|
||||
Црква „Св. Атанасиј“ - Рајчица |
Свети Атанасиј (позната и како:Свети Атанасија) е македонска православна христијанска црква во селото Рајчица, во непосредна близина на градот Дебар. Поточно, црквата се наоѓа во горната Маала Влаовци помеѓу густа листопадна шума, во мал дол над самиот град Дебар. Црквата започнала да се гради на место каде што постоела помала црквичка, во 1868 година, а била осветена во 1877 година. Од страна на Турците црквата била 2 пати ограбувана, при што, првиот пат биле украдени два пара скапоцени одежди со проценета штета од 20 златници-наполеони, а вториот пат се украдени повеќе свештени книги (меѓу кои и Коло мение) со штета од 30 златници-наполеони. Црквата имала земјишен посед од 17692 м² и лозје во месноста Клакој од 825 м². На самиот влез од левата страна постои натпис и писмо кој гласи: „Овој свети храм Светјаго Атанасија се започна во лето 1866 и се зографиса во 1875, во тоа време беше епитроп Анѓеле Митре се потрудија друштво со сите браќа селани за вечна им памјат - од раката на зографот Крсте Колов од Лазарополе“. Под надлежност на оваа црква во минатото се наоѓале сите останати (четири) цркви во селото Рајчица, а како правно лице и застапник нејзиниот печат се употребувал како парохиски печат на Рајчката црковна парохија... Во кругот на црквата се наоѓаат и гробишта. Извор: Јовчевски Петко и Методија. „Рајчица и Рајчка парохија - крајот на XIX и првата половина на XX век“. Дебар, 2000 год. стр.45-46 и 57 |