Среда, 21 Август 2024    PDF Печати Е-пошта
ГОРЕШНИЦИ - ЧУРУЦИ

Marko Kitevski

Проф.Др. Марко Китевски

ГОРЕШНИЦИ - ЧУРУЦИ

ПРАЗНИЦИ ВО НАЈТОПЛИОТ ПЕРИОД ОД ГОДИНАТА ПОВРЗАНИ СО ОГАНОТ

Во овој период од годината нашиот народ празнува три празници: Свети маченици Кирик и Јулита, Свети свештеномаченик Антиноген и Света маченица Марина, позната како Огнена Марија. Овие три празници меѓу народот се празнуваат како еден празник: Горешници - Чуруци и имаат иста смисла, заштита од оган, пожари и сл.

28/15 VII. СВЕТИ МАЧЕНИЦИ КИРИК И ЈУЛИТА

Во периодот на најтоплото време во годината народот празнува три дена, како што се вели, за од оган. Тоа се празниците посветени на светите маченици Кирик и Јулита 28/15 јули, светиот свештеномаченик Антиноген и неговите 10 ученици 29/16 јули и светата великомаченица Марина (Огнена Марија) 30/17 јули. Се верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва сама од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа што е пожнеано тој ден.
Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган). Уште чурук се вели за нешто што не добро, односно што е лошо ( стана чурук ‒ стана лошо). Во некои места се смета дека ако се работи на овој ден ќе се исчуручи нивата (Дебарца, Охридско), односно ќе стане неродна. И во други места се верува дека ќе се исчуручат алиштата, ќе скапат. Во таа смисла е и записот на Е. Спространов во кој се вели: „Чуреѕи се вика денот на 15 јули. Тој ден жените не работат тешка работа (не перат, не влачат волна, не предат и др.), за да не им „чурутисвет“ алиштата ‒ станувале чурук-изгнивале“. Во смисла на народните верувања за овој празник интересен е и записот на М. Цепенков кој сведочи дека според овој ден се прогнозирало какво ќе биде времето. „На 15 јулиј (зуреци), во тој ден гледаат старите на времето какво ќе биди: ако је многу горештина, зимата ќе била многу студена; ако е облачно, зимата ќе била мека; а пак ако је дождовито зимата ќе била со лапајци.“
За време на римскиот цар Диоклецијан кога бил извршен жесток прогон на христијаните настрадала и светата великомаченица Јулита со својот петгодишен (според некои сведоштва тригодишен) син Кирик. Јулита рано останала вдовица и живеела во градот Иконија. Кога месниот владател Александар разбрал дека Јулита станала христијанка ја повикал и најпрвин со убедување се обидел да ја поврати во многубоштво. Но кога во тоа не успеал ја уценил со нејзиниот син. Тогаш Јулита се уплашила, но синот ѝ дал знак да не се откажува од вербата во Христа поради што разбеснетиот владетел со нога го турнал од вториот кат и детето на местото останало мртво. Потоа Јулита била мачена и со меч ѝ била отсечена главата. Тоа се случило во 304 година. Споменот на светите маченици Кирик и Јулита светата Христова црква го празнува на 28/15 јули.

29/16 VII. СВЕТИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АНТИНОГЕН

Светиот свештеномаченик Антиноген, епископ од арменскиот град Пидахтон, со своите 10 ученици настрадале поради вербата во Христа, за време на императорот Максимилијан. Кога на Антиноген му било заповедано да принесат жртви на идолите за да не загинат како многуте христијани тој на мачителот му одговорил: „О мачителе! Тие за коишто ти велиш дека загинале не се загинати, тие се на небо заедно со ангелите“. Потоа најпрвин биле исечени со меч учениците, а потоа и самиот Антиноген. Тоа се случило во 311 година. Споменот за нив црквата го празнува на 29/16 јули.

30/17 VII. СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА МАРИНА (ОГНЕНА МАРИЈА)

Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 (според други на 16 годишна возраст) по свирепо мачење ѝ била отсечена главата, околу 270 година. Тогаш се убиени и 15000 луѓе што поверувале во Исус Христос и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена светата великомаченица Марина. За спомен на нејзините страдања Светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија и е господарка на оганот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.
Како што може да се види во народното верување сиве овие три дена се поврзани со оган. Името на Кирик во некои краишта според дијалектниот говор е блиско до чурук-чуруци (народен назив на овој празник), во Антиноген, исто така, имаме асоцијација на оган, а и светата великомаченица Марина народот ја вика Огнена Марија. И не случајно овие три дена во народниот календар и во народното сфаќање одат заедно, под едно име Горештици (од горештина ‒ многу топло) или Чуруци (од чур, чад-оган), бидејќи и во народното верување бројот три има посебно значајно место.
Во Велес се верувало дека „Чуруци фчурујат, запалујат куќите на тија што работат на тој ден, од тоа секого го стра да фане работа. Калајџиите празнуат тој ден за „чурец“. Во Охрид како што запишал Е. Спространов Света Марена ја држеле за да не стануваат бури. „Та ја пала - и креват снопојте и полоѕите. Ко да фатет ветришча, грмежи, дождој - да чуват Господ је“. Е. Спространов уште го забележал преданието дека „Света Марена била жива. Манастирот и се наоѓал во Лʼнга. Еднуш еден Турчин је го украл стреброто и го продал на еден кувенџија. Кувенџијата го стопил и се спалајл. Тога ошол во манастирот пред Света Марена и је се молел. Ко да се молел по кротко, та се смејела; а ко да се бијал пак, ко да плачел и таја плачела од жалба. Фенерлија је Света Марена и иконата нејзина је фенерлија“.
Во Гевгелиско, празникот Св. Марена (Огнена Марија) го сметале за лесен праник, но сепак, сметале дека на овој ден не треба да се работи. Повеќе го празнувале жените зашто го сметале за женски празник.
Празникот на св. Марена (Огнена Марија) како селски празник се празнува во селото Зубовце, Гостиварско. Според преданието некогаш кога фатила голема суша испукала земјата во полето. Кога сушата се заканувала со уништување на родот во полето чудотворната Огнена Марија го донесла дождот и подарила богат род. „И оттогаш во чест на светицата се држел еднонеделен строг пост со верба, со надеж и со очекување годината да биде сончева и врнежлива – плодна и бериќетна.“ Спроти празникот жените оделе во црквата „Света Марија“, каде што носеле лепче-проскурник (проскура), варена пченица и шише ракија. На денот на празникот и мажите и жените оделе во црквата на свечена утринска богослужба. Тука се осветувале панаѓиите што ги носеле некои семесјства, кои потоа се кршеле и се делеле меѓу присутните. Нафора (мали парлиња леб) се носеле дома и за здравје се давале на членовите од семејството коишто не биле во црквата на утринската литургија. По ручекот сите оделе на средселото на оро, а веселбата продолжувала до вечерните часови. На овој ден се правеле и по неколку свадби. По извесен прекин на празнувањето, поради атеистичкиот режим по Втората светска војна, последните години тоа повторно е обновено. Во црквата се носат панаѓии, се кршат на мали парчиња, а двајца што ќе ги најдат паричките се кумови за следниот празник. Кумовите со пијалок и мезе ги честат сите што присуствуваат на утринската литургија.
И Ефрем Каранов запишал верување од Кратовско дека „Горешници се празнуват три дни и зафаќат на Свети Кирик и Јулита на крајот на јули. Тие се од оган: кој не ги празнува Горешници, ќе му изгоре нешто преку годината.“
Интересно предание за оваа светица забележал и К. Шапкарев. Тој сведочи дека таа го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан, а на тој ден 17 јули селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата која ја сметаат за претставителка и покровителка на жетвата и воопшто на сеидбата како грчката Деметра и бугарската Жива. Шапкарев запишал предание и за некој што не сакал да го почитува споменот и да празнува и ги принудил селаните жетвари ‒ момоци да жнијат во тој ден. И ете, не по многу се запалила сетвата сама од себе, а истовремено ги повеал селаните силен ветар, та не само што непожнеаната сетва изгорела сама, туку и веќе пожнеаната и собраната на крстици, ставици, снопови и полози. Господарот на нивата, кој присуствувал на уништувачката на целата сетва, смајосан од неочекуваното чудо земал од се срце да се моли на св. Марена да му прости и да го угаси пожарот, при што викал: „Прости Св. Марено! Ти палиш, ти гасниш Св. Марено!“ Оттогај веќе на тој ден никогаш не жнеел.
Очигледно во најтоплиот период од годината, на празнувањето споменот на неколкумина свети великомаченици народот му посветил посебно внимание поврзувајќи го со оганот и со потребата за заштита од пожарите што во овој период од годината не се ретки.

 

На прво место

News image

СДС и ДУИ се длабоко во политичкото мочуриште, нервозни, исплашени и во паника

СДС и ДУИ се длабоко во политичкото мочуриште, нервозни, исплашени и во паника поради заштита на к...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.