|
||||
Света Огнена Марија – Марена, Зубовце |
Празникот во чест на Огнена Марија кај народот наречена Марена се слави по традиција во Гостиварското село, Зубовце. Празникот Марена се слави секоја година на 30 Јули, а овој ден се смета за најтопол ден во годината. Овој презник е поврзан со големи горештини и затоа има некои правила на кои населението од Зубовце внимава. На овој ден не се работи ниту дома ниту во поле затоа што се смета, ако се работи може да избие пожар и да се уништи годишната реколта. Преданијата кажуваат дека на овој ден пред години жетвата била во полн ек а зубовчани работеле во поле, им се запалиле копите со слама,и затоа овој ден е прогласен за неработен. Зубовчани и денес доаѓаат во своето родно место. Доаѓаат да се насладуваат на духот и традицијата, да се потсетат на детството, на незаборавните празнувања и веселби, кои се одржувале средсело. Домаќините како што е редот, на гостите им приредуваат традиционална трпеза со гравче. Во минатото за овој ден, зубовчани со недели се подготвуваа. Ги чистеа, варосуваа и ги уредуваа куќите и дворовите, истото се однесуваше и за заедничките простори, на улиците, сé со цел што поподготвени да ги пречекаат гостите. Никогаш толку народ како на патрониот празник не се собира во црквата и околу неа, секој сака да присуствува на патронската литургија. Секоја година река на народ се движи кон црквата Св.Марија која се наоѓа на западниот дел на селото, издигната на една височинка, која пркоси на времето и со својата местоположба го привлекува вниманието. Црквата е изградена пред повеќе од 160 години, од камен и дрво, врз темелите на многу постара црква. Во 1859 година надалеку познатиот Дичо Зограф, со својата тајфа, ги има насликано живописот на црквата и 50-тина икони, а се потпишал и на престолната икона на св.Марија. Како во минатото така и пред неколку години имаше групно венчавање, на осум брачни пара од селото, со кои чиноначалствуваше Неговото Блаженство г.г. Стефан, поглавар на МПЦ со митрополитите Кирил и Горазд и со дваесеттина свештенослужители. Реновирана е црквата Света Огнена Марија,среден е пристапот до црквата, од двете страни на реката која минува низ село, соѕидан е заштитен ѕид од камен и заедно со зелените површини на целиот простор му дава нов лик, обликувани се тротоарите и на нив се поставени бекатон плочки, реконструирана е Зунината чешма,Рафкина чешма и спомен паркот кои се наоѓа срéдсело. Со овие зафати Зубовце добива градски белези. Срéдсело со донација на Академик Томе Серафимовски кој е роден Зубовчанец, изградена е манастирска црква„Свети Апостол Тома“. Зубовчани се оптимисти,ова што е изградено е само почеток. Ќе живее традицијата во Зубовце и во Македонија. Зубовчанец |