Среда, 10 Септември 2014    PDF Печати Е-пошта
Mарков манастир - Црква Св. Димитрија

markov-manastir

Јужно од Скопје на околу 20 км. во непосредна близина на селото Сушица со векови опстојува Марковиот манастир со манастирската црква посветена на Св. Димитрие.

Поради недостиг на изворни документи повеќе децении наназад Марковиот манастир претставува голем предизвик за научниот свет, што било причина да бидат предмет на истражување и проучување на неговата историја, фрескоживописот, архитектурата, ктиторскиот натпис, ктиторските композиции и потрагата по кралските портрети на Волкашин и Марко.

Манастирскиот комплекс го сочинуваат добро сочуваната црква, старата манастирска трпезарија, конаците со убавите чардаци и други стопански згради. Во манастирскиот двор се влегува преку старата висока дрвена двокрилна порта.

Во добрите времиња манастирот бил економски многу богат со имоти  и стока. Тоа овозможило да се здобие со големо културно-историско  богатство: стари икони, стари ракописи и книги, многу црковни предмети и реликвии. Овде се одвивал интензивен монашки живот, препишувачка и просветна дејност. Изворните документи и високо уметничките предмети со векови љубоморно се чувале се до 19 век од страна на манастирските братја. Настапиле и тешки денови за манастирот – грабежи на икони и ракописи, на предмети со уметничка вредност, а не бил поштеден и од уривање и од пожари. Од се што било однесено, денес само еден мал дел се наоѓа во библиотеките во Белград, Софија, Виена и Москва.

За домашните истражувачи останало само да се црпат изворни податоци од самиот монумент и затоа со право се вели дека „Марковиот манастир“ е монумент како документ низ историјата.

Како најважен сочуван изворен документ во Марковиот манастир претставува натписот над јужниот влез внатре во црквата, кој дава податоци за изградбата на манастирската црква и за нејзините ктитори. Натписот ја има следната содржина:

„Се обнови овој пребожествен храм на светиот великомаченик Христов победоносец и чудотворец Димитрија, со усрдието и поспешението на благоверниот крал Волкашин и со благоверната кралица Елена и со премногу љубените нивни ќерки и синови благоверниот крал Марко и Андреаш, Иваниш и Димитар во годината 1377. А овој манастир почна да се ѕида во дните на благоверниот цар Стрефан и христољубииот крал Волкашин, а се заврши во дните на благоверниот и христољубивиот крал Марко.“

Содржината на натписот ни дава целосна претстава за кралското семејство на Волкашин ја означува годината на отпочнувањето на изградбата на црквата и на нејзиното завршување. Втор изворен документ претставува полилејот на кој се излеани букви со имињата на ктиторот како и за дел од историјата на црквата. Историјата на манастирот ја надополнуваат и записите испишани на столбовите и по  ѕидовите на црквата. Еден таков запис е видливо врежан на северната фасада од црквата и на северозападниот столб во наосот на црквата со името на нашиот преродбеник и книжевник – Кирил Пејчиновиќ. Тој во почетокот на 19 век овде во Марковиот манастир основал училиште за млади, а ја напишал и својата позната книга „Огледало“.

Активниот манастирски живот во Марковиот манастир продолжил и по доаѓањето на Османлиите, но не со таков интензитет како порано.

Денес откако се извршени конзерваторско-реставраторските работи на живописот, архитектурата на црквата и реставрација на манастирските конаци и трпезаријата манастирот го врати својот некогашен изглед и ќе продолжи да живее со векови.

Манастирската црква свети Димитрие со своите архитектонски решенија и со фрескоживописот, претставува најголемо културно наследство што го содржи манастирскиот комплекс.

Архитектурата на црквата е од типот цркви со една купола која високо се издига над кровната конструкција. На источна страна има голема олтарна апсида, а на западната нартекс. Кон западната страна од црквата е подигнат отворен трем во триесеттите години на 19 век со парична помош на Х’мзи паша.

За време на изградбата на црквата или нешто подоцна бил изграден и параклис на јужната страна каде што биле насликани ктиторските портрети на кралот Волкашин и кралот Марко, а откриени за време на конзерваторските работи во 1963-1964 година.

Внатрешните површини на црквата се исполнети со фрески од 14 век и со илустрации од Богородичниот акатист, Чудата Христови, неговите страдања, големите празници и повеќе поединечни фигури на светци, ангели, пророци, испосници и воини. Зографите насликале повеќе сцени од животот на Св. Димитрие - патронот на црквата, како и сцени од животот на Св. Никола, Св. Нестор и др. Во куполата е претставен Христос Пантократор, а тука се мноштво ангели, архангели, пророци и други светци. Во олтарниот простор е илустрирана Архиерејската литургија со архиереи облечени во бели фелони, украсени со црни крстови. Големите празници ги исполнуваат сводовите на црквата, а во нивно продолжување се насликани композиции со претстави од маките и чудата Христови.

Зографите на фреските во Марковиот манастир бездруго биле инспирирани од црковната поезија при својата работа, создавајќи сцени од животот на Св. Богородица – Боородичниот акатист.

Во најдолната зона се „испеани“ преку зографската четка Херувимските химни, што се пеат за време на Великиот вход со претстава на Христос како цар и Богородица како царица, во придружба со други учесници во химната.

Во нартексот видно место им е дадено на ктиторските портрети претставени на северниот ѕид. Во горните партии на нартексот се илустрирани сцени од животот на Св. Димитрие, а не изостануваат ни фигурите на бранителите на христијанството: епископи, проповедачи, маченици и други.

Се смета дека во реализацијата на осликувањето на манастирската црква зеле учество повеќе зографи со различни квалитети, но едно е точно дека живописот во Марковиот манастир, „како духовен творец бил еден, кој учествувал во создавањето на фрескоживописот“. Сцените од Христовиот живот ги сликале зографи монаси. Тенденцијата за наративно прикажување и со доза на драматизам, се главните белези на фреско сликарството во Марковиот манастир. Во тој дух е прикажана и композицијата „Плачот на Рахила“, каде што е искажана човечката драма со убиството на витлеемските деца,  а како повод раѓањето Христово. Рахила е претставена како ридае со дигнати раце нагоре и седната околу мноштвото заклани деца на Витлеем и неговата околина, прилегајќи како симбол на вечен бол. Тоа беше време кога се роди Исус Христос во Витлеем Јудејски, во дните на царот Ирод. Тогаш се исполни кажувањето преку пророкот Еремија:

„Глас се слуша од Рама,

плач и лелекање,

на мнозина и пискот голем.

Рахила плаче за своите деца,

зашто ги нема.“

Од книгата „Македонски манастири“ од д-р Димитар Ќорнаков,

Марко Китевски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.