|
||||
Пајонија е античка држава |
Пајонија е античка држава и област која се наоѓала на местото на денешна источна Македонија, односно се протегала источно од Велес, преку целата долина на реката Брегалница преку Овчеполието и Штип до Кочани и западните и северните падини на Плачковица и Осоговските планини и потоа продолжувала се` до долината на реката Струма. Најбројно население биле античкиот народ - Пајонци. За време на владеењето на македонскиот цар Филип II Македонски (татко на Александар Македонски) Пајонија била составен дел на Македонското царство. Скорешни археолошки истражувања ја лоцираа положбата на најзначајниот пајонски град Билазора, на локалитетот Градиште кај селото Кнежје во близина на Свети Николе каде се откриени влезната порта и дел од бедемот на акрополата на античка Билазора. За прв пат Пајонија се споменува во делото „Илијада“ на слепиот поет Хомер, каде што тој ги претставил како сојузници на Тројанците. Тој опеал дека овој народ живеел на територијата околу реката Аксиј (Вардар), речиси територијата на денешна Република Македонија, претежно источните делови. Во Пајонија влегувале Источна Македонија, реката Брегалница до Кочани, реката Струма, делови од денешна Бугарија и денешна Јужна Србија. |