|
||||
КАНДА – македонскo-ведски клуч на постанокот |
Геоглифот кај Св. Николе кој се гледа од небо наликувајќи на буквата М или на трикратна стрелка, со ориентација север-југ, на височинка во тркалеста форма со димензии од околу 85 на 45 метри, датира од периодот 10.500 години пред новата ера и под него се наоѓа врвна технологија оставена од некогашната развиена цивилизација. Таа технологија, оставена во срцето на древна Пеонија, со посебната вибрација што ја емитува не поврзува со соѕвездието Плеада и има благопријатно дејство на околината, тврди познатата поранешна новинарка, Емилија Гелева. Ова е резултат на нејзиното повеќегодишно мултидисциплинарно истражување на древните вистини за Македонија што ќе биде презентирано во книгата што е во подготовка. Канда, како што месното население го нарекува овој локалитет, како и многу други стари називи од топонимијата на Овче Поле (Пробата), и од поширокиот регион на некогашна Пеонија, се запишани во “Светото знаење“ дадено во Ведите. Нивното значење ја открива најдлабоката македонска историја поврзана со почетоците на цивилизацијата, како и кодираното значење на зборот Македонија. Археоакустичните мерења, направени во два наврата минатата година од странски стручњаци, потврдуваат дека се работи за „вештачка структура“ што се разликува од околната – природна. И на неколку други места во светот се забележани подземни структури што имаат нешто заедничко со локалитетот Канда, но ниту едно не е запишано во Веда, и само Канда на површината го има знакот М што е знак и вибрација за точката на пројавувањето на Господ, кој првично се манифестира во мала јајцевидна форма голема колку палец што лебди на цвет од божур (лотус) во примордијалното космичко пространство. Во старите египетски записи се наведува дека има седум подземни локации низ светот кои во структурата имаат столб на чиј врв се наоѓа јајцевиден камен што се нарекува свет, син, филозофски итн. Каменот е важен поради неговите алхемиски својства со вибрациите што ги дава. Тој камен има навидум цврста структура, но во суштина при допир се претвора во ситно зрнеста пудра или прашина. Се разбира и столбот не е обичен, туку е еден вид калем преку кој се емитираат вибрации, а во Египет е познат како „џед“. Инаку, и Никола Тесла споменува дека човештвото треба да го користи знаењето во Веда, од кадешто и тој црпел информации за своите огромни достигнувања. Местото Канда, судејќи по се, е централно во системот на седум слични места, бидејќи ведските јасновидци тврдат дека манифестацијата на постоењето, настанува низ симболот и вибрацијата на буквата М. Вибрационите формули во Веда познати како мантри, говорат за „космичкиот шум“ Ммм, брум што може да се наслушне од вселената со нашата отворена свесност, и ведските учители велат дека низ вибрацијата Ммм, бесконечното Ааа се сублимира во „точка“ М низ која се манифестира конечното, односно се пројавува Постанокот. Оттука, во најважната ведска мантра од четири збора, Ммм го има во двата – аомммм и хаммм, како најважна вибрација. Инаку, во ведската азбука буквите се изразуваат како дихтонзи: КА, ЛА, МА итн. Затоа, буквата М е М но и МА. Оттука, МаКанда е кодираното име за Маке(н)донија и значи Пројавување на светлината. Александар во Веда е Сканда, а како што гледаме Сканда се содржи анаграмски и во Алек(с)андар. Името на жената на Сканда е Рокана која што тој ја ожени во градот Ма(ра)канда. Ова ни укажува дека Александар Македонски, кој бил просветлен, знаел дека Роксана од Бактрија и припаѓа на белата, светла раса која од овие простори 10.000 г. пред него се имаше населено на делови од територијата на Централна Азија. Според ведската митологија Сканда, како мало дете, е хранет од шесте дадилки, нимфи на Кртика, што на Запад е соѕвездието Плеада. Инаку, Пеон (бог исцелител на Пеоните) е син на Атлас и П(л)еоне која е седмата ѕвезда во Плеада. Лингвистичката споредбена анализа на топонимијата и ведските записи го покажува длабокото метафизичко и скриено (езотерично) значење на зборот и месноста Канда, и на поширокиот регион познат како Пеонија. Се работи за мултидисциплинарно истражување и оригинални откритија за важноста, староста, пошироката поврзаност на ова исклучително древно место кое ја открива длабоката историја на Пеоните и Македонија, но и на светот. Проучувањето укажува на непобитна поврзаност со светогледот на Веда, како засега најстар пишан систем на знаења во човековата цивилизација, во кој постои запис за местото Канда, како и за топонимијата и зборови што се сметаат за стари имиња во Пробата (Овче Поле) и пошироко, што месното население ги зачувало и ги памети, но не знае точно да го објасни нивното значење. Пробата, на пример, значи “врзан со Господ“. Килисели – правото име на Св. Николе значи место на цркви, а црквите се енергетски точки односно чакри. Бригите, кои се дел од древните народи што живееле на територијата на денешна Македонија, во Веда се првите луѓе од „централниот регион“ создадени од Ману, кој е првиот човек што Господ го еманирал со задача да ги создаде првите десет народи во светот. Значи, целта не ни е да докажуваме дека има многу зборови кои се идентични со ведските, тоа е веќе сосема јасно, зашто не само словенските туку и другите европски јазици наоѓаат многу сличности и тврдат дека ведскиот јазик е коренот на нивните јазици. Ние говориме за идентичност на топонимија, на пример, еден од многуте зборови за „вода“ е „вардара“- Вардар е најголемата река што тече низ денешна Македонија, името на стариот пат Кандаваки низ древна Македонија, по кој одел и Александар Македонски, а подоцна од римјаните преименуван во Егнатиа, на санскрит значи “Патот на светлината”. Или, патот што низ Овче Поле водел кон североисток во многу дамнешни времиња го викале П(а)уталија, а водел до Па(у)талија, што е правото име на денешен Ќустендил во Пиринска Македонија. Инаку, Александар Македонски го изградил градот Патала на југот на индускиот брег, а денес најсветиот храм на Тибет е Патала или “Белиот храм”. Поимот „словен“ во својот корен го има ведското „вен, вена“ што значи, централно, главно,сонце, и едновремено значи и “составувач на Веда“, па оттука Словените, генерално, се ведски народи.Познато е дека зборот веда денес најчесто се преведува како“знаење“, но во речникот на македонскиот јазик, како и во Ведските записи, неговото прво значење е „просветлување, молња“, зашто нема знаење без миговно, секавично просветлување. Оттука, Словен значи “вед“, просветлен или оној „со знаење“. Во Ведите се запишани имињата на најстарите пеонски племиња со нивно точно значење, како и четирите мистични (духовни) имиња на буквата М, на што всушност наликува пишаниот геоглиф кај Канда. Првото мистично име на буквата М е збор од два симбола, првиот е симбол за Господ како беспочетност и бесконечност, а вториот е знакот М како точка на негово пројавување во конечност. Освен што има значења поврзани со постанокот, седвигател, тркало на времето, сонце и сл., првото мистично име на буквата М во себе го содржи и значењето на темно сина и црна боја, односно бојата на импринтот, матрицата на постанокот. Мистичните имиња на буквата М, кои се скриени во зборот Канда, и од кои четвртото е мистично име на звукот М, го даваат објаснувањето за божјото пројавување и моментот на Постанокот. Само најважните поими, букви или зборови во Веда имаат мистични, духовни или тајни означувања и имиња, кодови што ја кријат вистината, најверојатно за да се открие во моментот кога за тоа е дојдено времето. Духовното име е резонанта, трепетот на вибрирачката душа на самото нешто. Иако духовните, мистичните имиња можат да бидат осознаени на ниво на чиста свесност од луѓе што се воздигнале до јасновидство, таквите имиња никогаш не се продукт на човечка креација, инвенција или обичај. Овие нешта укажуваат на зачудувачкиот факт дека старите ведски јасновидци пред 12.000 години знаеле за Овче Поле, за геоглифот, за Македонија! Поточно е дека “знаењата“ се однесени од овој дел на светот на Исток во периодот пред првото уништување (10.500г. п.н.е.) на цивилизацијата МаКанда во вечната борба меѓу Синовите на Темнината против Синовите на Светлината, со цел да биде сочувано и скриено Светото знаење за Постанокот. Не само што е физички скриено во тајните места на Тибет, туку, пред се`, е скриено со помош на разни “клучеви“, што сега се декодирани. Таков е всушност случајот и со самото име Македонија и името на Александар, (тие се кодирани и заштитени, со голема причина), а Александар и неговата цивилизациска мисија се дадени и запишани во Ведите илјадници години пред неговото реално постоење. Ведските јасновидци знаеле дека за да ги преживее оштетувањата на времето, Светото знаење мора да се пренесува од колено на колено како жив пламен, исполнет со животен здив. Една од убавините на усното предание, карактеристично за македонската традиција, е што не зависи од интелектуалното разбирање на текстот што се пренесува. Зависи само од точното изговарање на светиот звук, односно од изустувањето на вибрацијата, која што во определен момент е „будечка нота“ за заклученото знаење. Затоа, во Веда семантичкиот одраз на словата (буквите) во вид на слика/знак е второстепен во однос на вибрацискиот, звучен одраз. Учениците кои поминуваат дваесетина години во изучување на ведскиот јазик, поголем дел од тоа време посветуваат на учење на звучниот изговор и на точната вибрација на буквите и зборовите. Проучувачите на Веда спорат околу староста на Ведските записи, некои тврдат дека се стари 3000 г.п.н.е., некои 6000, 12000, но сите се согласни дека „најрано“ нивниот запис е направен околу 1500 г.п.н.е. По овој период наваму се работи за индуска транскрипција на оригиналните Веди. Инаку, по првата катаклизма, всушност предизвикана од голема цивилизациска војна во која е употребено оружје со поголема разорна моќ дури и од нуклеарното, во периодот околу 10.500 г. п.н.е., веќе е извесно дека дел од Пеластите кои живееле на овие простори навлегуваат и во Египет кадешто ги пренесуваат своите големи знаења. Затоа и Египетските и Ведските јасновидци имаат исти знаења и божественото КА, како тајно, духовно име на Господ е запишано во старите текстови и на двете традиции. Канда, меѓу другото, во Веда значи стрелка, раководечки принцип, светилки, јаз,вода, свето место, јазол, главен, магистрален, недостаток на „лапис лазули“ односно недостаток на „син камен“. Ова е посебно интересно, зашто „синиот камен“, во мај 2013г. ни беше откриен во „македонското село“ Зулкарнај, Узбекистан, каде што јас и Марина Дојчиновска ги сретнавме 150-тината последни Македонци кои за себе тврдат дека се потомци од најблиската свита на Александар Македонски и дека таму го чуваат неговиот гроб. Тие ни го покажаа „месечевиот бунар“ и „синиот камен“, кој има цврст изглед но кога ќе се допре станува белкаста зрнеста прашина. Конкретно, „лапис лазули“„ веќе не недостасува на Канда, а во метафизичка смисла не недостасувал и пред тоа бидејќи на само еден километар воздушна оддалеченост од Канда археолозите го открија древниот град Бела Зора, чие име на санскрит или ведски јазик е „бала суриа, или бала сириа“ и во превод значи токму Бела Зора, што е светлина. Сириа значи и сонце, а и во македонскиот јазик е поим за исток кадешто изгрева сонцето. Најинтересно од се` е што еден од синонимите за „бала суриа“ е „лапис лазули“ што едновремено значи „светлина“. Оттука, во Веда имаме порака дека на Канда и треба светлина односно дека тој локалитет треба да биде откриен. Канда и Бела Зора се една целина, а капитолите на столбовите во Бела Зора се украсени со приказ на самиот момент на Постанокот опишан во Веда, како мала јајцевидна, крушкаста форма што лежи на стилизиран цвет - пеон односно божур, обвиен од лево и од десно со стилизирано стебло и листови на божур. Овој мотив е најстариот македонски симбол и може да се најде и на други артефакти. Инаку, во Веда „пушкара“ значи „роден од божур„ а зборот „пундарика“ значи божур и изобилство божури. Изгледа неверојатно, но Пушкарница и Пударница се називи на околните места во подножјето на Канда, што месното население ги користи, а не знае што значат. На англиски „пундарика“ се преведува како лотус, но ведските имиња за лотус освен „пушкара“ и „пундарика“ се и „кандотах“ (бел божур), кандота (темно син) и коканда (црвен) лотус поточно божур. Стилизираниот божур, всушност, е розетата од ливчиња што се наоѓа во центарот на македонското шеснаесеткрако знаме. Инаку, соѕвездието Плеада поради изгледот се опишува и како „космички цвет“.
Пеон е старо име за божур што се користело во делови на Источна Македонија, а бидејќи божур е „божји „ор“- озар“, не зачудува што античките автори значењето на името Пеони го даваат како „Синови на светлината“. Пеоните го почитувале Кандавон како принцип на светлината, олицетворен во сонце или светол соларен принцип. Според римски записи Пеонија се простирала од Алпите до Белото Море. Тука спаѓаат Па(е)нонија, Пе(лаг)онија, Пеорија на север од Халкидик. Некои антички автори го изедначуваат поимот Пеон со Пеор и велат дека тоа значи Синови на Светлината, што патем го има како значење и во Веда. За Пеоните најпочитувани божества се Аполон и сестра му Артемида. Аполон во македонската митологија се поистоветува со Пеон, што Грците колку и да сакале да го избришат – не успеале. Пеон и Аполон е бог- исцелител. Грците подоцна Пеон го преименувале во Асклепион, како што всушност ја преправаат целата македонска историја за да не се следи правата трага. Инаку, Пеон е син на Атлас и П(л)еоне – што е името на седмата ѕвезда во соѕвездието Плеада. Трагите на вистината се неизбришливи, зашто кај манастирот Трескавец, Прилеп, има остатоци од храм посветен на Аполон и Артемида, од пред неколку милениуми. Релјеф на Артемида и Аполон покажува дека тие се исправени пред столб на кој стои претстава на „божествената пројава“ со мала јајцевидна, крушкаста форма. Патем, денес скулптура со “шишарка на столб“ се наоѓа пред влезот на Ватикан.
Слична таква структура способна да емитува специфична фреквенција се наоѓа под површината на геоглифот Канда кај Св. Николе. Тој е физички артефакт, но повеќе од тоа, тоа е запис што ни ја открива нашата длабока историја и потекло. Запис што ни го раскажува не само нашиот туку и човечкиот генезис. Тоа е македонско-ведски код на настанокот. Наша света должност е да ги тргнеме превезите што ни го затскриваат вистинското знаење и да придонесеме за идниот цивилизациски развој.
Емилија Гелева Објавено во ДНЕВНИК 14.02.2015 г. |