|
||||
Земскиот грб на Македонија |
Александар Матковски и Јован Јоновски
Најстар словенски збор со кој бил означуван грбот бил : “знамение”, кој за првпат се употребил во 1406 година, потоа зборот “штит” од околу 1582 година и зборот “цимер” од 16 век. Сите овие изрази се изгубиле од употреба кога Македонија, Србија, Бугарија и Босна подпаднале под Турска власт. Дури во 1826 година Јоаким Вуиќ, за прв пат го употребил зборот грб. Грбовите на Македонија се присатни во балканските и европските грбовници. Присатни се во илирските грбовници (т.н. по идејата за обединување на словенските народи во една држава), во вонилирските хералдички извори, а особено се значајни и грбовите на Александар Македонски. Како мотив на овие грбови се јавува најчесто лавот. Најстариот Грбовник на Станислав Рупчиќ од 1340 година, го содржел македонскиот грб, но за него се знае само од преписи. Се верува дека се чувал на Атос, но некои извори велат дека тој воопшто и не постоел. Долго време за најстар грбовник се сметал грбовникот на Корениќ-Неориќ од 1595 година, но со поновите истражувања се кажува дека грбовникот на Рупчиќ имал две рецензии и дека од првата рецензија најстар е Лондонскиот грбовник датиран порано од 1595 година. Таму, Македонскиот грб е претставен како: на црвено поле има златен крунисан лав наоружан црвено, штитот е од германски тип окрунет со дрвена круна со скапоцени камења и има пет краци. Таа е над главата на лавот и ја следи линијата на главата со цел да ја окруни, а не да служи како амблем. Грбовникот на Корениќ-Неориќ од 1595 година е втор од првата рецензија на грбовникот на Рупчиќ, содржи 11 земски грбови меѓу кои и Македонскиот. Под грбот пишува “MACEDONIÆ”, а над него со кирилица пишува: “цимери македонске земле”, односно “Грб на македонската земја”. Како амблем се јавува жолт лав исправен на црвено поле на германски тип на штит, наоружан златно. Над главата на лавот има мала круна. Над штитот има голема круна (Сл.1). Понатаму, македонскиот грб се сретнува и во т.н. општи, комбинирани или сложени грбови. Општите грбови биле составени од одделните земски грбови, така што амблемите на одделните грбови се ставани во еден општ штит од германски тип. Таков е грбот на Стефан Немања каде Македонскиот грб е на првото горно десно хералдичко поле. Има претстава на жолт лав со круна над главата на црвено поле. Тука лавот не е исправен и тоа е само ликовно решение, сепак неговата поза не е променета (Сл.2). Втор општ грб е на “Крала Степана Уроша Немањиќи цимери” каде Македонскиот грб исто така е со претстава на жолт лав со круна над главата на црвено поле, а Бугарскиот е црвен лав на жолто поле без круна (Сл.3). Алтхановиот грбовник од 1614 година е трет грбовник од првата рецензија. Содржи 10 земски и 147 семејни грбови од кои дури 33 го користат лавот како амблем. Тука Македонскиот грб е прикажан како посебен и го нема во склоп на општите грбови. Амблем е жолт лав исправен на задните нозе, има круна која лежи на главата, двокрака опашка и е претставен на црвено поле. Штитот е готички и над него се наоѓа јагодова т.н. војводска круна богато украсена круна (Сл.4). Грбовник од околу 1620 година, многу наликува на алтхановиот грбовник. Тука Македонскиот грб е прикажан три пати. Еднаш е посебно и двапати во општите грбови. Посебниот грб има претстава на жолто-златен исправен лав со двокрака опашка и круна на главата поставен на црвено поле. Штитот е ренесансен и над него има богато украсена војводска круна. Под штитот има лента на која пишува “ MACEDONIÆ” (Сл.5). Под првиот општ грб пишува: “Imperatoris Stephani, Stephani Nemanich insignia”, тука Македонскиот грб е во горното десно хералдичко поле и има амблем на жолт полуисправен лав на црвено поле со круна на главата (Сл.6). Под вториот општ грб пишува: “Regis Stephani Urosii” каде Македонскиот грб е претставен, исто така со лав во жолта боја чијашто опашка се разделува на две и лавот е на црвено поле (Сл.7). Во општиот грб има претстава на Бугарски грб со црвен лав на жолто поле. Интересно е да се забележи дека во општите грбови, грбот на Македонија е претставен секогаш на првото место. Грбовникот на Марко Скроевиќ од 1636-1686 содржи самостоен Македонски грб многу сличен на презентација како на Алтхановиот грбовник (Сл.8). Во првиот општ грб “Insignia Imperatoris Stephani” повторно прв е претставен Македонскиот грб со амблем на полуисправен злате лав на црвено поле (Сл.9). Во вториот општ грбовник, за прв пат е испуштен грбот на Македонија. Грбовникот на Палиниќ од крај на XVI и поч. на XVII век ги содржи само грбовите на Србија, Рашка, Македонија и Хрватска, а за другите се мисли дека се најверојатно изгубени. Македонскиот грб е многу грубо исцртан исто како и другите грбови. Нацртан е со црн туш и на главата на лавот има малечка круна. Над штитот од германски тип има војводска круна, а под него пишува “ MACEDONIÆ REGNIY” (Сл.10). Белградскиот грбовник од 1640 година - содржел 2 општи, 10 земски и 138 семејни грба. Македонскиот грб е прикажан еднаш самостојно и во двата општи грба. Тука има единствена претстава на Македонски грб каде лавот е бел на црвено поле во германски штит . Од двата општи, сочуван е само едниот т.е. грбот на цар Урош каде има претстава на македонски грб (Сл.11). Претставник на втората рецензија е Фојничкиот грбовник од 1675 година каде Македонскиот грб е идентичен со оној во Лондонскиот грбовник (Сл.12). Следува Оловскиот грбовник од 1689 година кој е работен со мастило без хералдичко шрафирање и не можат да се прочитаат боите. Овој грб е најубаво нацртан од сите други Македонски грбови кои не се во боја. Штитот има германска форма, а над него има петкрака круна. Под грбот на драперија пишува Macedonie (Сл.13). И во двата општи грба го има Македонскиот на првото горно поле на десната хералдичка страна. Берлински грбовник од крај на XVII век го содржи два пати грбот на Македонија, како самостоен и општ. Самостојниот е претстава на германски тип од штит кој има жолт исправен лав на црвено поле. Над главата од лавот има круна. Единствено тука опашката на лавот е крената и држи факел, што во хералдиката е симбол за светла иднина. Над штитот има петокрака круна и над неа натпис “цимери македонске земле”, а под него лента со натпис “ MACEDONIÆ” (Сл.14). Во општиот грб ја зазема вообичаената позиција, а лавот е жолт на црвено поле и не е исправен (Сл.15). Од уметничка гледна точка овој грбовник е направен со голема вештина и може да се спореди само со грбовникот од 1620 година во тој поглед. Премногу критичен пресврт имаме во Грбовникот на Павле Ритер Витезовиќ од 1694 година, а печатен 1701. Тој за прв пат прави преседан на дотогашното претставување. Грбот на Македонија го претставува како грб на Бугарија и обратно. Прикажал црвен лав на жолто-златно поле без круна на главата врз штит. Над штитот имало царска круна со пет крака украсени со дијаманти. Над грбот пишува MACEDONIA (Сл.16). Го изменил и текстот под грбот (слободен превод, сл. 17): Златните мои штитови се украсени со црвен лав Некогаш биле грбови на царското достоинство, Тој го заменил големиот лав со турска чалма, Кој (штит) ја изгубил вредноста по отстранувањето на лавот. Она што се забележува е дека грбовите ги сечел од постари збирки на грбови и ги лепел, но без натпис на кого припаѓаат, дури потоа ги допишувал написите. Александар Матковски сметал дека тоа е случајна замена со Бугарскиот грб при препишувањето, но во еден напис на Јован Јоновски се вели дека таа теорија е исклучена, бидејќи самиот Витезовиќ во вториот дел од Стематографијата пишува дека грбот на Бугарија е црвено поле со златен крунисан лав и дека некои по грешка сметаат дека тоа е грбот на Македонија, од што може да се заклучи дека тоа е намерна редакција на некој поранешен грбовник кој го користел. Јован Јоновски во текстот понатаму вели: “ Можеби тоа е презентација на грбот на Александар Македонски од Џером де Бара од 1581 година со целосно истиот блазон”. Со ваквата претстава на грбот на Македонија се прекинува повеќевековната низа од претстави со златен крунисан лав на црвено поле. Стематографијата на Христофер Жефаровиќ од 1741 година е всушност превод од Стематографијата на Витезовиќ на словенски со српска редакција. Тука, Македонскиот грб е претставен посебно. Грбот го препишува од Витезовиќ, претставата на грбот е со црвен лав на златно-жолто поле. Штитот е шпански и над него има круна со пет крака (Сл. 18). Над грбот има натпис “Македониа”. Под грбот има текст (слободен превод): Исправен црвен лав на златно поле, Знамение на црквата на која и се прави чест. Големиот Турчин ја однел дијадемата од лавот; Изгубив јас секаква чест што толку ја имав. За жал, со ова се става крај на многувековната традиција на претставување на грбот на Македонија со амблем на крунисан златен лав на црвено поле. Во 1879 со Трновскиот устав, Бугарската држава, за грб на својата држава го прогласува грбот на Бугарија од Стематографијата на Жефаровиќ. Жаклина Петровска |