Култура и туризам

Соништа

sonista

sonistaДа му даваш некому бастун на сон, ќе му даваш пари

Во месец маија 1898 г. сонуа Марија снаа ми еден сон како да го гледала Ордана сина ми во едно батачиште, Боже не дај; се врткал се сучкал како да го помини тој пусти батак, немало од кај да помини.

– Леле, море, Ордане – му велела Марија –  ами сега како ќе поминиш низ овој пусти батак? Врати се, бре брате, врати се, оти не се поминуа тој пусти батак.

Во истото време сум се претставил јас пред нив, со бастуно в рака, и на часо је текнало на Марија да му речи на Ордана: да ми го посака бастуно да го помини батако.

– Дај му го, тате, бастуно – му рекла Марија.

На часо су му го дал бастуно на сина ми Ордана и се преврлил преку батак, без да се навалка од калта. Коа видела Марија оти поминал Ордан со бастуно мој, многу се израдуала и мене многу ми благодарила.

Со истата радос се разбудила Марија и ни го раскажуаше истио сон и се чудеше за ошто ќе му излези на Ордана.

По некој саат, да блаосоиш, еве ни една жена стројник дојде за Ордана, за едно девојче да го вршиме. Се дадоа зборои, се зедоа со стројничицата, и се кандисав јас да го свршам, при се што не гледав со очите, ама со зборо да даам јас колку пари ќе треба за свадбата. Најпосле кандисав да даам и да го женам и да го куртулисам од батако, од аџамил’ко што го имаше.

Оздравување од лоша болес со миење со вода преноќевана во црква

Васил Попов, амуќар од с. Зубовци (Тетоско) беше се поболил од една лоша болес во г. Софија и лежал многу болен, што не можел крајо да си го најди. Бре по еќими, бре по попои, бре по ѓаоли и врази давал пари само и само да најди сељамет, арно ама пуста болес не била од нешто друго, ами била од надворштиње, тики затоа не можел да најди сељамет.

Откоа видел оти сељамет немат, сторил ниет од Софија да си оди на село, та белким тамо ќе најди некој сељамет, аслим и нашол, ја, откоа си ошол на село.

Откоа отишол в село, почнал да бара лекои по баби и друзи жени. По неколку дни, сонуала еден сон Ефтојца како да беше нашла во црквиштето растурено од Свети Димитрија и го чистела (асли и таа си го чистила и кандило си палила од дамна време тоа црквиче, чунки на сон е дошло да го чистит и кандило да палит) и видела три жени кај си стоеле во црквичето; пред жените имало едночудо јајца црвени; ’и прашала Ефтојца за ошто му биле толку чудо јајца црвени, што и донесле в црква.

– Ние не сме ’и донесле јајцата, Ефтојце овде е рекле – ами жени што носеле по цркви и гробишта, за Бог да прости, што ’и раздаале и пред икони што и клаале, тие јајца сет и ние не и јадиме, ами му и чуаме за на тој век да му се најдат.

– Ами заошто ви е грнево со водава што стој овде? – ’и прашала.

– Е, арно оти не праша, Ефтојце, за грнево ова вода што е во грнево да му речиш на попо Димитрија да ја земи и да го измие сина си Васила и едно со едно ќе му оздрави болеста што ја имат.

Едно се разбудила Ефтојца и со радос отишла во Зубовци при попа Димитрија и му кажала соно што го видела ноќта.

На тоа згора нашла мунасип Ефтојца да клаат едно грне со вода во црква на тоа место кај што го видела на сон ноќта. Зела Ефтојца едно грне откај попа Димитрија и дошла дома, та го клала грнето со вода на тоа место кај што го видела соно, та преноќевало и утрото го однесла кај попа Димитрија и го измиле Васила. За чудо големо уште од тој саат беше се подобрил и од ден на ден си оздравел од арно поарно и по време си дошол во г. Софија и сега си работи при брата си на вурна пишереџија.

Да видиш сон како да подновиш црква

На Спасена од село Галате (Тетоско) куќата и је во маалото Поповци, на крајо, од кај што заоѓа сонцето. Близу до куќата незина има еден даб многу голем Господ знаи од кој век бил тој даб. Околу дабо имало една тумба. Како што си спиела една вечер Спасена је дошло на сон некоја жена и ја потсетила да запали едно кандило кај дабо, многу за арно ќе и бидит. Коа се разбудила, му кажала на мажа је и му посакала печес грошеи за да купи едно кандило и троа масло, та да го пали во петок и недела. Је дал мажо пари, купила кандило, масло и напрајла една камара од камење та го клала кандилото внатре и почнала да го пали и тамо да се крсти во недела, асли и селцката црква јет на другио крај на селото та мака је било да оди дури тамо да се крсти. Оде некое време така и туку една вечер ти сонуала еден друг сон и ја видела пак таа жена што беше ја видела сопрво.

– Слушај, сестро Спасена – је рекла – ти се благодарам на доброто што ми го стори ти мене, ама уште едно добро сакам да ми сториш. Еве што добро сакам да ми сториш, сестро: да ми напраиш на глаава еден чадор, колку да не ми гори сонцето глаава и да не ми врни на глаава, чунки ја има многу години кај живеам околу дабов на мојата куќа што ми је расипана. Ако ми напраиш, сестро, ти тоа добро, јас не само тебе ќе ти напраам добрина ами на секи чоек што ќе дојди овде. Те молам, сестрице, ова добро што ќе ми го сториш нема да ти го забораам. Ако за сега мало, јас ако сум вредна, ќе си напраам старата куќа и да се прославам. Ете така, сестрице Спасена, да сториш како што ти кажуам.

Откако је прикажала жената тоа нешто, си ошла од пред неа, и Спасена се разбудила со виденио сон. За к’смето нејзин је дошол попо да и крсти вода и му го кажала соно се со ред како што го видела. Сетен попо бидејќи, му текнало оти Богоројца била таа и се јавила два пати и кај дабо требало да има некоја стара црква со храмо на Света Богоројца, та ја насрчил да напраи некое црквиче, колку да се поднови старата црква. Со голема радос Спасена била и, за к’сметот нејзин, тогај је дошле троа пари од Цариград од мажа је (мажот је бил алваџија во Стамбол). Од тие пари малце оделила за јадење и малце за аргати и некој мајстор да напраи едно црквиче. Копајќи околу дабо и, за чудење големо, беше излегло една водичка. Напрајла едно црквиче колку да бери десетина души внатре, обесила иконата на Света Богоројца и неколку друзи, запалила кандила и се прочу по сета каза Тетоска. Почнале луѓе да идат да видат што се напрајло, најпоеќе да видат војцата што изврела и најазмо станала. Многу болни и неолни оделе и се миеле за здравје и, за големо чудо, многу души оздравеле.

Што ќе и текни на Спасена, повикале тројца попои да и светат масло и поканила рисјаните од околијата као на маслосветуање. Многу народ дошол и од тој себап останало ката година да се збираат собор кај тоа црквиче Света Богоројца. Баеги пари имала собрани Спасена и имала ниет со Богоројца напред да се напраи црква, како што била некоаш. Црквичето го напраила Спасена во 1893 година, масло светила на ден Велипеток (источник) и ден-денеска на тој ден идат на собор.

Вака се откри и нашио манастир Свети Арханѓел од жената света Марена, наречена од народот.

Да сонуаш како да се излекуаш од лоша болес

Невестата му од Илија Дундов пред три години, во 1893 година боледуваше од грлобол. Не можела ни вода да се напие, ни трошка леб да голтнит, ни па дијо не можела да си го земи, ќе си пукнела во кожа од што мака је било.

– Аман, џанам, барајте ми некој крај, оти за чудо големо ќе си пукнам во кожата!

Не знам колку дни што страдаше од тоа грлоболие, спиење беше кренал Госпо од неа, са ноќ да се преврла како некоја риба отруена во постелата, одошто голема мака. Викнале еќими ѓоа некој сељамет да најди, арно ама се што билка је дале, од никоја сељамет не виде. Ќе умира жена – бити даваси. Удрија по жени лекарки што разбираат стопати од еќим поарно за грло и за друзи работи, арно ама и од нив немало вајде, де бакалам. Бре, кој што рече, сторила, аир немало и друго ништо.

Во сабота вечер била многу лошо и не веруала да остани жива веќе од големата мака што имала таа ноќ. Тамам во темни зори, некако како да беше завенала и ти видела еден сон: као да беше отишла во параклисо „Свети Кирил и Методија“ во варошкото маало. Стоејќи тамо в црква кај што стојат жените, си се крстела и го гледала параклисо каков је напраен.

„Сполај ти Господи – си велала сама со себе си – има толку години од кај што се напраи параклисов во варошково маало, ене каде је и да не дојдам да го видам, гледај што убаина место било! И црквава за убаина била, нека је на помош!

Така си мислела и туку се џарела низ црквата. На тоа размислуање, туку је се преставил пред неа еден стар чоек со брада (зер Св. Кирил, ја Св. Методија) со еден диск в раце, во дискот вода и песок и је рекол:

– Повели напи се од водава, шмркни троа во носот, изми се за да оздравиш од грлото што те боли.

Зела од водата, се напила и си оздравела. Е што радос беше и дошло, веќе нечкај.

Со таа радос се разбудила и кога гледат: како полесно беше и дошло. Брго-брго, зела да се променуа и да се готви да оди в црква. Ја видела мајка је оти се променуа и ја прашала:

– Што ти текна, мори ќерко, што се променуаш, кај имаш ниет да ојш?

– Црква, мајко, сакам да одам, на параклисо „Св. Кирил и Методија“.

И ватила да му го кажуа соно што го видела. Коа ја ислушале мајка је, Илија, момчето је, брат је, ватиле да и се смеат дека веруала сон.

– Ами вакваа, учена си на училиште да веруаш сонои! Коџамити царцки еќими не можат крајо да ти го најдат, со сонои сакаш да оздравиш! Седи си тука, не ти треба црква одење, да не настиниш, та да се сториш полоша.

– Море, да знам да умрам на пато, – му рекла –  и па ќе одам и веруам оти ќе оздравеам. Откоа видоа оти не се запира, ја зеде мајка је и ја однесе на параклис. Едно беше влегла во параклисо за прв пат и едно ја разгледала црквата, на големо чудо станала дека како што беше ја видела на сон, такваа ја виде и најаве, ама истото беше била се како што ја виде на соно. Седела дури се слугало литургијата и на отпус ошла кај бунаро и се измила од водата, се напоила, шмркнала во носо и на часо сетила една голема леснина. Дури си ошла дома, си оздравела, како да не боледуала никоаш.

Подготви: Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

Кралскиот оклоп од Кутлеш – ремек-дело на македонските мајстори од IV век пред нашата ера

Ова не е обичен војнички оклоп. Станува збор за исклучително дело на античкото оружарство, откриено во Кралската гробница II во Кутлеш, на просторот на древната македонска престолнина Ајга. Изработен од железо и богато украсен со злато, оклопот сведочи за моќта, богатството и високото мајсторство на Македонија во IV век пред нашата ера. Кралските гробници во […]

Железната црква „Свети Стефан“ во Истанбул и македонскиот придонес во нејзината историја

Во изградбата и духовниот живот на познатата Железна црква во Цариград значајно место имале Македонци од Охрид, Ресен, Велес и од Егејскиот дел на Македонија. Во нејзиниот двор почива и Партениј Зографски – еден од најистакнатите македонски црковни, просветни и културни дејци од XIX век. Православниот храм „Свети Стефан“ во Истанбул, познат како Железната црква, […]

Мајка Тереза – скопјанката што му припаѓа на целиот свет

Родена во Скопје како Агнеса Гонџа Бојаџиу, Мајка Тереза го посвети својот живот на сиромашните, болните, бездомниците и напуштените. Од улиците на Калкута нејзината мисија се прошири низ целиот свет, претворајќи ја во вечен симбол на милосрдието, пожртвуваноста и христијанската љубов. Агнеса Гонџа Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година во Скопје, како најмлада […]

Охридското Езеро прогласено за најубаво место во Европа – македонскиот бисер пред фјордовите, Тоскана и Барселона

Охридското Езеро се најде на првото место на листата на „Time Out“ за најубави места во Европа, а Охрид е претставен како помирна и подостапна алтернатива на славното италијанско езеро Комо. Уште едно големо меѓународно признание за природното, историското и културното богатство на Македонија. Македонскиот бисер повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Охридското Езеро […]

To top