Во организација на Форумот на словенските култури, со поддршка на Министерството за култура и на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеи (ИКОМ) во понеделникот на 28 октомври во Скопје се одржа семинар посветен на новите технологии во музејската дејност. На него беа потенцирани факти и бројки кои го илустрираат се` поголемото внимание што Македонија и` го посветува на музејската дејност и археолошките истражувања во изминатите неколку години, што видно влијае на зголемувањето на нивната посетеност. На пример, Музејот на македонска борба регистрирал околу 100.000 посети за две години, а меѓу нив 25.000 биле странски, додека пак Музејот на Мајка Тереза го виделе 400.000 луѓе. Семинарот кој се одржа, но на друга тема и минатата година во Скопје, се смета за основа за партнерство меѓу музеите од регионот, а на него се договараат и активности и за 2014 година. Според Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска која е и претседател на Управниот одбор на Форумот, следењето на новите технологии има огромен бенефит за музејската дејност. „Се потрудивме во сите музејски поставки да направиме нешто ново за да привлечеме што поголемо внимание, но и на музејската дејност да и` дадеме една побогата едукативна функција за младата генерација да доаѓа во музеите и да може директно да се запознае со тоа што го изучува во образованието“, рече Канческа-Милевска и најави дека согласно со Националната стратегија, во Музејот на Македонија ќе биде формиран посебен оддел за едукција на младите. „Многу вложувате во наследството и во музеите, зашто тоа е битно за вашиот народ и идентитетот. Важно е како тоа ќе го презентирате и кои приказни ќе ги подготвите“, напомена меѓу другото директорката на Форумот на словенските култури Андреја Рихтер нагласувајќи ја едукативната функција на музеите и важноста да се посетуваат предавања, изложби и работилници уште на предучилишна возраст. |