|
||||
Кежовица или Штипска Бања |
Кежовица или Штипска Бања претставува македонски спа центар кој се наоѓа на десниот брег на реката Брегалница, на околу 2км југозападно од центарот на Штип, на излезот од Ново Село, кое е споено со овој град, на меѓусебна оддалеченост од околу 300м се наоѓаат појавите на термоминералните води Кежовица и Л’џи, кои лежат на ист расед. Локалитетот на овие термоминерални појави, е расположен помеѓу ридовите „Исарот“ и „Кумлако“ од левата, и „Мерите“ од дессната страна на р. Брегалница. [1] Пред 25 години, на Кежовица постоела стара каптажа, чија термоминерална вода се користела исклучиво за лековити цели. Денес на ова место постои нова бања, со уредени купатила и базени, како и центар за рехабилитација. Инаку, Кежовица како бања е позната уште од турско време, кога таа се користела за здравствени цели и лична хигиена на жителите. Пишувани податоци за постанокот на бањата постојат, но се претпоставува дека истата била изградена од страна на Турците на крајот на XVII век и тоа во примитивна зграда со базен. Термоминералните води во околината на Штип се јавуваат во горнојурски гранити, и тоа бањата Кежовица во непосредна близина на главниот расед, во контактот на гранити и горноеоценски флишни седименти, додека изворите Л’џи се наоѓаат во самите гранити. Треба да се напомене, дека водата во изворите Л’џи не е константна, туку е во зависност од речната вода на Брегалница. Главниот извор Л’џи има издашност која варира од 1-1,5 литри во сек., а температурата на водата варира од 50-62оС. Карактеристично е, дека со зголемувањето на нивото на р. Брегалница, покрај капацитетот на термоминералната вода на изворот Л’џи, се зголемува и температурата на оваа вода. Температурата на главниот извор на бањата Кежовица, е 57оС, а издашноста 7 литри/сек. Бањата Кежовица, според својата радиоактивност, спаѓа во ред на најрадиоактивните термоминерални води, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Инаку, подземјето на околината на Штип обилува со големи термоминерални води, а водата покрај за лековити цели како и за рекреативни, може да се користи и за топлификација и за енергетски цели, како и перспективно за електрификација.[2] Превземено од Убава Македонија Наводи
|