|
||||
Маврово |
Маврово е едно од местата во Македонија со највисоки пејсажни вредности и со најсочуван биодиверзитет. Идеално вклопено во планинскиот амбиент, Маврово претставува заедница која пружа бројни можности за секакви активности поврзани со здравиот начин на живот и чистата животна средина. За жал, Маврово никогаш не успеа да го воздигне својот бренд како посакувана регионална дестинација надвор од зимската (скијачка) сезона, иако во сличните туристички центри (Жабљак, Банско, Олимп...) има посетители преку цела година овозможувајќи на локаланто население и на локалните заедници рамномерни и континуирани приходи во текот на целата година, со што се осигурува оддржливиот развој на регионите со особени природни реткости и убавини. Летните месеци се погодни за прошетки и планинарење. Широките ливади и чистите пролетни извори се привлечни за планинарски тури, кампување, планински велосипедизам и други видови рекреација. Меденица (2160м) е највисокиот врв на планината Бистра. Лесно е достапна и на само пет часа лесно пешачење од центарот "Заре Лазаревски". Започнете со искачувањето од хотелот Бистра, по патеката под двоседешниците која ќе Ве доведе до бачилото Трифкова Колиба. Од таму појдете кон Галичкиот скилифт и свртете десно кон патот за селото Галичник. По кратенката, минувајќи покрај малите езерца и тревнатиот терен на областа наречена Тони Вода, пешачејќи кон патот за селото Галичник, пресечете го патот и преминете на десната страна од каде што веќе и ќе можете да го забележите врвот Меденица. Искачете го најблиското врвче од Вашата десна страна и по изохипса, полека нагоре ќе се движите кон највисокот врв на Бистра. На самиот врв Меденица, со црвена боја е испишана надморската височина од 2.163 м. Уживајте во прекрасниот поглед од врвот, поблиску до природата. Чувајте ја околината и природата! Следете ги 10-те Интернационални планинарски правила: физичка подготвеност, планирање на турата, опрема, временски услови, информирајте некого за Вашиот план, водете сметка за временската должина на турата во двете насоки, никогаш не планинарете сам, не претерувајте, следете ги знаците и патеките, почитувајте ја природата! Трите патеки за планински велосипедизам на Бистра, одат паралелно се до бачилото Трифкова Колиба и патеката за галичките ски лифтови. Првата патека оди лево кон местото Мирна Долина каде што секоја зима се оддржуваат натпреварите во нордиско скијање. Со искачување на врвот од жолтиот ски лифт и спуст по патеката од синиот ски лифт повторно се враќате на почетната позиција. Втората Ве води на патеките од галичките ски лифтови, лево позади падините на истите каде што по прекрасен тревнат терен доколку имате среќа можете да возите покрај некое крдо од диви коњи. Ќе минете покрај бачилото и патеката ќе Ве води на стариот макадам пат, свртувајќи лево ќе возите до врвот на жолтиот ски лифт. Од таму ќе го видите бачилото Трифкова Колиба. Патот до почетната позиција е идентичен како и за првата патека. Третата патека минува покрај галичкото бачило и почетокот на истоимениот скилифт и по макадам патот Ве води до асвалтниот пат за селото Галичник. На раскрсницата десно имате можност да изберете по која од двете патеки би возеле спуст, приклучувајќи се на патот за хотелот Бистра. Доколку на истата раскрсница тргнете лево, асвалтниот пат ќе Ве води до селото Галичник. Четвртата патека е најдолгата патека и Ве води околу убавините на мавровското езеро, со можност да застанете и уживате во вкусовите на шумските јагодки и останатите шумски овошја кои се протегаат покрај патот. Превземено од : Здружение на граѓани Еко Маврово |