За познатиот Лесновски манастир се знае дека зазема значајно место во македонската како црковна така и национална но и културна историја. Се наоѓа на југозападните падини на планината Осогово на надморска височина од околу 870 метри во селото Лесново. Според најстарото пролошко житие на Св. Гаврил Лесновски кое што го напишал Станислав Граматик во 1330 година се знае дека манастирот потекнува од 9-от век кога по Божја милост преподобниот Гаврил Лесновски се населил во Лесновската гора и го основал манастирот посветувајќи го на Свети Архангел Михаил. Свети Гаврил е еден од четворицата македонски пустиножители заедно со Свети Јован Рилски, Свети Јоаким Осоговски и Свети Прохор Пчињски кои се сметаат за зачетници на еремитското монаштво во Македонија. По упокојувањето на Свети Гаврил манастирот продолжил да живее негувајќи ја монашката традиција и блескајќи торжествено со светлината која што му ја давал светиот отец. Манастирот придонел да се подигнат бројни свети места-помали манастири, скитови, параклиси и испосници кои подоцна се исполниле со многу ревносни подвижници а поради кои во почетокот манастирот бил нарекуван „Велика ларва“ станувајќи возвишено седиште на монашкиот живот во тогашната Мороздвиска епископија. Според податоците се знае дека во периодот на 14-от век во Лесновскиот манастир живееле над 200 монаси а манастирот бил една од најголемите монашки населби на Балканскиот полуостров. Денес во манастирот има 11 монаси кои имаат активен монашки живот и се грижат за беспрекорниот изглед на манастирскиот комплекс. Во 1341 година севастократор, голем војвода и деспот, Јован Оливер го возобновил манастирот при што од местото на старата црква изградил малку поголема црква задржувајќи ја посветата на Великиот Небесен Архистратиг Михаил. За постоењето на старата црква сведочи и излижениот камен праг на влезот кој води од припратата кон наосот на црквата. Од ктиторскиот натпис кој стои на камениот столб над вратата на црквата кој датира од 1341 година не се споменува живописувањето на храмот но се смета дека тоа е направено во периодот од 1346 до 1347 година. Во 1347 година на државниот собор во Скопје, Лесновскиот манастир од игуменија бил издигнат во седиште на новоформираната Злетовска епископија како дел од Скопската Митрополија. Со самото тоа во манастирот била доградена припратата и бил насликан нов фрескоживопис. Над постариот натпис од 1341 година стои друг натпис на старогрчки јазик во кој се вели дека доградбата на живописот биле завршени во 1349 година повторно со ктиторство на Јован Ливерис и сопругата Марија Ливерина и синовите Дамјан и Крајко. По основањето на Злетовската епископија познати се само двајца епископи светите Јован и Арсениј. По епископот Свети Арсениј во 14-от век веќе не е познат ниту еден епископ а манастирот по 1353 година долго време не се спомнува. Се прептоставува дека Злетовската епархија престанала да постои некаде во периодот од 1371 до 1381 година. Со доаѓањето на османлиите во Македонија кон крајот на 14-от век состојбата во црквата се влошила затоа што имотот бил разграбуван а црквите биле уривани и на нивно место се граделе џамии. Но сепак Лесновскиот манастир во почетокот останал поштеден од османлиите а станал и носител на духовниот отпор на македонскиот народ. Низ текот на вековите манастирот бил одржуван и обновуван од поголем дел на ктитори. Манастирот поминал голем број на премежија и војни и сепак останал да опстојува и покрај историските случувања. Денес Лесновскиот манастир е дел од Брегалничката епархија во автокефалната Македонска Православна Црква. Манастирската црква самата по себе плени и привлекува а кога ќе влезете во нејзината внатрешност ве пречекува иконостасот и зачуваниот богат фрескоживопист. Црквата спаѓа во редот на крстообразни цркви а нејзиниот куполест свод се потпира на 4 столбови додека од надвор олтарната апсида е шестострана. Во периодот од 1811 до 1814 година од ореово дрво во длабока резба е изработен и поставен висок иконостас кој е дело на познатата тајфа мијачки мајстори-копаничари на чело со Петре Филиповски-Гарката. За неговата изработка биле потрошени 22 кеси и 11 000 гроша и плус 1 500 гроша за други трошоци. Иконостасот е од типот на двокатните иконостаси и исполнет е со богата растителна орнаментика а од двете страни на царските двери се наоѓаат по две табли низ кои се испреплетени сцени од Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет. Првата табла која се наоѓа под престолната икона на Св.Гаврил Лесновски која датира од 1808 година ја сочинуваат орнаменти на животни испреплетени во разни растенија. Во средината е медаљон со ликовите на Св. Архангел Михаил и Св. Архангел Гаврил. Втората табла е под престолната икона на Пресвета Богородица со Христос. Во средината е медаљон со претстава на Пресвета Богородица со Христос кој седи на трон а лево и десно од неа се наоѓаат претстави на светители. Лево од медаљонот е прикажано „Воведение на Пресвета Богородица“ а десно е „Рожденство на Пресвета Богородица“. Третата табла е јужно од царските двери под престолната икона на Господ Исус Христос-Седржател. Како и на другите на средината е медаљон со композицијата „Гостољубие Авраамово“. На оваа табла се илустрирани уште две композиции „Жртва Авраамова“ и „Адам и Ева во Рајот“. Четвртата табла е под престолната икона на Св. Архангел Михаил. Централно место го зазема композицијата „Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител“. Лево од оваа композиција е „Гозбата на царот Ирод“ а под неа „Танцот на Саломија“. Престолните икони на Пресвета Богородица со Христа и на Христос Седржател се дело на светогорскиот монах Захариј кон крајот на 18-от век. Во средината на горниот кат од иконостасот се наоѓа композицијата од икони „Деисис“ со Пресвета Богородица и Св. Јован Крстител и со дванаесетте апостоли од левата и десната страна. Се знае дека наосот во црквата го живописала групата составена од 4 мајстори зографи и започнало во 1341 а било завршено во периодот од 1346 до 1347 година. Првиот зограф гледано одозгора надолу го направил живописот во целата купола, во највисоките зони на столбовите и во долните зони на олтарот. Вториот зограф живописувал во дното на куполата, на пандантивите и на горните површини. На третиот зограф му припаѓаат одделни фрески во повисоките зони и во апсидата а додека четвртиот зограф се карактеризира со доста впечатлив стил и ги стаботил двете долни зони на живописот. Тој е единствениот мајстор кој што го оставил својот потпис а бидејќи се потпишал на фреската на Св. Георгиј се смета дека го носи името на светителот. Во живописувањето на припратата главниот зограф Михаил имал уште еден помошник а се потпишал со мечот на фреската на Св. Архангел Михаил која се наоѓа веднаш над ктиторскиот натпис. На живописот во Лесновскиот манастир се преплетуваат сите актуелни стилски изрази кои преовладувале во тој период а особени се единствените и ретки илустрации на сцени од циклусот на чудата на Св. Архангел Михаил, патроналната фреско-икона на Архангел Михаил-Предводник на коњ и циклусот на Давидовите пслами. Денес манастирскиот комплекс го сочинуваат манастирската црква, камбанарија, магацинска зграда со неколку помошни простории и обновените конаци од 19-от век. Во дворот на манастирот сеуште после 600 години постои една од трите црници за кои се смета дека се најстари на Балканот а под која има чешма. Значајно да се напомене дека овој манастир е еден од поголемите средновековни книжевни центри во кој покрај монашкиот живот се одвивала и богата книжевна дејност. За жал во текот на 19-от век па се до завршувањето на Првата светска војна ракописите биле разнесени на разни страни па и надвор од Македонија така што денес 40 ракописи од 13-от до 19-от век се чуваат во библиотеките во Софија, Белград, Загреб, Москва и Санктпетербург. Сливистиката ги идентификува ракописите кои се создале во овој манастир: Прологот од 1330 година, Минејот од 1342 година, Паранејсот од 1353 година и други. Како поважни книжевници кои се знаат се: Станислав Граматиков кој е првиот книжевник и основач на калиграфската школа, Партенија негов ученик, псевдонимниот книжевник Тахота, Калиник, Драјко, Радоња, Силвестер, поп Лазар од Кратово, поп Никола и други. Самиот факт што бил книжевен центар овој манастир имал богат економски статус а бил засолниште на многу револуционери и ослободителни групи кои се бореле за слободата на македонскиот народ. Манастирот најмасовно е посетен на празниците на 21-ви Септември и на 28-ми Јануари кога доаѓаат голем број на верници. |