Среда, 05 Февруари 2025    PDF Печати Е-пошта
ТАГОВНО ЦУТАТ БАДЕМИТЕ -ВО ИМЕТО НА НАРОДОТ

Marija Vodenska copy copy copy copy copy copy

Марија Воденска: МОНОДРАМА

Возот брефта под товарот на шините и низ темницата провејуваат искри

што набргу исчезнуваат.

Добро ми велиш пријателе, ќе те послушам и нема да гледам во

темницата. Арно, арно ми велиш, еве, ќе седнам.

Пред некој ден, на комшијата му дојде кумот на гости и ми вели: „А бре

Вани, многу си остарел, не те препознав. Некако си потемнел, ми се

гледаш поднавален, смален...прости ми, ама...

Ако! Му велам, не ти се лутам, така е, а, и годините префрлија оттогаш“.

Е, на судењето во Скопје сакаше да ме одбрани, а за малку и самиот ќе

заглавеше. Зошто ме осудија? Ех, пријателе, долга е таа приказна. Сите

ние што сме оттаму имаме долги приказни.

А приказната за мојот СОН е како цутење на болка.

Заради тој СОН ме осудија.!

Ако! Јас го сторив моето, тие си го бркаа своето.

Тој СОН и сега ми грака  како гавран пред порти. Катаноќ,  ќе ми дојде, ќе

ме скорне од постелата, го кине бодликавиот тел и ме префрла отаде,

преку границата.  Јас крварам, а радоста и тагата еднакво ме облеваат,

па во тој кошмар незнам дали се радувам или тагувам.

Што сум сторил? Сум сторил...!

Посакав да ја ѕирнам куќата, пријателе, во која сум роден. Мојата куќа од

дедо и прадедо, по која копнеам и ја сонувам. Ја сонувам сликата на

мојот сокак, кајшто се закопани детството и младоста. По нив сакав да се

вратам. Да видам што згазила Граќанската војна, а што останало.

Со времето, таа желба прерасна во болка за која нема лек. Ете тука, во

градиве, имам една птица како во кафез, и, катаноќ се' иста песна си пее.

Штом ќе насети оти ме надваксал сонот, прнува од мене и почнува да

нурка во Беломорјето. А таму, крај брегот, наседнале Беломорки со

косите расплетени, го чекаат повикот на Сирените. Тој повик, ако сакаш

да знаеш пријателе, и јас го чекам. И на Судијата така му реков!

Една ноќ сонот ме грабна во своите канџи, ме стегна со обрачи во

менгеме, и почна да ме кине. Јас се бранам, а тој клука и колве.  Во таа

борба обрачите прснаа и јас почнав со рацете да мафтам како птица

пред летнување. Дали се разбудив или само сонував, не се сеќавам. Но

во пасошот, на втората страна, со варикина го избришав зборот Грција и

утредента го предадов во Конзулатот во Скопје. И така добив виза за

патување ДОЛУ. Стиснав заби и без колебање тргнав по трнливиот пат.

Со првите чекори, снагата ми клапна како на орач по изораните нагорни

угари. Љубовта и омразата се испомешаа со радоста и тагата.

Подзапрев гневот да го стишам. По патот џин-џан ни жива душа да се

зададе. Од другата страна на патот, на баирката, две дечиња палаво си

играа и се тркалаа по зелениот ќилим. Се слушна блеење на јагниња

испомешано со ренцкањето на јарињата.

И така, ти велам пријателе, нога-за-нога, со лесни стапки и тежина на

срцето, го минав мостот на Белица. Чаирот го фатив на ќестреме, го

прескокнав трапот и далдисав  на пресека низ чикутот.

Знам, нема да ми веруваш, ни судијата не ми поверува, ама јас не влегов во селото. Не можев ни чекор да мрднам од местото, кадешто од заседа го убија брат ми Крсто, кога се испраќаа со армасниката Биса. И таа, кутрата, бел ден не виде. Ја мина границата заедно со фамилијата, ама нели таксиратлика? Младоста во црно ја помина, така, без ден се запусти. Коските миросани да и' се, во Гаково ги остави.

И, така ти велам, се скаменив, ни чекор понатаму. Сред полето сам, личев на кол забоден во земјата.

Не знам колку долго потраа тоа, но штом се прибрав, се свртев наоколу. Некоја чудесна благовина ме исполни. . Праските цутеа. Пчелите ја полнеа тишината. Поленот дразнеше, а мирисот од младоста ме опи. Еј, младост, младост! Мегленијата бликаше во светлина. Се наведнав и зграпчив полна фатка земја. Ровита и мека како свила. Високо ја кренав раката и полека како веење на жито, ја испуштав да ми се измолзува од дланката. Под зраците на мегленското сонце, земјата блескаше како од неа да се сипат прашинки од злато. Грците не случајно ова село го прекрстија во името ХРИСА, (Злато). Со дланките си го избришав испотеното чело и полека зачекорив понатаму. Расцветаните праскови гранки ме милуваа по телото, по образите, по рацете... Очите се исполнија со раскошна убавина, а душата со таговина. Снагата ме издаде. Премалев.

Тогаш сфатив: Преголем е данокот на љубовта за татковината. Ова му го раскажав и на судијата. Тој загледан во мене, молчи а јас го прашувам: „Дали вие, другар Судијо,  навраќате во вашата куќа? И дали не посакувате да погледнете од истиот прозорец кон дворот на детството, кајшто зиме снегот меко балетува и се пласти врз покривите на комшиите, а од оџаците  чади топлината наоколу? А, другар судијо?“

Над огништето клокоти полното котле со костени, собрани од Кронцелската корија, а во одајата, околу двете синии, пооделно наседнале постарите и децата. Се шири мирисот на бакадарникот. Постарите го макаат со пресна сменка, а децата со пекмез. Вревата на децата ја потсмирува најстариот од татковците, а бабата Неда со кротко ги нуди да се напијат од млекото, штотуку измолзено и сварено.

„А, другар Судијо? му велам, дали и вам ви се бгездил некој спомен од детството или од вашиот сокак?  Дали понесоте некои од утрата, кога сонцето плиснува срмени водоскоци врз моминските гради, накитени со расцветани трендафили? Па така ти иде, секоја што ќе го претрча сокакот, за невеста да ја имаш, а другар Судијо, дали и вам понекогаш ви идат такви сонови“?

Ако не ве мачат соништата, блазе си ви! Ве молам да ми простите, ако претерав.

И, дали ме разбирате другар Судијо, зошто не влегов во селото? ТОА Е ВЛЕЗЕНО ВО МЕНЕ!  Еве, тука, гргори со сите потоци и рекички, со сите долини и ширини, и секоја планина е грутка во моиве гради. Ако се обидеш да ја откорниш, пелин ќе сетиш во душата, ќе се отруеш, затоа,  чувај се од таквите како мене. Сонот ќе го изгубиш ако заталкаш по мојава мисла. За сега толку имам да ти кажам, другар Судијо, му реков.

А тој, пред да ја објави  Пресудата, „Во Името на Народот“, ми рече: Тука сме - јас да прашувам, а ти да одговараш! Така ми рече, ама смекнато.

Поминаа години оттогаш, И бев осуден. Сум направил фалсификат, бидејќи го избришав зборот Грција во мојот Југословенски пасош.

Прости пријателе, ама да те прашам: Дали е грев што сум избришал еден збор? Не ми одговараш, а? Добро! Те разбирам пријателе. Знам, за Законот е срамно, но за мојава тага не е грев! Од мака и од љубов го сторив тоа.

Ах, пријателе!

Се имав заречено- никогаш назад да не појдам веќе.  Ама, еве, не сакам да ја оставам сестра ми во пеколни маки уште да ме чека. Ќе тропнам уште еднаш на нивната врата во грчката Амбасада, па ако има Господ, белким на арните ќе ги затекнам.

А СОНОТ? Сонот знаеш ли каде заскита? Ветрува, пријателе! И како повев тајум се шета по мојава душа, по мојава снага, околу мене, во мојата одаја, и тијо-скришум ме кани да го лекувам болното цутење на бадемите.

Еве, и последното писмо стигна, а тие ни да чујат, ниту да ме ислушат што грутка ми тежи во градиве.

До ништо не ми е, само сестра ми да си ја видам. А таа милата ме вика на последно видување.

Коските ме вртат, вели, раните ме печат, брату! На постела сум и кога не можам да заспијам, на внуците, надолго и нашироко им раскажувам за вас таму...  За мајка што дојде по тебе и таму коските ги остави, за сестрите Митра и Пена што ги прости Господ и си ги прибра мајка без да ги видам, а мене ме оставивте од оваа страна на границата, да го прегрнувам гробот на татко, кој ме чека секој ден, секој час... Времето наближува да му кажувам за тебе, оти ти си последниот што остануваш. Дојди, ми вели, брату! Дојди додека имам виделина во очите, оти и таа почна да ми се мрешка и да се губи.

А јас потресен, што друго можам да направам, и' порачав да ми испрати телеграма дека е тешко болна, слушам оти повеќемина така оделе во Родината, ги пуштале на границата, им давале времена виза за видување и брзо враќање.

И така направила мојата кутра сестра Неша, собрала сили, стиснала заби, што се вели, душа да не испадне и да ме чека.

Е, нејсе, се грабнавме со бабата, така си ја викам женичката, и со телеграмата в раце отидовме на границата. Се спушти квечерина, а тие ни рекоа, почекајте да се јавиме во селото до Астономинијата па ќе видиме.

Чекај сега, чекај понапкум, ноќта прекрши. Пукна зора, сонцето се озаби, а ние се сќутучивме од студ и чекање.

Ама, нели пусто, меракот е голем? По некое време излезе едниот од нив и рече: „НЕМОЅЕ“!

Сестра ми била болна, ама не била на умирачка.

Крвта ми замрзна, крвта нивна...Рацете и нозете ми се пресекоа. Жената му се молеше заради мене, барем мене да ме пуштат,  ама тие рекоа: „немоѕе“ и точка кладоа.

Бре моли, бре коли, бре метании прави, без фајде! Рекоа и пресекоа! Жена ми пак ги праша,  во кој случај би не' пуштиле, кога мртва ќе биде? Тие рекоа: „Тогас моѕе“. јас веќе липав, а жена ми, целата уплакана им рече: Тогаш нема зошто да одиме и да ви се молиме. Со мртвите и од оваа страна на Македонија си лафиме и не ги забораваме.

Граничарот фифна и се изгуби.

На враќање, во Гевгелија свративме во ресторанот „Солун“, испивме кафе и занемени си дојдовме.

Арно ама, по некој ден пак стигна писмо. Овој пат од внукот ми Петруш.

„Вујче, ми веле, вујче, да прајш шо да прајш, да дојдиш! Мајка има гулеми м'ки и булештини. Ногу са м'че, ни душа даве, ни душа испајѓе. Ми веле, да ти пур'чам, крај-кулај да палаш и да дојдиш, да та виде и напкум да замиже...Веле, цала у гробут ќи ма најдите, аку братут не си гу видам. Елај, вујче, барем на смртниут час!“

„Ах, бре внучку, какви крфии ми ковиш у срцету!

Кој п'т да гу фатам, низ која порта да са пикнам, пиле да са чинам и да прилетам, мојот ал' никуј не гу знае...“

Сон сонувале, леле, три мили сестри,

Сава и Варвара, Света Недела

Они му кажуват на нејно мило братче

Нејно мило братче Јован, млад Свети Јован

Едно ми дрво, леле, седумдесет  вејќи

Највисока вејка сребрено крсче

На крсче има змија лутица

Седумдесет вејќи, седумдесет вери

Сребрено крсче нашата вера

Змија лутица душман ќе повела.

И пак пристигна телеграма од С'ботско. Сестра ми ја оперирале во болницата во Воден

И пак кинисаме со жента ми, во п'т синут на занце на Дујранската граница, си ричеме, пуштена е нова, белким, там лујту са пу меки...Ма кажаме тилиграмта, са јавија у боуницта у Воден, асли било, ама докторут ричел, операцијта е тешка и боуната не требуве да са сак'лдисуве.

И пувторно са врнаме су жента су убисени глави, куту пупарени, су дутолчени души. Кутрата моја Сава са скина ут плакајне. Јаска стигнак срце и занимек...

Децата и внуците ни се собраа и питуват зошто не не' пуштија? Откаде да знаеме? Безбели на заб не' зедоа, им велиме.  Срцата ни габјосаа од тага, а тие ни даваат гајрет. Ама има ли зборови за утеха кога годините не' прегазиле. Догодина, можеби и пред порти  не ќе имаме сила да излеземе. Сега одвај доодуваме, а утре...?

Туку, зошто јас тебе те заморувам пријателе? Мојата мака е моја и ничија. Ај, ајде, пивни од мојава ракија. Моја е, домашна. А во селото крај С'ботско, имав тришпати поголемо лојзе, и каква ракија, ех! Сакав пусто, да однесам и Долу од оваа, а ќе им однесам да ја обидат и да знаат дека и тука сум мајстор. А правам и суво грозје, и се' си имаме. Дал Господ, ама ете, не било к'смет да одам и да си ја видам сестра ми, а, и  моето село. Ми кажуваат и потпирачите на куќата биле раздрмани, ама стоеле. А јас ќе се обидам уште овојпат до Амбасадата, а напкум...

Името?

Е, и тие преку границата бараа да се запишам Јанис Делјос,  ама јас сум си брате, Вани. Така ме крстиле во црквата Света Петка и таков ќе си останам за сите времиња- за век-и-веков!

Кога го иселија селото Цакони, моите се спастриле до муцката  на волкот во Костурни. Кај зетот за кого е мажена сестра ми. Тој бурандарин а јас партизан на Пајко Планина. Кога се симнав во селото да си ги видам децата пред бегањето преку границата. тој, зетот, се имаше пикнато во дупката под ќералот да не се сретнеме. Со кутрата ми сестра Неша се видеме за последен пат, уплакана и цела ублиена у соузи.

Е, на крајот, ќерка ми, оттука-оттаму разбрала и еден ден ми вели: Тате, дај ги пасошите, ќе одам во Белград, таму давале визи. Некои успеале да добијат.

Се израдувавме, со големо надевање во душата ја чекавме да се врати. Си рековме, пукна ѓаволот, ако успее, па и повеќе ќе си поседиме во нашето место. Ќе има мегдан да се видиме со сите наши, па и селата да ги рашетаме...

Секако се обидов татко, ми вели ќерка ми. Прво ги подадов пасошите, тие ги зедоа, оставив и пари, ги обележаа и ми рекоа, дојди утре.

Таа, милата, од радост Белград и се видел уште по бел. Отишла утрето, има што да види! Пасошите визирани и поништени. Службеникот и' се врекнал в лице и ја прашал: „Каде родени?“ Ќерка ми рекла: „Македонија“! А тој се запалил уште повеќе, го отворил пасошот и и' покажал со прстот: „Тука со писе“? Ќерка ми рекла: „Грција“! И' ги треснал пасошите пред очи и се развикал:„ У Скопље, таму папири да попуни“!

Такви папири пополнувавме неколку пати, и ништо, затоа дојдовме,  тука е Амбасада,  другар Амб...„Ја не другар! Не моѕе!“ Се запенил службеникот, а ќерка ми отишла да бара пријатели и познати, како што ја подучиле некои. Бре пари, бре што не понудиле, колку треба ќе плати, само и само пасошите да се визираат.

Во белград се испочудиле, зошто не може да се визираат пасошите? „Зар само зато што сте тамо родјени?“ Вртеле со глава познаниците, се чуделе и се сомневале во вистината.  „Зар и тебе не дају визу зато што си родјена у Грчкој?“

Си дојде таа, милата, и вели: „Тате и мајко, јас на врат ве зедов , гревот на душата ќе го носам. Дур' сум жива нема да си простам што не успеав...“ Жива се изеде кутрата ми ќерка.

Ете така, мој пријателе! Папсав од чекањето на виза, ама белким ќе ме разберат овојпат и ќе ми го визираат пасошот, што велиш ти, а? Пивни од ракијката, послатка е со пријател.

Оваа ноќ е многу темна, ништо не се гледа преку прозорецот. А-а! Гледај, гледај! Далеку Ѕвезда падна! Велат, тогаш умира некој...ах! Не е белким... ? НЕ-е-е-е!!!

 

На прво место

News image

Свети Трифун во Зубовце

Свети Трифун се слави на 14 февруари, именден слават Трифун и Трифе.

Историја

News image

Пожарот не ја изгоре вистината, оригиналниот Абецедар е во Скопје

Вангел Ајановски-Оче, познат македонски револуционер, му го подарил букварот на Архивот на Македониј...

Иселеници

News image

КАНАДА – ЗЕМЈАТА НА ПРОСПЕРИТЕТОТ И МУЛТИКУЛТУРАТА (25)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

Свети Трифун

Свети Трифун се празнува на  14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар...

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.