Култура и туризам

Тајната на крстот Христов во нашиот живот

hristos

Митрополит струмички г. Наум

hristosСветите апостоли Матеј, Марко и Лука во светото Евангелие скоро идентично ги имаат запишано зборовите со кои Христос ги поучува Своите ученици: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене! Оти кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби, а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси’’ (Матеј 16, 24-25; Лука 9, 23-24 и Марко 8, 34-35). Овие зборови со кои Господ лично му се обраќа на секој од нас, денес се уште поактуелни, а ќе бидат и до крајот на овој свет и век.

Забележуваме два дела во оваа поука. Во првиот дел – кога ни вели да се одречеме од себе, да го земеме својот крст и да врвиме по Него – Господ Исус Христос нè повикува да ги поминеме трите степени од нашиот духовен развој: чистењето на срцето од страстите, просветлувањето на умот и обожението на личноста. Значи, намерно Богочовекот Христос ги нагласува трите степени од духовниот развој за наша поука, инаку можеше едноставно да рече: Кој сака да е со Мене, нека врви по Мене! Во вториот дел нè потсетува дека нашата душа е болна и заробена од страстите и дека ако сакаме да ја спасиме трeба да ја исцелиме од нив. Вториот дел од поуката нè освестува за важноста на првиот. И навистина, ако не го освестиме фактот дека сме болни, односно дека сме заробени од страстите, од гревот, од демонот и од смртта, никогаш нема да ја почувствуваме потребата од Лекар и Спасител на нашите души и тела. На луѓето со високо мислење за самите себе, како и на оние што пребиваат во незнаење, им се случува да го освестат фактот за заробеноста дури после доживувањето на сериозни несреќи и болести во својот живот. Да не бидеме како нив!

1. Одрекувањето од себе одговара на првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, и трае сè до отворањето на срцето за умносрдечната молитва. Одрекувањето од себе подразбира одрекување од нашето болно јас, кое заради гревовната навика просто се поистоветува со своите страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие. Токму заради тоа Господ и нè повикува да се одречеме од себе – заради нашето поистоветување со страстите. Исто така, со тоа што овој степен од нашиот духовен развој Господ го нарекува одрекување од себе, сака да нè предупреди дека овој подвиг воопшто не е лесен, и дека нас навистина нè чека одрекување од нашето болно јас. Страстите се тие што го валкаат нашето срце и ја држат благодатта на Крштението закопана и недејствителна во него. Живееме како некрстени, без да ја познаваме полнотата на животот и радоста на благодатта Божја. Нашиот ум останува непросветлен, а демонот, користејќи ги нашите страсти, непречено нè води од искушение во искушение. Целиот живот ни се претвора во една постојана неизвесност, загриженост, несигурност, страдање и мачење. Одрекувањето од болниот себе е предуслов за исцелителна заедница со Бога. Ова одрекување се случува од моментот кога ќе ги исповедаме своите гревови и кога ќе почнеме да живееме под раководство на духовен отец. Само заради љубов и вера во Бога, човек може да се одрече од себе и од своите страсти. Колку ги исполнуваме Божјите заповеди, толку се исцелуваме од своите страсти и толку Го љубиме Бога: „Ако ги запазите Моите заповеди ќе останете во љубовта моја’’ (Јован 15, 10). Исполнувањето на заповедите е аскетска љубов на дело и кон нашите ближни, затоа што ќе ги поштедиме од тоа да бидат објект или средство за задоволување на нашите страсти.

2. Земањето, односно, носењето на крстот е поврзано со вториот степен од духовниот развој – просветленоста и дарот на умносрдечната молитва. Од една страна тоа е голем молитвен подвиг, односно љубов кон Бога, а од друга страна, заради луѓето што нè напаѓаат и мразат, тоа е голем подвиг на аскетска љубов и кон непријателите. На првиот степен демонот нè напаѓа однатре, преку страстите од коишто сме заробени, додека на вториот степен тој не може да нè нападне однатре, бидејќи срцето веќе не ни е заробено од страстите, па затоа нè напаѓа однадвор, преку луѓе кои се негови слуги. Носењето на крстот ја означува токму љубовта и кон непријателите така како што Христос ни покажа на Крстот: „Оче прости им, не знаат што прават” (Лука 23, 34). Господ така премудро го устроил нашето духовно восовршување што, без љубовта и кон оние што на кој било начин ни прават зло (со лоша мисла и чувства, со зборување против нас или со лоши дела), не можеме да поминеме од вториот на третиот духовен степен – од просветленост во обоженост. Љубовта и кон непријателите е конечно уништување на секоја суета, високо мислење и гордост во нас.

3. Одењето по Христос, во вистинска смисла на зборот, се однесува на третиот степен на духовниот живот – обожение, кога човекот е ослободен од страстите и од дејството на демонот и ги љуби благодатно сите без исклучок. Најреткиот дар од Бога што го краси највисокиот степен на духовно совршенство на човекот е непрестајната умносрдечна молитва за спасение на светот. Карактеристична појава за овој духовен степен е т.н. грабнување на умот, кога соединет со Бога умот пребива во Неговата слава и светлина. Молитвата на светите луѓе е највисок креативен дострел што може да го достигне човекот. Молитвата на светите луѓе го држи светот во постоење и нè спасува сите нас за Царството Небесно. Таква молитва имаат Богородица и Светителите Божји.

Како што видовме, Тајната на Крстот Христов ги содржи истовремено и двете димензии: и љубовта кон Бога и љубовта кон секој човек. Или, можеме да речеме дека љубовта кон Богочовекот Христос покажува дека љубовта и кон Бога и кон секој човек е двоедна и неразделна љубов: Ако некој рече: „Го сакам Бога’’, а го мрази својот брат, лажец е:оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? (1 Јов. 4, 20); или, „тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‘Господи кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор и не Ти послуживме?’ Тогаш ќе им одговори и рече: ‘Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле’’ (Матеј 25, 44-45). Богочовекот Христос се поистоветува со секој човек, и што и да му направиме ние на некого, добро или зло, Господ го прима тоа како Нему да Му е направено. Затоа во евангелска смисла на зборот, секој човек што на кој било начин Божјата промисла го внесува во нашиот живот е наш ближен!

Господ да нè чува од лоши мисли и чувства, од лоши зборови и од лоши дела кон нашите ближни, а особено да нè чува од грев кон оние што стојат пред светиот олтар и се молат за нас!

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top