|
||||
Воведение на пресвета Богородица |
Празник на воспитувањетоПразникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете. Но овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци кои што ја уништуваат нашата младина. Денешниот празник Воведение на Пресвета Богородица во храмот што народот го вика Света Пречиста или накусо само Пречиста спаѓа во поголемите есенски празници што се празнуваат и со домашни служби. Овој празник исто така, спаѓа и во дванаесетте големи христијански празници. Се смета за женски празник и повеќе го празнуваат младите жени, особено оние што уште немаат деца. Светото предание за праведните Јоаким и АнаСведоштва за овој празник (како и за некои други моменти од животот на Богородица) се среќаваат само во црковните песни и кај некои писатели на дела со црковна содржина. Праведните Јоаким и Ана се вели во овие сведоштва долго немале деца. Го молеле Бога да им даде рожба ветувајќи му дека ќе му ја посветат нему, односно ќе ја дадат да му служи во храмот. Така им се родила Марија. Светото предание натаму сведочи дека бидејќи Марија била измолена со солзи и ветена да му служи на Бога нејзините родители уште кога наполнила една година сакале да ја одведат во храмот. Но се плашеле дека малото девојче може да плаче за нив, па се одлучиле тој чин да го направат кога таа ќе наполни три години. И така кога наполнила три години останувајќи доследни на ветувањето, а и исполнувајќи го долгот кон Бога ја повеле во храмот.Во свечената поворка што три дена патувала од Назарет до Ерусалим најнапред оделе девојчиња променети во бела облека, со запалени свеќи во рацете, по нив Јоаким и Ана за рака ја воделе малата Марија, а по нив оделе многу роднини и пријатели. Со нив, невидливи за човечкото око, патувале и многу ангели. Беше се собрал и многу народ за да го гледа овој чуден и впечатлив настан. Малата Марија била облечена во свечена облека, со многу украси, како што и приличи на царска ќерка и божја невеста. Од Назарет до Ерусалим имало три дена пат, но овојпат, бидејќи се работело за патување иницирано со Божја промисла, или со божји благослов, поворката со леснотија го изодела ова растојание. Јоаким и Ана ја оставаат Марија во храмотПред храмот свечената поворка ја пречекале свештеници на чело со првосвештеникот Захарие, пеејќи црковни песни. Храмот бил на поиздигнато место и во него се влегувало по скали со 15 степеници. Родителите ја оставиле малата Марија на почетокот на скалите и таа самата, со сила и сигурност на многу поголема возраст, се искачила по скалите весело гледајќи во храмот и не свртувајќи се кон своите родители и кон народот што ја придружувал. Тамо ја пречекал првосвештеникот Захарие, (таткото на свети Јован Крстител), кој на општо изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба, ја внесол во најсветото место во храмот, еден одделен олтар наречен „Свјатаја свјатих“, (или Светиња на светиите). Тука никој не смеел да влезе, особено не жена, не влегувале ниту обичните свештеници, а и првостештеникот влегувал само еднаш во годината и тоа на празникот на очистувњето, кога принесувал жртва. На ова се чуделе не само луѓето туку и анѓелите, но и ова е неправено со Божја промисла и е поврзано со идната улога на Богородица, мајката на Исус Христос. Св. Теофилакт Охридски за овој чин вели дека во тој момент првосвештеникот Захариј бил исполнет со Божји Дух, инаку оваа негова постапка не би можела да се објасни. Потоа Јоаким и Ана како што било ред принесле дарови и жртви за Бога и откако добиле благослов од свештениците се простиле со Марија и заедно со роднините и пријателите се вратиле во Назарет. Подоцна тие честопати го посетувале храмот во кој живеела Марија, особено тоа го правела мајката Ана.Храмот место за воспитување на младите девојкиОвде во храмот, освен млади девојчиња кои се воспитувале во вистински божји дух и се подготвувале за идната служба, во посебни простории живееле вдовици кои служеле во храмот, како што била и пророчицата Ана, што светиот апостол и евангелист Лука ја споменува во своето Евангелие. ( Лука, 2: 36-38) По смртта на својот маж Јоаким, таму се преселила и Ана, мајката на Марија, но и таа малку време живеела со својата ќерка бидејќи наскоро и таа починала. Во храмот Богородица останала до 12-тата година. Тука живеела заедно со други девојчиња, заедно се молеле, принесувале жртви, пееле црковни песни, го читале Светото Писмо и учеле некои домашни работи како везење, плетење и сл. Храна примала од раката на ангелот кој ја штител од секакво зло. Била послушна кон сите и затоа сите ја сакале и почитувале. Така во овој храм Пресвета Дева Марија се подготвувала за идната слава што ја очекувала. Црквата ја нарекува прекрасна зора од која што изгреало сонцето на правдата. Црковната песна пее дека Светиот Дух ја осветил таа што живеела во храмот и се хранела со небесна храна. Светото предание уште сведочи дека кога Марија стигнала до возраста кога девојките го напуштале храмот и се омажувале, свештениците побарале и таа тоа да го направи. Но Марија тогаш им ја соопштила својата решеност да не стапува во брак туку до крајот на животот да остане во храмот и да му служи на својот Бог. Но тоа не го дозволувале законите, поради што се барало компромис. По Божја промисла таа била дадена на чување кај еден постар човек по име Јосиф, роднина на нејзините родители. Поради тоа во сведоштвата праведниот Јосиф се среќава и како нејзин старател, но и како нејзин свршеник. Така биле задоволени тогашните еврејски закони, а на Марија и била исполнета желбата засекогаш да остане Девица и да му служи на Бога. Дотогаш меѓу Евреите не било познато доживотно заветување на Бога, така што Марија е првата девојка што се решила и што успеала до крајот на животот да биде заветена или посветена на Бога. По нејзиниот пример подоцна тргнале илјадници девојки и момчиња. Во спомен на воведението или воведувањето на тригодишната Марија во храмот светата црква го востановила празникот Воведение што се празнува на 21 ноември по стариот (или на 4 декември по новиот) календар. Црковното предание за воведувањето на Богородица во храмот започнало да се запишува уште во вториот век, во текстови познати под името апокрифи. Во четвртиот и петтиот век ова предание било познато во целиот христијански свет. Преданието раскажува дека царицата Елена подигнала црква посветена на Воведението. Празникот Воведение почнал да се празнува многу касно. Се претпоставува дека се празнува од четвртиот век, но во пишаните документи се среќава од осмиот век. Во почетокот немал елементи на голем празник туку само како обичен спомен. Подоцна го среќаваме со претпразненство и попразненство. На иконата овој настан е насликан така што од едната страна стои првосвештеникот на старозаветната црква кој ја пречекува малата Марија на вратата од храмот, придружувана од група девојчиња со запалени свеќи, а тука се и родителите на Марија и другата придружба. Празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете. Но овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци кои што денес ја уништуваат нашата младина. ТропарВоведение на Пресвета БогородицаДенес е почеток на Божјата милост и на проповедта за спасение на луѓето. Во храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите го предвестува. Нејзе и ние велегласно и извикуваме: Радувај се, исполнување на промислата на Создателот! (Марко Китевски) |