзуваат духовната традиција со секојдневниот живот на македонскиот народ е и празникот на светиот маченик Нестор Солунски. Неговиот спомен, кој се празнува на 9 ноември, ден по Митровден, во одделни македонски краишта е проследен со обичаи за заштита на житото, садење овошки и почитување на мајсторскиот труд. Именден на овој ден […]

Свети великомаченик Димитриј Солунски – Митровден

Именден слават: Димитар, Димитриј, Димитрија, Димитрие, Диме, Димо, Митре, Митко, Мите, Димитрина, Димитрија, Димка, Митра и Митка На 8 ноември, односно на 26 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на светиот великомаченик Димитриј Солунски. Празникот, кај народот познат како Митровден, со векови зазема значајно место во духовниот и […]

Свети апостол Јаков, брат Господов – првиот епископ на Ерусалим

На 5 ноември, односно на 23 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на свети апостол Јаков, брат Господов. Според православното предание, свети Јаков бил син на праведниот Јосиф од неговиот претходен брак. Називот „брат Господов“ се поврзува со неговото место во семејството на Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. […]

Пренос на моштите на свети Јован Рилски – празникот и историјата на Рилскиот манастир

На 1 ноември, односно на 19 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележа преносот на моштите на свети Јован Рилски. По повод празникот, потсетуваме на неговото духовно наследство и на историјата на Рилскиот манастир — светилиште во чија изградба и украсување учествувале истакнати градители, зографи и копаничари. Свети Јован Рилски […]

manastir-selo-sogle

Манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“ кај Согле – духовен мир во срцето на Азот

Во прекрасен планински амбиент, на околу три километри од селото Согле, во Општина Чашка, се наоѓа манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“. Сместен во областа Азот, на околу 30 километри југозападно од Велес, овој храм е место на молитва, тишина и душевен спокој. За историјата на манастирот се зачувани малку пишани податоци. Според достапните записи и […]

To top