Култура и туризам

Иконописното творештво на Дичо Зограф во Скопје и Скопскиот регион (3 дел)

dico-zograf-1

dico-zograf-1

Веќе во првите месеци на 1857 година, со Дичови творби повторно се среќаваме во Скопје и скопскиот регион. Првично ги работи иконите за црквата Св. Никола во с. Долно Водно која денес не постои, потоа во два наврати во 1857 г. и 1860 г. слика икони и за храмот Св. Богородица во Скопје. Од творештвото создадено за овој храм во 1857 г. запазени се неколку икони со потписи на Дичо Зограф и датирани со 1857 г., а од делата создадени во 1860 г. се издвојуваат царските двери каде ја насликал композицијата Благовештение, со донација на господин Јован Манојловиќ. За жал, од пожарот кој го зафатил овој храм во 1944 г. изгубени се трагите на повеќето од овие икони. Во 1857 г. работи и за иконостасот во црквата Св. Илија во село Кадино каде ги слика двете престолни икони Богородица со Христос и Исус Христос Седржител, потпишани и датирани на 20 април 1857. Следната нарачка при крајот на истата година Дичо, заедно со своите соработници ја реализира во црквата Св. Спас во село Драчево. За иконостасот во овој храм го насликал Архангел Михаил на олтарната врата од протезисот, престолната икона со претставата на св. Харалампиј и празничната икона Вознесение Христово, на која се чита Дичовиот потпис, датата 26 ноември и годината 1857. Останатите престолни и празнични икони и иконите со апостолите се претпоставува дека се насликани од некои од неговите соработници. Иконописната ризница на овој храм денес чува околу педесетина помали икони насликани од раката на Дичо Зограф.

Во 1857 година се среќаваме со неколку негови потпишани иконописни дела и во црквата Св. Троица, село Ѓуменџе, Бугарија. Заради големата ангажираност на Дичо во текот на целата 1857 г., претпоставуваме дека иконите за бугарскиот храм се насликани во неговото скопско ателје каде ги работел и иконите за скопските цркви.

Неговите следни чекори ги следиме во гостиварскиот крај, каде за иконостасот во црквата Св. Марена во село Зубовце, ја насликал престолната икона со претставата на св. Марена која е потпишана и датирана во 1859 година. Во истата година е изведен и иконостасот во црквата Св. Петка во Гостивар, каде Дичо ги насликал престолните икони, но ги работел неколку години претходно, од 1853 до 1856 година.

Од ноември 1859 до март 1860 година Дичо Зограф продолжува со работа во соседна Србија каде во црквата Св. Троица во Врање работи на икони за целиот иконостас. Големиот зафат во овој храм се смета за еден од најзначајните во Дичовото иконописно творештво. Од истата година е и скоро објавената престолна икона Исус Христос Седржител, изработена за црквата Св. Никола во с. Брчево, струшки регион. Веднаш по завршувањето на обемната работа за храмот во Врање, од втората половина на 1860 г., повторно со Дичовите дела се среќаваме во Скопје каде работи во храмот Св. Богородица, како што погоре беше наведено, а потоа слика две икони за црквата Св. Константин и Елена, исто во Скопје. Првата икона Богородица со Христос и светители (кат. 13) е потпишана и датирана: и^ рбки дичд ^шгрдфд девор… 1860 декември 2, а втората Воведение на Богородица и светители, каде во средината на иконата меѓу двете зони, Дичо го оставил својот потпис и ја датирал: и^т» рЅки Дичд ^грдфд 1861 февр\(АрТл 14. Следниот месец, на 23 март 1861 г. го завршил и последното засега познато дело за црквите во скопскиот регион, иконата со светителските претстави на св. Никола и св. Стефан (кат. 14), за манастирската црква Св. Пантелејмон, с. Нерези.

dico-zograf-2

dico-zograf-3По големата творечка ангажираност во Скопје и скопскиот регион, од следната 1862 г., па се до крајот на 1864 г., Дичо својата зографска активност ја префрла во Охрид. Во црквите во Охрид покрај богатото иконописно творештво, работел и живопис во некои од нив: Св. Никола – Геракомија, Св. Богородица – Челница, Св. Богородица Перивлепта, Успение на Богородица – Каменско, Големи Св. Врачи, Св. Никола – Долна Влашка Маала. Во периодот додека творел во охридските цркви, во 1862 г., добива нарачка за изработка на две престолни икони за црквата Св. Архангел Михаил во село Ташмаруништа, струшко и во 1863 г. за три икони од иконостасот за црквата Св. Петар и Павле во Кула, Бугарија. Дичо при престојот во Охрид добивал и приватни нарачки, како на пример сликаната флорална декорација – кантарос со цвеќе (што се повторува скоро на сите парапетни плочи од иконостасите на кои работи Дичо), насликана во нишата на приемната просторија во куќата на семејството Робевци, за кое семејство ја насликал и иконата со Седмочислениците, а за браќата Прличеви во 1864 г. ја насликал иконата со Богородица Слаткоцелујушта.

Следниот Дичов чекор не води повторно во гостиварскиот крај каде во црквата Св. Илија во село Селце, работи на живописот кој бил завршен 1864 г. и иконостасот кој целосно е комплетиран дури во 1866 година. Таа година повторно се навраќа во Охрид каде ги слика парапетните плочи за иконостасот во црквата Св. Богородица Перивлепта и продолжува со своите соработници во реканскиот крај, каде за црквата Успение на Богородица во село Гари, заедно работат на иконите за иконостасот и живописот. За првпат во истата година работи и во тетовскиот регион, во црквата Св. Илија во село Стенче каде ги работел иконите за иконостасот. Веќе следната, 1867 г., Дичо повторно е ангажиран во струшкиот крај каде работи голем број икони за црквите Св. Богородица во село Вевчани и Св. Богородица во село Боровец. При крајот на истата година ја завршува и нарачката за три икони за црквата Св. Илија во село Градец кај Видин, Бугарија. Иако од средината на 1867 г., Дичовата продуктивност се намалува, сепак големиот мајстор продолжува со создавање и следната 1868 година, враќајќи се повторно во Бигорскиот манастир ги слика портретите на јеромонах Теодосиј и игуменот Јоаким во машката трпезарија. До скоро постоеше мислењето дека овие два портрети се последно Дичово дело, но неодамна во селото Белица, кичевско, беа откриени засега последните потпишани и датирани икони, завршени во месец септември 1868 г. За откривање на нови творби на зографот после 1868 г., па се до неговата смрт 1872/73 г., ќе се потрудат идните истражувачи и почитувачи на неговото дело.

Развојот и постојаното надградување на својата уметничка, духовна и јазична култура, големиот мајстор во големи размери го рефлектира врз својата богата ликовна дејност. Неговиот ликовен развој може да го следиме во неколку фази. Првата фаза ги опфаќа

годините околу 1850 г. и неколку години пред тоа, а постојано може да се следи се до 1860 г. Иако на почетокот од оваа фаза тој е се уште под големо влијание на своите учители, зографите Михаил и Димитрија – Данаиил од Самарина, сепак, се гледа постепената потреба од ослободување на геометриското градење на формите, точно предвидливиот преод на инкарнатот од светло во сенка и нагласувањето на барокни декоративни елементи. Но, од друга страна, имаме тенденција за чиста и јасна линија, минуциозна обработка на деталите на облеката, трудејќи се притоа да создаде свој препознатлив манир при сликање на ликовите. Се судрува и со проблеми во решавање на анатомските пропорции на телото, посебно во сцените со повеќе фигури. Но, веќе во втората преодна фаза од средината на 50 – те години почнува да се чувствува посигурно владеење со линијата, послободно владеење при градирање на колоритот, а притоа почнувајќи со пофункционално користење на светлината при нагласувањето на волуминозноста на формите. Во овој период, како куриозитет се издојува почестото користење на златната позадина, посебно на престолните икони. Во третата фаза, од 1860 г., па се до последните дела од 1868 г., веќе се чувствува вештата рака на искусен мајстор, не само при моделацијата на формите со контролирање на интензитетот на боите, туку ја доведува до совршенство и обработката на портретните карактеристики на светителските ликови, а внесува и мноштво декоративни детали на облеката на светителите, како низи од бисери и златни ленти по рабовите и украсни аграфи на наметките. Величината на овој зограф не се состои само во сигурното работење со бојата и линијата, туку и во неоспорно доброто владеење со димензиите на површината на која работи. Заклучокот е дека сосема е невидлива разликата во квалитетот при обработка на иконите или композициите од ѕидното сликарство, што секако е обележје само за врвните мајстори на зографскиот занает. Исклучителните карактеристики на оваа личност (несопирливата желба за нови ликовни и духовни спознавања, необјасниво големиот број на квалитетни создадени дела и влијанието кое го има врз своите ученици и соработници), сами од себе ја наметнуваат потребата за што поинтензивно понатамошно разоткривање на делото и личноста на најталентираниот зограф во македонската црковна уметност на XIX век.

dico-zograf-4

Викторија Грозданова Коцевски,
историчар на уметноста

Премин портал

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top