Среда, 03 Јули 2013    PDF Печати Е-пошта
Празник на светите Вартоломеј и Варнава (Вртолум)

vartolomej-i-varnavaДен кога се врти Сонцето

Во народното верување посебно важен празник се смета Вртолум, денот кога сонцето се врти кон зима. Се верува дека тоа е тежок празник кога не се работи.

Меѓу  празниците од овој период од годината посебно важно место има празникот на светите маченици Вартоломеј и Варнава во народот познат под името Вртолум, што се празнува на 24 јуни според новиот, односно на 11 јуни според стариот календар. Во некои наши краишта овој ден се смета за тежок празник поради што не се работи никаква работа. Овој ден народот го поврзува со вртењето на сонцето. Имено се верува дека на овој ден сонцето се врти кон зима. Многумина дури верувале дека тоа е видливо, поради што гледале во сонцето за да виделе кога тоа ќе застанело и ќе се завртело.

Житието сведочи дека светиот апостол Вартоломеј е еден од дванаесетте славни Христови апостоли. Поради проповедање на Христовата вера бил распнат на крст со главата надолу,  но се спасил затоа што во тоа време настанал голем земјотрес во кој загинале тие што го мачеле, како судиите така многу народ, а тој останал неповреден. Тоа се сметало за Божја казна кон оние што го клеветеле и што го суделе. Потоа Евангелието го проповедал во Индија, каде што го превел на тамошен јазик Евангелието по Матеј. Потоа се вратил во Еременија каде што од завист поради тоа што ја излекувал царската ќерка од лудило е распнат на крст, одрана му е кожата и отсечена му е главата. Неговиот спомен се празнува на 24 јуни,  заедно со споменот на светиот апостол Варнава.

Светиот апостол Варнава (Јосиф), од Кипар, пак, е еден од седумдесетте Христови апостоли. Првото име му било Јосиф, а Варнава е наречен подоцна. На околината оставал впечаток со тоа што ги тешел луѓето, а Варнава значело Син на утеха.  Христијанската вера ја ширел и Евенгелието го проповедал заедно со Апостолите Марко и Павел во Антиохија, Рим и Милано. Настрадал на Кипар од Евреите и бил погребан од Марко заедно со Евангелието по Матеј кое што за време на животот го препишал на рака.

Меѓутоа кај нашиот народ овој ден е поврзан со верувањата за вртењето на времето од лето кон зима и со вртењето на сонцето. Така дошло и до адаптирање на името Вртолом. Како што запишал Ефтим Спространов во Охридско свети Вартоломеј бил познат како Вртолум и од тој ден сонцето се свртвело кон зима и за тоа многу жалело. Го вртеле дванаесетте апостоли, и и тие, исто така, многу жалеле зашто се завртувало кон зима.

Во Радовиш како што запишала Зорка Делиниколова овој ден се сметал за тежок празник зашто од тој ден сонцето се завртувало кон зима. Во овој крај луѓето станувале рано пред сонце за да го видат како ќе изгрее, како ќе се затемни и ќе се заврти. Се завртувало еднаш на едната, потоа на другата страна. Овде според овој ден и овчарите прогнозирале какво ќе биди времето. Го набљудувале 12 часа и секој час одговарал на еден месец во годината. На поискусните овчари не само сонцето туку и некои други знаци им помагале во прогнозирањето на времето. Така на пр. тие внимавале и на ветерот, од каде дува и со која силина, колку на небото има облаци, со која боја се и кон каде се движат, дали сонцето пече посилно или послабо и сл. и сето тоа го бележеле на своите овчарски стапови. Потоа, по овие знаци претскажувале какво ќе биде времето во секој месец, каква ќе биде зимата, какво летото и другите годишни времиња.

Во Гевгелиско, според записите на Стефан Тановиќ,  на овој ден не се работело поради оган и град. Се велело дека сонцето се завртувало кон југ, дека до тој ден се приближувало кон земјата, а од тој ден се оддалечувало, дека дотогаш денот наголемувал, а одтогаш намалувал и тн. Поради тоа по Св. Вартоломеј ништо не се сеело зашто немало да никне. И во Кумановско, по Вртолум не саделе лук. кромид, зелка и др. зашто не ќе врзеле глави, немало време да зреат, зашто времето се вртело кон зима.

Кузман Шапкарев запишал дека на Вртолом не се работело зашто се вртеле небото и сонцето, па можело да има виулици. Шапкарев забележал едно предание во кое се раскажува дека еднаш на овој ден некој чифликсајбија ги терал своите момоци да ораат, „а тие  пак, бидејќи не сакале му одговориле: 'Аго, денеска не се ора, денеска е Вртолом!' Турчинот бидејќи не се грижел многу за каурскиот празник, насилно ги принудил момоците да ораат велејќи им презриво: 'Ајде орајте вие, в'рт'р, т'рт'р не знам јас'. Селаните се разбира не можеле веќе да се спротивставуваат на агата и, сакале не сакале, ги впрегнале воловите и почнале да ораат. Но, о чудо! Веднаш по заорувањето се случило да завее толку силен ветар и завеале такви силни виулици, та не останале ниту орачи, ниту волови, ниту плуг, - се вртел плугот со се волови во круг и удирале од земјата... Од тогаш Турчинот не само што не ги принудувал момоците да ораат на Вртолом, туку уште пред еден месец прашувал: 'Кога е бре, синко, тој врти удри?' За да не се случи да ораат  по погрешка, та  да настрадаат сите”.

Во Дебарца (Охридско) на Вртолом голем собир се правел во месноста Сливовски Анови каде што се собирал народ не само од Дебарца, туку и од Копачијата, од Кичевско, Дебарско, Струшко и други места.

Очигледно една природна појава што имала значење во животот  на нашиот човек била причина за мешање на некои христијански елементи со  постари слоеви на народната култура.

(Подготви Марко Китевски)
 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.