ПАТУВАЊЕТО ДО ИНДИЈА – ОДЕЊЕ ПО СТАПКИТЕ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ
Набргу по враќањето од Австралија, следело ново патување. Тоа било прво гостување на индискиот потконтинент. Влезната врата им била градот Бомбај. Таму се претставиле со популарни ромски, но и други нумери. Почнале од конзулатот за потоа да засвират и запеат за ју-градежниците на работа во Индија. Следел концертот во „Интернационал“ за членовите на дипломатскиот кор.
Есма и Ансамблот „Теодосиевски“ добиле интересна покана која не можеле да ја одбијат. Тоа било настап на некаков „Каменов брод“. Брод од флотата на Индиската морнарица кој бил направен од бетонски и камени делови. Непосредно пред концертот, слетал хеликоптер со првиот адмирал на индиската воена флота, кој специјално дошол сакајќи да присуствува на концертот на гостите од Европа. Морнарите и сите присутни, без малку на раце ги кренале Есма и музичарите, восхитени од уникатниот настап и специфичниот и редок вокал на солистката.
По враќањето од Индија продолжиле со патувања и настапи. Секое лето во 70-тите години на XIX век Ансамблот со месеци гостувал по јадранскиот брег. Понекогаш и со неколку концертни тури на ден од северните до јужните крајморски градови, пред публика од различни етникуми, земји и континенти. Незаборавни биле тие впечатоци од Дубровник, Улцињ, Копар, Сплит, Будва, и од каде не.
Со овој хронолошки пристап на мини-сагата на Стево, продолжуваме за да се долови мозаикот на неговото време и живот и за да се заокружи еден целовит приказ на неговата блескава кариера.
На Ромскиот фестивал во Индија
Тие немале време за одмор, бидејќи влегувале од една во друга гостувачка тура. Во годините на маестралниот подем на Ансамблот, добиле покана за повторно гостување во Индија од Романолошкиот институт, и за учество на Првиот фестивал на ромската музика во градот Чандигар.
Не само што поканата била прифатена, туку на пат до Индија тргнале малку со авантуристички дух. Толку далеку решиле да тргнат со свое возило минувајќи низ какви сѐ не предели, планини, реки и долини, снегови и дождови, и сѐ така, до портите на Чандигар. Или тоа со обична математика значи, дека извозиле 7,5 илјади километри пат до Индија, скоро истиот пат како оној на Александар Трети Македонски.
Иако успеале да стасаат непосредно пред самиот почеток на фестивалот, тоа не им пречело веднаш да се подготват за излез на сцената. Заморот како со рака бил однесен кога излегле пред многубројната публика.
Во сеќавањата на Есма и Стево им е незаборавната атмосфера и реакцијата на публиката. Есма ја отпеала првата песна, па втората, и неколку следни, меѓутоа, од публиката молк. Ниту аплауз, ниту некој да се помрдне од столовите. Од таква невообичаена тишина која ги разочарала, се повлекле, сметајќи дека тоа е големо фијаско, и голем неуспех за нив.
Меѓутоа, само што застанале со наведнати глави зад бината, кога наеднаш одекнал толку силен аплауз кој чиниш урива сè пред себе и траел долго. Целата публика била на нозе и аплаудирала непрекинато. Организаторот неколку пати ги враќал пред публиката Есма, Стево и Ансамблот, така што се создала невидена еуфорија. По еден така голем фестивалски успех тие биле прогласени за „Крал и Кралица на ромската музика и песна“.
Есма и Стево во Индија
Меѓутоа, како што им прилега на „Крал и Кралица“ во престолнината на Индија – Њу Делхи, им укажале висока чест и уживање, претседателот и премиерот на Индија, Индира Ганди, примајќи ги во своите официјални резиденции... Средбата била незаборавна. Многу спомени, многу искушенија. Таму, во Идија Есма ги нашла корените на својот ромски јазик, на своето дамнешно потекло. Сето тоа Есма и Стево го почувствувале со возбуда и одушевување. Затоа, во нивните изјави рекле дека во Индија се чувствувале како дома во Македонија.
По Ромскиот фестивал нив ги чекал далечен пат, нови илјадници километри до дома. Поминувајќи низ таа маршрута, на враќање имале концерти во Кабул и во Техеран. По враќањето од Индија осум месеци концертно ги крстосувале Германија, Шведска, Швајцарија, Франција, Белгија и Данска. Само што ја завршиле таа турнеја, следела нова, двојно подолга. Цели 16 месеци биле на пат во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.
По трет пат го прелетале Атлантскиот Океан. Со автомобилот што го купиле таму, точно 45 дена патувале од Чикаго и Детроит до Виндзор и Торонто, од Гери до Кливленд и источниот Њујорк и Њу Џерси. Не се задржале само таму туку продолжиле кон Калифорнија.
Ја минале пустината Невада, стасале до градот на коцката и илуминацијата Лас Вегас за следните патешествија да се случуваат кон Лос Анџелес и Холивуд. Мексико била новата дестинација во чиј главен град Сиудад Мексико биле пречекани многу срдечно и биле воодушевени од големото внимание и раскошот на животната средина и окружувањето.
Првиот концерт го одржале во југословенската амбасада, другиот во Националниот парк, а третиот настап било 30-минутно шоу на телевизиската мрежа чија програма од Мексико била пренесувана во голем дел од латиноамериканските земји и во САД.
Цели две години Есма и Стево со нивните музичари тогаш биле на долго патување низ целиот свет. Конечно, се вратиле во Белград. Тогаш ја промовирале идејата наречена „Уметниците - за доброволните дарители на крв“. Така одржале доста концерти со хуманитарен предзнак, најпрво во Србија.
Набргу потоа акцијата ја продолжиле во Република Македонија. Заедно со македонскиот Црвен крст организирале 11 хуманитарни концерти и тоа во Кочани, Скопје, Битола, Прилеп, Куманово, Титов Велес, Виница,Тетово и Кичево. Сето тоа било за хуманите луѓе кои доброволно дарувале дел од најценетото во себе - крвта.
Концертот во родниот град на Стево, во Кочани, бил одржан кога бил и свечениот чин на отворањето на Домот на културата. Место кое денес претставува значајно собиралиште и сцена за сите идни приредби, културни настани, а особено за младите луѓе кои имаат свое убаво катче. На Стево му се вратиле спомените од неговите младешки години, кога речиси во никакви услови се трудел, работел, се ангажирал и така создал свој музички имиџ.
Веќе ги отпакувале куферите, а Есма и Стево со другарите биле поканети повторно да патуваат во Индија. Откако биле возвишено испратени од Првиот фестивал на Ромите, и по постигнатиот успех, тие заминале да учествуваат и на Вториот фестивал кој го отворила Индира Ганди, а настапот на Ансамблот „Теодосиевски“ бил проследен со многу симпатии. Во Њу Делхи се сретнале со претседателот на Републиката, кому му донеле дарови од својата татковина.
Тогаш одржале специјален концерт во претседателската палата. Исто така, присуствувале на 94. роденден на легендарната личност на Индија и светот, Џавахарлал Нехру, во неговиот град Алахабат. Таму била и родната куќа на Индира Ганди. Се разбира, и сето тоа не поминало без музичкиот настап на Есма и Стево. Првиот концерт бил одржан претпладне за младите, а вечерта следел свечениот дел пред околу пет илјади поканети угледни гости од целиот свет.
И така деновите, месеците, годините минувале.
Сѐ поисполнета, побогата и позначајна станувала биографската реденица на Стево Теодосиевски. Човекот кој од своето Кочани кинисал по музичките хоризонти, постигнал исклучителни успеси, а крај себе ја имал и неговата Есма. Тандемски ги обиколиле континентите, градовите и државите. Научиле музички и воспитале човечки, многу млади таленти, и тоа станало дел од нивниот живот.
Дале илјадници концерти. Настапиле на сцените од студениот Сибир, до врелата Невада. Од Мексико до Шведска. Од Канада до Австралија. Од Индија до Египет. Од Шпанија до Германија, од Швајцарија до Иран...
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
|