|
||||
Водици |
Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Бојан, Богомил (значи мил на Бога) , Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Јован, Јованка...)
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода - река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година. Овој ритуал го симболизира влегуањето на Христос во реката Јордан. Во библиската Палестина, на реката Јордан, се слушал гласот на пророкот Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеја. И Господ Исус Христос доаѓа при Јована на јорданските води. Тој ја позна величината на Христовата божествена природа и затоа зборува: "Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!". Тој го крштева Христа во р. Јордан. Со тоа Христос го потопи прародителскиот грев и гревовите на сите луѓе од постоењето на светот. Штом се крстил, излегол од реката, му се отвориле Небесата и Духот Божји во телесен вид како гулаб се спуштил над Него. Глас од Небесата говорел: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! "Гласот на Отецот е упатен кон Неговиот Син, но поради Него ги повикува сите луѓе од светот да станат синови и ќерки Божји. Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат кумпании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл. Еден ден пред празникот на 18-ти е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа компанија. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилекот, (треба да има толку гранчиња колку што има куќи компанијата) ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прскајќи од оваа вода кумот благословувал: “Кај што помина чесен крст, да е чесно бериќетно, кај што капнало капка вода, сребро и злато да капит, да се родит бериќетот.„ |