Среда, 15 Февруари 2023    PDF Печати Е-пошта
ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – КРАЛИЦАТА НА РОМСКАТА ПЕСНА (4)

1glasaj12346789

ЖИВОТНИОТ СОПАТНИК СТЕВО ТЕОДОСИЕВСКИ – ГОЛЕМИОТ УМЕТНИК, МУЗИЧАР, СОПРУГ... 

Стево Теодосиевски се нафатил за поголем надоместок да работи и ноќе да заработи онолку пари колку што чинела неговата нова лакирана црвеникава хармоника, првиот инструмент.  На радоста и возбудата им немало крај. Се  исполнил еден од соновите  на вредниот Стево, конечно да ја има својата прва хармоника. Воопшто не губел време, туку почнал многу упорно да учи да свири, а пеел постојано и кога работел, и во слободното време

Во Кочани кога почнале да цутат дрвјата и да разеленуваат оризовите полиња, на 16 април 1924 година, стасал нов живот, нова машка рожба во семејството Теодосиевски. Среќните родители Параскева (Паца) и Петруш, го добиле своето петто чедо или третиот по ред син Стево. Пред него биле родени: Зорка, Јордан, Васка и Николче, а после него се родиле: Љубомир-Буцо и Блашка. Во  скромниот сиромашен, ама весел и топол дом, секогаш имало многу слога и разбирање во кој вредните и добри родители израснале и воспитале седум деца.

Петруш, таткото на Стево работел за да обезбеди безгрижно детство и  подобра иднина за своите потомци, додека Параскева со широкото срце и безгранична мајчинска љубов, целосно била посветена на големата фамилија, на грижата за децата и топлиот заеднички дом. Таткото на најразлични начини се снаоѓал за да го прехрани многучленото семејство, што не било лесно.

Тој бил човек со низок раст, но пргав, физички издржлив и мошне снаодлив, кој со денови со запрега го врвел патот дури до Солуна града, превезувајќи газија, масло и текстил. Како навасувале годините, наместо повеќедневните долги патешествија, тој се посветил на бавчанџиските и воденичарските занаети.

Уште како мало седумгодишно дете Стево  од рани утра бил  на пазарот, за да им ги продава градинарските производи на муштериите. Најчесто оделе во тогашното Царево Село, во Делчево, врвејќи околу 45 километри  со запрежните коли. Ама иако било мачно одењето, сепак, за малиот Стево тоа било доживување кое никогаш не го заборавил. Особено кога ќе се присетел дека во Царево Село, имал голем мерак по тамошните ќебапчиња.

Уште од мали нозе покажувал особен интерес за музиката, за кое имал голема дарба и желба да успее да научи да свири, да чука на тапани или да пее и забавува. Додека членовите на семејството Теодосиевски биле во длабок сон, навечер, тој долго, око не затворал, само за да ги слуша свирките од блиската кафеана со име „Добро утро“.

Бил воодушевен и останувал долго крај оградата, следејќи  ја во живо  изведбата на тајфата, што свирела на хармоника, на ќемане, а пејачка со груб глас ги пеела песните. Додека ечела музиката, во исто време, тој со малите прсти небаре свирел на хармоника удирајќи го ритамот по своите гради или на тарабата.

Тукушто завршил трето одделение, татко му му рекол дека му е доста школување, понатаму треба да се фати за работа и да заработува по некоја пара, а не да губи време по музики и други работи. Тогаш и ретко кое од децата завршувале четири одделенија, со оглед на условите и потребите дека морало да се придонесува за домашниот буџет.

Стево влегол на работа во кондураџиски дуќан. Штотуку почнал да го изучува занаетот, излегла нова поубава прилика во селото Прибачево. Кај тројца богати штипјани, кои се досетиле и за оризопроизводителите  направиле машина за чистење на оризот, отишол Стево, бидејки тие имале потреба од работници. Го примиле амбициозното и вредно момче. Таму работел на машината и живеел со другите  во куќата на техничкиот директор.

Во уредениот и удобен дом, преку радиоприемникот марка „орион“ ги слушал Букурешт, Софија, Белград, Будимпешта и другите радиостаници. Музиката го одушевувала Стево и во него веќе тлеела сѐ поголемата  желба еден ден и тој да засвири и да запее.

Меѓутоа, не се знаело кога, бидејќи во Прибачево работел како механичар, на турбини, и тоа само за тогашни 30 динари месечно. Тоа биле малку пари за голем труд, но во тие тешки времиња и тоа значело нешто за семејството на кое веднаш им ги давал. Еден ден во куќата на техничкиот директор здогледал каталог во кој имало инструменти. Само што ја видел хармониката му затреперила раката.

Ковал планови како да собере пари, за да може да побара од газдата да му ја нарача хармониката преку фирмата што ја поседувал. Така, Стево се нафатил за поголем надоместок да работи и ноќе. Тогаш кога заработил онолку пари колку што чинела хармониката, собрал храброст да го замоли газдата да му го нарача инструментот. Така и било. Со љубезноста на домаќинот, новата лакирана црвеникава хармоника, првиот инструмент на Стево пристигнал во неговите раце.

На радоста и возбудата им немало крај. Се  исполнил еден од соновите  на вредниот Стево, конечно да ја има својата прва хармоника. Воопшто не губел време, туку почнал многу упорно да учи да свири, а пеел постојано и кога работел, и во слободното време. Таа возбуда сакал да ја сподели со своите родители и најблиските.

Првиот слободен ден тој отишол во Кочани, се разбира, со хармониката на рамо.  Неговата мајка изненадено гледала со неверување, што ли така подранил нејзиниот син. Наместо збор да изусти, Стево ја зел хармониката и отсвирил една песна, од која неговите останале вчудоневидени. Им ја кажал приказната дека многу штедел за да ја купи, на што следел коментарот - дека наместо да учи и да работи за да постане мајстор и човек, тој се зафатил со некаква си музика.

1glasaj123467899

Параскева и Петруш, родителите на Стево Теодосиевски

Но, не било само тоа. Татко му ја грабнал хармониката од раце, го плеснал со ременот по глава, а инструментот го парчосал од земја. Тоа било голем шок за младиот иден уметник. Му се урнал сонот, му се свртеле небото и земјата, а крв му потекла по образите. Засекогаш му останала лузна на лицето од таа „промоција“ дома, која, ете, завршила доста неславно.

По ваквиот груб настан, Стево веќе изгубил  интерес за да продолжи да оди на чистење на оризот. Затоа решил да се зафати со нова работа. Да стане возач. Иако сѐ уште бил многу млад, тој упорно учел, седејќи зад воланот на еден камион и кога станал полнолетен од првиот обид го положил возачкиот испит.

Во меѓувреме, отишол во Белград оставајќи сѐ зад себе и пристигнал кај неговата сестра Зорка, која била омажена таму. Патот го минал заедно со кози во еден фургон. За малку ќе добиел ќотек бидејќи патувал како слеп патник кон Белград, но почнал да моли и да кука, за конечно да се спогоди со газдите дека, пет дена ќе ги храни козите во фургонот, само да не го тепаат и да не го истераат од кај стадото. Се смилувале козарите и Стево конечно стасал во Белград. 

Таму се вработил во една малечка воденица на Дунав, каде не му било лесно. Неговата сестра Зорка секој ден му носела ручек. Меѓутоа, гледајќи го како слабее, го посоветувала да ја остави таа тешка работа, оти инаку, нема да преживее долго. Затоа заминал од воденицата, но, каде да оди?

Му помогнале двајца пријатели и го препорачале на газдите во машинско-градежната фабрика „Метализатор“. Работел на повеќе градилишта и објекти во фирмата, меѓу кои и на највисоката зграда во тоа време на Балканот, Палата „Албанија“ во Белград. Возбудливо му било како младо момче, што можел од височините на облакодерот да ја гледа панорамата на градот Белград.

Не останал само на тоа, туку  продавал и весници пред фабричките порти, а присуствувал и на разни собири, меѓу кои и во еден дом на културата каде што пред присутните, со многу интересни пораки, се обратил познатиот револуционер Иво Лола-Рибар.

1glasaj1234678999

Црквата „Св. Богородица“ во Кочани

Доста интересен период од животот на младото, а вредно момче, кое од Кочани дошло во Белград, каде се калело и заработувало уште во своите многу рани години. Меѓутоа, Втората светска војна веќе била на прагот на земјата, а во Белград започнале демонстрации. Во тие протести учествувал и Стево. Почнале да летаат ескадрили и да се истураат бомби врз Белград. Страдале невини луѓе и се пеплосувале домови.

Стево никогаш не заборавил една морничава сцена од улиците на хаосот. Видел како жена водела детенце по сокакот, меѓутоа, по големата експлозија на една бомба, во нејзините раце останало само едно детско раченце. Затоа избегал од улиците на пеколот и се упатил кај својата сестра во Гроцка. Таму останал неколку дена. Стево заедно со сестра му одлучиле дека во ова невреме најдобро е да се врати во родното Кочани. Така и направил

Продолжува

1sla3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

ОМД со конкретни предлози и договор со Претседателката Гордана Силјановска Давкова

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со гордост изве...

Историја

News image

Декларација на Македонскиот комитет од Канада - Торонто, 10 август 1988

ДЕКЛАРАЦИЈА НА  МАКЕДОНСКИОТ КОМИТЕТ ОД  КАНАДА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ НА МАКЕДОНЦИТ...

Иселеници

News image

ПАРТИЈАТА „ВИНОЖИТО“ ОД ЛЕРИН И НЕЈЗИНАТА УЛОГА (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

ЕРУСАЛИМ – МЕСТОТО НА ГРОБОТ НА ИСУС ХРИСТОС (14)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.