|
||||
Записи за Света Петка |
Света Петка без разлика која е од трите: Света Петка – Епиватска, Света Петка – Римјанка или Света Петка Икониска) е позната по своите добродетелства и необичности. Посебно со тоа е позната во местата во кои што има нејзин храм. Таму таа е најприсутна и луѓето знаат бројни преданија, како и зашто токму на тоа место е изградена црквата и многу добрини што тие ги почувствувале од неа како и други кои дошле тука на поклонение. Но Света Петка е присутна насекаде каде што луѓето ќе и се молат, па затоа, скоро, нема место во кое таа не е нечија фамилијарна заштитничка. За Света Петка во Вишни забележавме неколку записи. Запалениот снопСлавица Ристеска од Вишни родена во 1927 година, зборувајќи за чуда на Света Петка, ни го изнесе следното на 28 мај 2006 година. Девер ми Златан Ристески со жена му бил дојден во нивниот дел од караулата. седејќи доцна во ноќта во дворот гледал нешто како запален сноп слама чукајнца иде откај црквата Свети Атанасиј кон Света Петка. - Жено, ела! Дали и ти ќе видиш јас тоа што го гледам?! - викнал по жена му. И заедно двајцата гледале како запалениот сноп застанува на означеното место на Света Петка, пред нивниот двор. Тука запалениот сноп постојал малу. Пак се кренал и се вратил во Свети Атанасиј. Жената ми личеше на Света ПеткаЕден жител на Скопје на празникот Свети Климент (9. август) во 2006 година ни го раскажа следното: Кога се пензионира мојата сопруга колективот и подари икона на Света Петка, дело на нивниот училиштен ликовен уметник. Некои и рекле дека треба иконата да стои 40 дена во некоја црква за да биде осветена. Таа ја донесе иконата во црквата Св. Атанасиј во Вишни. По четириесеттиот ден си ја зеде иконата. Со задоволство ја гледав и ја гледам иконата обесена на ѕид како уметничко дело. Пред извесно време од една издавачка куќа добив повеќе книги меѓу кои и монографијата Д’мбени. На одење дома во Скопје кај пазарчето Буњаковец се сретнав со една жена. Ми се допадна духовно и телесно. Кога таа ги виде книгите во најлончето окото и застана на книгата Д,мбени. - Ако ја сакате, земете ја – и велам и ја поканувам, ако сака, да седнеме во блиското кафеанче. Жената ја зеде книгата Д’мбени и си замина. Откога замина во главата ми светна дека жената имаше ист лик како Света Петка од иконата. Се свртев, сакајќи да потрчам по неа, но за миг ми се изгуби од видот меѓу луѓето. Во вистинска смисла на зборот, јас не сум ни верник, ни неверник. Не можам да речам дека таа беше или не беше Света Петка, но жената ми личеше на Света Петка од иконата. Од порано знаев за градба на црквата Света ПеткаМногу порано пред да отпочне со градба Славко Ѓоргоски на црквата Света Петка во Вишни на сон ми се јави Света Петка. Дома сме биле со син ми Ристо. Јас седам кај масата во дворот. Ете го епитропот од Вишни, Наум Маркоски, а под мишка држи книга. Се израдував како најаве зашто со него сме блиски роднини. Му велам: Како ти текна Науме, да ме посетиш? - Го прашувам дали овде или внатре ќе седнеме. - Убаво е овде под ладов – ми вели. Седна Наум и почна: -Јас, Ташке, сум дојден да ти кажам дека во Вишни се прави црква Света Петка. - Кој ја прави? - Славко Ѓорговски – вели. Господ да му поможи, да му поможи Света Петка и сите светии!- благословувам. Излегува од дома син ми Ристе. Му велам: Знаеш што синко? Чичко Славко Ѓорговски прави црква Света Петка во Вишни и чичко ти Наум збира прилози. Колку што ти се наоѓаат сега дади. Измеша по џебовите син ми. Изваде 500 денари, велејќи дека само толку има. - Доста се за сега? Потоа од наша страна е наша работата! – му велам на Наума. - У, Ташке, доста е! – ми одговори Наум, ни рече Анастасија Трајковска на 13 октомври 2006 година, родена во Вишни, а сега живее во Охрид. Заречувањето на Света Петка да се одржуваПрвата рожба, синот Владо, како мал ми беше болезлив, што ќе каснеше го повраќаше. Каде не го баравме со сопругот Дамјан. Нема чаре. Една непозната жена ми ѕвони дома. Излегов да видам кој е. - Да ти гледам, - ми вели жената. - Не сакам да ми гледаш, ама почекај да ти дада нешто кога веќе си дошла! – и велам. - Да ти гледам зашто детето многу ти се разболува, а најмногу и потешко во петок. Ти треба да го држиш петок како празник.- ми рече жената и си замина со тоа што и го дадов. -Убаво ми рече жената. Во петок ќе постам и ништо не работам – си велам и самата себе и тоа почнав да го исполнувам. Сум слушала постари дека штом излезат ѕвезди во петок вечерта, завршува петокот, односно започнува саботата па може да се работи. Почнав со игли да плетам. Само што поминав некој ред, ми дојде една мачнина, ме надоли дремка и заспав. Во сонот се најдов во една темна просторија На едно креветче имаше легнато една жена во црнина. Ја подотскрив. Двете раце и беа пресечени. Се исплашив. - Не само рацете туку и двете нозе ми се пресечени, - ми вели жената. - Кој ти го направи ова зло? – ја прашувам. - Ти ова ми го стори! Цела ден бев убава, ама вечерва ти ме осакати! – ми вели жената. Со што и го сторив тоа на жената? Со тоа што во петокот вечерта односно пред полноќ почнав да работам, а бев заречена во петок да не работам. Значи жената беше Света Петка. По ова купив иконче на Света Петка. Пред него во петок и во други празници редовно палев и палам кандило. Оттогаш детето ми беше убаво, здраво. Една вечер како да ми беше мака да станам, па на ќерка ми Голаба и велам да го запали кандилото пред икончето на Света Петка. Таа почна да вели дека не може ама пак го запали. Само што легна, скокна ќерка ми од сон плачејќи и ми вели. - Леле мамо, ми дојде една жена во црно, ми вртеше со главата, ама после се насмеа и се изгуби. - Тоа е ќерко Света Петка таа те карала зашто не сакаше да го запалиш кандилото пред нејзиното иконче, ама бидејќи пак го запали, ти се насмеала, ти опростила. – и велам на ќерка ми, ни рече Даринка Настоска од Вишни, родена 1939 година, живее во Охрид, на 6 јули 2007 година. Од книгата „Вишенската црква Света Петка“ од д-р Стојан Ристески, Струга 2007 година.
|