Среда, 10 Мај 2023    PDF Печати Е-пошта
ЕСМА РЕЏЕПОВА ВО ЕМИСИЈАТА „МИКРОФОНОТ Е ВАШ“ И ПОТОА (16)

1kana333999

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЕСМА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Монографијата „55 години Есма со нејзината песна “ е посветенo на амбасадор на ромската песна и македонски музички освојувач на сите меридијани. Име познато и признато, уважено и респектирано во музиката. Вистината за Есма Реџепова – Теодосиевска е една необична, интересна и многу убава приказна, која е облагородена во оваа монографија и со авторовата имагинација, знаење и умеење, Есма е претставена како пример за афирмација на македонската и ромската песна и за Република Македонија.

Монографското дело „55 години Есма со нејзината песна “ на авторот Славе Катин, е издадена во 2015 година, на 410 стр страници, во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија е на македонски, англиски и ромски јазик.

Во монографијата, меѓу другото, се вели дека времето на 50-тите и 60-тите години, вистински радиоестраден настан на Радио Скопје станала емисијата „Микрофонот е Ваш“. Тоа било можност и мегдан, каде да се појават и да го покажат својот талент младите и возрасните во Македонија. Доаѓале од села и градови, од ниви и градини, од улици и сокаци, од лозја и овоштарници, за да си ја испробаат среќата и да покажат што знаат и умеат.

Некој бил со трема, некој без трема, некој едвај со една песна, други веќе со научени шлагери и фолк нумери, застанувале пред микрофонот на Радио Скопје. Аматерите донесувале и една свежина, бидејќи можело да се чуе плејада нови имиња, кои инаку, никаде не би имале можност да запејат. Секоја недела најслушаната радиопрограма обично била емитувана во живо, со  придружба на оркестарот од професионални музичари.

Стево Теодосиевски ангажирано работел и пред тоа, како корепетитор, додека ги подготвувал кандидатите за настап. Радиоемисијата „Микрофонт е Ваш“ е клучниот момент во натамошните знајни и незнајни животни врвици на Стево и Есма.

1kana3339999Домот на армијата во Скопје

Во Домот на армијата во Скопје, тој ден како и при емитувањето на сите емисии, било весело и полно со народ. Се појавила Есма Реџепова. Пред микрофонот застанала една млада, убава, скромна девојка. И уште со првите тактови се разлеал еден прекрасен кадифест глас, кој бил многу поразличен и посвеж од останатите. Ромската песна „Абре бабе шокерџан“ го фасцинирала оркестарот и жирито кое ја правело селекцијата на најдобрите. Немало дилеми дека станува збор за голем талент и за пејач со блескава иднина.

Есма влегла во големото финале. Кларинетистот од оркестарот Медо Чун го потсетил популарниот и познат хармоникаш Стево Теодосиевски, на Есма Реџепова, за тоа дека е кандидатката од Домот на армијата. Го потсетил дека Есма многу добро пеела и затоа му предложил да ја слушне уште еднаш, ама дома кај него, и, секако, да поразговараат со неа, онака мирно и полека.

Медо се качил на велосипедот, отишол во куќата на Реџепови, и ја зел Есма да ја однесе во домот на Стево. 14-годишната девојка иако била молчалива и ситничка,  во нејзините очи заискрила желбата за музика и успеси. Во разговорот се отвориле повеќе теми, прашања и дилеми. Стево веднаш забележал дека таа е бистро девојче, дека размислува зрело, прима совети и пораки и има желба да пее и да успее.

Додека го воделе разговорот со Есма, во собата била и неговата мајка Параскева (Паца), која цело време со внимание го слушала разговорот, а по реакцијата на нејзиниот лик, се гледало дека ѝ се бендисала случајната гостинка.

За оваа случка Есма велеше: „Стево полека, ред до ред, ни кажуваше и објаснуваше за двете страни на естрадниот медал и живот. Вели дека нè чека многу работа, учење, вежбање, патување, самоодрекување и што уште не. Посебно нагласуваше дека тој не поднесува недисциплина и тврдоглавост“... 

Стево знаел дека Есма живее скромно, во големо семејство, меѓутоа, за конечен договор дали таа ќе прифати да настапува со нив или не, мора да биде прашан таткото Ибрахим.

Стево отишол кај таткото на Есма и му ги кажал своите впечатоци и мислења дека има надарена ќерка, дека таа е голем талент со кого мора да се работи, дека тој, како шеф на ансамблот ќе биде гарантот оти ќе е чувана и контролирана, а ѝ се пружа можност да направи кариера и да напредува во животот. По сите аргументи и кажувања Ибрахим му поверувал на зборот и се согласил, да почне соработката меѓу Ансамблот „Теодосиевски“ и Есма Реџепова.

Започнале интензивни и долги проби. Набргу веќе се организирале концерти во низа помали места низ Македонија со новата солистка која го печела занаетот меѓу докажани пејачи, кои од поодамна настапуваат заедно. Со само едно куферче со себе и сценската облека во него, таа патувала, трпеливо учела од постарите и љубопитно ги впивала добрите совети, радувајќи се на секоја поддршка и убав збор и успех. На концертите отпрво изведувала само неколку песни, но потоа брзо и видливо напредувала. Публиката одлично ја примала младата пејачка.

Најпосле, на музичкиот мегдан дошло финалето на многу популарната приредба „Микрофонот е Ваш“ која се одржала на Калето во Скопје. Тогаш Есма добила огромна можност, шанса и прилика да покаже и да докаже каков талент е, каква дарба има и со тоа ширум да ѝ се отворат вратите на шоу бизнисот.

Беше хендикеп за неа, бидејќи и ја зеле песната „Абре бабе шокерџан“, која толку многу и лежеше на срце и со која се проби до финалето. и ѝ била дадена на некоја друга Ромка од Кочани. Меѓутоа, која и да било нумера, Есма ќе ја отпеала онака „славејски“ со гласот како виолина. Имала резерва, и мала неизвесност, но, сепак, ја прифатила реалноста. Стево со подготвена тактика заедно со Есма го дочекал финалето на „Микрофонот е Ваш“.                  

Се ределе песни, кандидати и дошол редот на Есма. Таа застанала мирно пред микрофонот. Почнале првите тактови. Стево излегол од редот на оркестарот и со хармониката во чекор го следел нејзиното движење на сцената. Им се придружил уште еден музичар, кој се фатил за тарабуката и сите тројца направиле вистинско шоу, атрактивно за гледање и слушање.

Есма ја пеела и со срце и со душа песната „Мино, Мино“ и растурала пред микрофонот. Аплаузите одекнувале. Воодушевувањето било големо, поради што публиката застанала на нозе. Новата ѕвезда е родена. Есма победила. Ја зела првата награда. Нејзиниот животен пат веќе е предодреден, музиката да биде Есмината вистинска доживотна сага, преголема и преубава. Во тие почетни години од кариерата, песната „Чајорије шукарије“ станува хит кој се пеел и слушал насекаде.

За победата на „Микрофонот е Ваш“ кога водителот излегол на бината и само кусо кажал дека без конкуренција победила Есма Реџепова, таа добила и хонорар од тогашни 9.000 динари. За ова Есма зборуваше со силен жар и велеше:

„Голема пара беше тоа за мене. Не смеев дома да ги покажам, туку морав некаде да ги скријам. Како што не смеев да кажам ни дека сум учествувала, а не па уште и дека сум победила на приредбата, знаејќи го отпорот, особено, на татко ми. Со оглед на тоа што „Микрофонот е Ваш“ беше многу популарна и омилена емисија дома, сите ја очекуваа со големо внимание и радост.

Тогаш сите беа седнати крај шпоретот на дрва, а јас сиротата се пикнав во кревет, се покрив со ќебето преку глава и се тресев од страв, поради можната реакција и бесот на родителите, кога ја слушнаа најавата дека ќе пее Есма Реџепова и кога ја испеав песната, моите збунети, не знаеја што да мислат, дали сум јас или е некоја друга со исто име и презиме. А башка, и како може да пее Есма кога е таа овде, ене ја легната на креветот, рече некој од семејството. Тие тогаш не знаеја за радиоленти и за снимки.

Утредента откако на татко ми му честитале неговите колеги за победата на „Микрофонот е  Ваш“ тој дојде дома, мошне лут. Да биде белјата уште поголема,  мојата мајка ги пронашла парите од наградата, кои невешто ги скрив во облеката и ми се развика нервозно да кажам од каде ми се толку пари и да не ме измамил некој па ми дал девет илјади динари.

Се послужив со итроштина и одговорив, дека тоа се пари од училиштето каде ги собирам како благајник за весниците што ги добиваат моите врсници. Мајка ми можеби ми поверува, а можеби не, ама веќе не ги спомна парите. Тајната беше тајна, сè додека директорот на училиштето не му честитал на татко ми за мојата победа на приредбата.

Реакцијата на татко ми отпрво била жестока како отворен противник на кафеански пеења, и ноќни сеанси на слични приредби, но откако директорот со сиот свој авторитет му образложил дека Есма има голем талент и заслужено е прва, тогаш малку го смирил и го одоброволил. 

За да не си имам белја, мене не ми остана друго освен да признаам дека јас сум таа победничка, и барем куртулив од ќотек. Со парите им купив први подароци на родителите, на што бев горда. Како што бев и гордиот победник кому му се отвораат музичките хоризонти.

На мојата среќа и немаше крај кога веќе надмоќно сум победник на така силен натпревар, плус тоа, успешно ја амортизиравме домашната реакција, ама богами и лутината.

Едно утро со велосипед во дворот влезе кларинетистот кој  ме однесе кај Стево и така падна конечниот договор  за соработката Есма – Ансамбл „Теодосиевски“, за кој Стево одамна ја раскажал приказната, што – како, и како мемориски запис е поместена и на страниците во оваа книга, посветени нему, како еден од најголемите хармоникаши, голем музичар, врвен естраден уметник и над сè прекрасен човек, и, секако, извонреден  сопруг... “

Продолжува

1slavek1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Петрушевски: Криминалот во Лотарија се шири, Груби и Перпарим злоупотребиле многу повеќе од 8 милиони евра

Договарани се тендери за набавка на телевизори, принтери и компјутерска опрема, кои по спроведенит...

Историја

News image

Декларација на Македонскиот комитет од Канада - Торонто, 10 август 1988

ДЕКЛАРАЦИЈА НА  МАКЕДОНСКИОТ КОМИТЕТ ОД  КАНАДА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ НА МАКЕДОНЦИТ...

Иселеници

News image

ПАРТИЈАТА „ВИНОЖИТО“ ОД ЛЕРИН И НЕЈЗИНАТА УЛОГА (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

ЕРУСАЛИМ – МЕСТОТО НА ГРОБОТ НА ИСУС ХРИСТОС (14)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.