|
||||
Лешочки манастир |
Лешочкиот Манастир е православен христијански манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Тетовско. Манастирот е сместен во природен амбиент, збогатен со чист планински воздух во т.н. Горно Лешочко маало во селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комлексот се наоѓаат црквите Св. Атанасиј и Св. Богородица, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век. Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј, додека надвор од манастрискиот комплекс има стара црква посветена на Атанасиј Александриски т.н. Стар Манастир. Манастирот за прв пат е основан во 1321 година од страна на Епископот Полошки Антониј. Комплетното заживување кое е видливо и денес се должи на доаѓањето на Пејчиновиќ од Света Гора, во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и кога е основана манастирската библиотека. Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар. Постоењето на манастирот може да се подели на два периоди, кои се поврзуваат и со двата негови локалитети. Првиот е периодот од 1321 до 1600 година, кога манастирот се наоѓал на шарпланинската падина кај црквата Свети Атанасиј, и вториот период, започнат од 1600 година, па сè до денес, кој се однесува на денешната положба на манастирот, кај епископалниот храм на Успението на Пресвета Богородица. Подигањето на стариот манастир од првиот Епископ Полошки АнтонијСтариот манастир се наоѓал северно од денешниот, оддалечен 500 - 800 m. Во соседството на манастирот се наоѓал средновековниот град Лешцек и помеѓу нив минувала Лешочка Река. Според површината, може да се заклучи дека манастирт бил мал, со мали конаци и келии, и со помала црква. Нему му припаѓал дворот околу црквата Успение на Пресвета Богородица, каде што е лоциран сегашниот манастир, а кој од секогаш се нарекувал Епископски двор. Околу основањето и изградбата на манастирот, познати се две мислења: едното, посочено од преподобен Кирил Пејчиновиќ, е дека манастирот е изграден од кнез Лазар, мислење кое е прифатено од сите подоцнежни истражувачи на манастирот, и другото, дека првиот ктитор на манастирот е извесниот јеромонах Антониј, кој подоцна станува и прв Епископ Полошки. Втората теорија за генезата на манастирот е понудена во 1927 година, кога монахот Теодорит, расчистувајќи ја и откопувајќи ја тогаш разурнатата црква Свети Атанасиј во стариот манастир го пронашол саркофагот на ктиторот на црквата и конаците, на кој пишува: „Аз, еромонах Антонио придох в сие место и растежах и раскопах габрие и уравних брегове и начех си храм зидати Свјатаго Атанасија“. Со поновите истражувања на Петар Миљковиќ - Пепек се разоткрива дека црквата, а со тоа и манастирот, се градени во периодот 1321-1331 година. Манастирот навистина бил мал, но многу значаен за духовната клима во Полог, еден вид на полошки Ерусалим, кој претставувал епископски центар и во него се школувале голем број на идни монаси и свештеници. За ова сведочи и откривањето на трите епископски гробници, внатре во црквата. Манастирот, без големи пречки, опстојувал до средината/крајот на 17 век. По овој период опасностите по животот на монашкото братство се зголемиле поради многуте арамиски напади, поради што Скопско-Полошкиот Епископ Никанор ги повикал монасите да се спуштат во Епископскиот двор. Подигањето на новиот манастир од Епископот Скопско-Полошки НиканорВториот период од постоењето на манастирот може да се подели на два под-периоди, и тоа: од 1600 до 1690 година, и вториот од 1818 година, до денес. Во првиот под-период, манастирот бил под јурисдикција на Епископот Никанор; со повелкувањето на монасите од стариот манастир, во дворот на Епископскиот храм на Пресвета Богородица изградил конаци, а во самиот храм доградил припрата. Околу положбата на конаците и нивната големина не се знае многу затоа што биле срушени во 1690 година. Дворот на храмот бил заграден и му биле ставени четири врати. По завршувањето на Австро-турската војна и повлекувањето на Австријците од просторите на Полог во 1690 година, муслиманското население осветнички се нафрлило на помесното христијанско население и двете манастирски цркви (старата и новата) со се` конаците биле целосно разурнати, заедно со неколку други манастири и цркви во полошкиот регион. Запоставениот манастир бил во урнатини цели 128 години, сè до неговото обновување во 1817/18 година од страна на јеромонахот, подоцна и игумен Лешочки Кирил Пејчиновиќ. Доаѓајќи од манастирот Хиландар на Света Гора, тој наишол на спротивставување на неговите идеи за возобновување на манастирот од страна на градските парохиски свештеници (од кои бил исмеван) и месното македонско христијанско население. Сепак, не дозволил да биде поколебан, и со Божја помош добил одобрение од Абдул-Рахман паша да започне со возобновување на манастирот и конаците. Со Божји благослов, неговиот голем подвиг започнал како речиси невозможна мисија во период на крајна културна и комуникациска изолација на македонското христијанско население во времето на крајна материјална беда; со крајни напори и помош од поединци, успеал да го заврши својот свет подвиг, и да го обнови духовното полошко светилиште. Во подвигот, една група на луѓе му помагала, но не биле мал број ни оние кои со сите сили се труделе да му одмогнат на хиландарскиот свештеномонах. Својата мисија, преподобниот Кирил ја крунисал со следната забелешка: „И кој радил и кој не радил, све Бог да ги простит, понеже должни смо да се молимо и за брати наша. Ама од тогај до сега едни дојдоха на покајание, едни се преставиха со чифотското серце. Едни сат уште живи, а непокајани“. И на крајот, преподобниот подвижник ја оставил и следната порака до идните генерации: „... чуајте ги обичаите, чуајте а верата и никоаш немојте да ми го забраете мојов манастир...“
Кирил Пејчиновиќ, прв игумен на манастирот (1818-1845) од неговото возобновување.
Манастирскиот комплекс бил на повеќе пати разрушуван. Во македонската култура се користи терминот „Сардисување“ и тоа е опеано во многу песни. Прво сардисувањеВо 1710 година, турски јаничари го нападнале манастирот. Тогаш монасите целосно се разбегале и манастирот останал напуштен. Манастирот останал празен се` додека не дошол Кирил Пејчиновиќ и го возобновил во периодот 1817/18 година. Тогаш бил доградуван и монашкиот живот повторно заживеал. Второ сардисувањеМанастирот бил сардисан од жителите со албанско етничко потекло од соседното село Слатина и од другите долнополошки села. Причина било убиството на двајца слатинчани во слатинското поле, ноќта пред празникот Св. Богородица, од група комити за кои се мислело дека се наоѓаат во Манастирот. Благодарение на големата присебност и на мудроста на тогашниот игумен јеремонах Еротеј во тие критични моменти, сардисувањето не завршило со трагични последици за Манастирот и за присутните илјадници гости. Со забележаните биографски податоци и со сеќавањата на комитата Филип Трифунов-Лулков од село Вруток, учесник во четата што ги убила двајцата слатинчани, дефинитивно се расветлува случајот со сардисувањето на Манастирот за кој има неколку верзии, меѓутоа за најверодостојна се смета таа на војводата. Комитата Филип Трифунов - Лулков бил учесник во Тетовско-гостиварската чета на војводата Никола Панов-Гостиварче. Оваа чета, од скопските села се упатила кон Полог, низ Дервенската Клисура и низ селото Радуша. Тие стигнале во селото Ротинце за да присуствуваат на големиот празник и на собирот во Лешочкиот манастир за потоа да ги посетат планинските села Јелошник, Брезно, Сетоле, Лавце, каде што имале свои јатаци. За да присуствуваат на прославата, тие тргнале од селото Ротинце кон Лешок, ноќта меѓу 27 и 28 (14 и 15) август, со курирот Тодор Томев, учител во селото Јелошник. Патем, поминале низ слатинското поле. На местото наречено Калиноо, вооружената група била забележана од бостанџијата Пајазит, па тој го известил својот брат Јакуп, кој се наоѓал во колибата, дека се приближува поголема група луѓе. Кога комитите го слушнале повикот и сфатиле дека се откриени се распрснале и легнале за да не бидат забележани. Откако Јакуп го слушнал повикот од својот брат, без размислување истрелал од колибата, а комитите возвратиле на ист начин. Престрелката траела два-три часа. Јакуп бил убиен; Пајазит бил тешко ранет; а меѓу комитите немало настрадани. Отакако пукањето од страна на бостанџиите прекинало, распрснатата чета се прибрала и се вратила назад на планината Жеден без да биде забележана. Бидејќи немале контакт со никого, комитите не знаеле дека Манастирот е сардисан. По два-три дена, четата по друг пат се упатила кон селото Јелошник, а Манастирот се уште бил сардисан. Откако бил растеран башибозукот од Манастирот, четата се упатила преку шумовитите падини на Шар Планина кон селата Сетоле и Лавце за да продолжи со своите акции. Трето сардисувањеМанастирот по втор пат бил разрушен за време на воениот конфликт во тетовско на 21 август 2001 година. Уништувањето на манастирот предизвика широка реакција во Македонија и Светот. Чинот на рушење бил споредуван со настаните од Авганистан, кога Талибанците ги уништувале будистичките храмови во земјата. Со силна детонација во 3 часот утрото, црквата била разрушена до темел, со минирање... Иако разурнат, манастирот сепак на 28 август 2001, бил посетен и во него прославен празникот на Успението на Пресвета Богородица, но не со зурли и тапани, туку со солзи. Некои од посетителите ги завиткувале искршоците од црквените камења во крпи и ги земале со себе деловите од она што некогаш било фасада или фреска од свет храм, другите ги бакнувале урнатините клекнати на колена, трети ги бришеле солзите од жал и јад. На 15 февруари 2002 година, манастирот бил посетен од членови на европската комисија каде било утврдено повторно да се возобнови и да воскресне ова светило. Манастирскиот комплекс бил рекоснструиран и завршен во јуни 2006 година. Црквата Св. Атанасиј била реконструирана со истиот камен што бил користен во нејзината првична изградба. Камењата биле сочувани и нумерирани со помош на националниот Институт за заштита на културното наследство, кој направил детална студија за проектот. ЕУ обезбедила околу 410.000 евра за обнова на ѕидот и фасадата, преку Европската агенција за реконструкција (ЕАР) во Македонија. Неговото преосветување било во 2007 година, кога Македонската Православна Црква прославувала 40 години од својата автокефалност. На празникот на Покров на Пресвета Богородица било извршено осветување на црквата Св. Атанасиј. Осветувањето на Црквата го извршил Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а на чинот на осветувањето присуствувале и поголем број од архиереите на Синодот на МПЦ. Да им благодариме на Бога и на Пресвета Богородица што ја имаме нивната милост, па денес се собравме вака бројно во ова древно манастирско светилиште, за да го извршиме осветувањето на обновениот манастирски храм Св.Атанасиј, кој беше до темели разрушен во 2001г. (г.Кирил, Митрополит Полошко-кумановски) |