|
||||
Македонија се поатрактивна за странските гости |
Годинава за субвенционирање на туризмот се предвидени 49 милиони денари, а намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на пет отсто за туристичките услуги што треба да стартува идниот месец, ќе ги намали цените за домашните гости и ќе обезбеди дополнителни средства во Буџетот. - Туризмот има оргомно влијание врз економскиот развој на државата, игра активна улога во креирањето нови работни места и во привлекувањето инвестиции, го зголемува девизниот прилив и поттикнува развој на мали и средни претпријатија, напомена Сарачини. Според хотелиерите, владините мерки веќе даваат резултати. Македонија успеа да се промовира како туристичка дестинација. Освен Охрид и Струга кои досега беа најпосетувани, во турите за странските гости сега се вклучени и Струмица, Неготино, Кавадарци, Штип, Демир Капија, ... - Премиерот Никола Груевски покажа огромно разбирање за проблематиката и прифати 90 отсто од нашите предлози. Тие се веќе имплементирани на терен и даваат резултат. Приливот на странски туристи особено во Охрид и Струга е огромен, истакна Дончо Таневски, претседател на ХОТАМ. Ефектот од субвенциите, додаде, е евидентен. Тоа се очекува и од втората мерка, намалување на данокот. - Затоа минатиот месец потпишавме тригодишни договори со странски туроператори, рече Таневски. Со оглед дека еден странски турист само за ноќевање и појадок троши 15 до 16 евра, по основ на ДДВ за екстра услуги во Буџетот, велат хотелиерите, ќе се слеат девет милиони евра. - Во Охрид моментно има пет авионски летови од Холандија што не било случај во најдобрите времиња. Најавите за следната година се најмалку шест лета, а во наредните три години целта на нашите партнери е фреквенцијата да достигне до минимум еден лет дневно, информира Таневски. Сезонава преку охридскиот аеродром се очекува да дојдат најмалку 15.000 холандски туристи и уште 1.600 гости од Финска. |