|
||||
Месење на „сваќа“ (погача) - Свадбени обичаи од Мариово |
Истото девојче што го месело тестото ја месело и сваќата во неделата изутрина. Тестото се месело без сол и квас. Наместо тоа му се клавало шеќер за да бидат благи сватовите и младоженците. Од тестото се правеле разни фигури на животни: куче, маче, глувче, теле, ждребе, јагне, јаре, змија, гуштер, ластовиче, гугутка и др. па се ределе на „сваќата“ одозгора. Пред да се испечела, се шарела со шупелката од зетот, одозгора се редела со шеќерчиња во разни бои. Кога се месела сваќата се пеела песната: Сваќа ми се верно моли Сваќа ми се верно моли: - Золвички, мои сестрички, убаво да ме месете, месете ме, шарете ме, убаво наредете ме, оти ќе ода далеку да не се смеат сватови, сватовите и сваќите. („Сваќи“ се месат и кај двајцата сватовци). Плетење на венецот. Бршланот за плетење на венецот го берел малиот девер уште во петокот Бршланот обично се наоѓал во планинските места по високите дрвја. Венецот го заплетувало истото девојче што го замесило тестото. Тој се плетел на една лозова прачка свиткана во обрач и се врзувал со ѓувезен конец. По исплетувањето на бршленот се сечеле резанки од јаболко и се редел еден ред. По доплетувањето одозгора му се клавале пафти што ќе треба да ги даде свекрвата како дар на невестата. Преостанатиот бршлен се собирал во сито и се качувал кај столбот на куќата. За време на плетењето на венецот се пееле песните: Блазе таа мајка сина шчо родила Блазе таа мајка сина шчо родила, кога се родило се се радувало, кога се женило се си поканила, она поканила три гори зелени, прва гора носи бела перунига, втора гора носи белата лозница трета гора носи зелениот бршлен, она да си свитка зелениот венец, кога ќе испрати китени сватови, венец да испрати по малиот девер да и го предаде на млада невеста. Вило моме три зелени венци Вило моме три зелени венци први венец, моме, од бела лозница, втори венец, моме, од бели босилок, трети венец, моме, од зелени бршлен. Се повали дрво бршленово Се повали дрво бршленово зиме, лете се зелено стои, на есен ми ж’то цвеќе цвети а на зимо црно грозје раѓа, на пролет ме берат две-три моми а на есен по пет, по шест моми. Истите песни се забележани речиси по сите села од овој крај. По доплетувањето венецот го заигрувале. Најнапред на танецот се фаќало девојчето што го заплело. Тоа го кревало венецот на глава, а потоа се фаќале другите девојчиња што го плетеле. На танецот не се фаќале да играат девојчињата што се сираци за да не умре некој од младоженците и да не му останат децата сираци. За играње им свирел гајдаџија. Играле само право и напред, за да им бил прав патот на младоженците и да им одела напред работата. Девојчињата на танецот секогаш се фаќале по седум, девет или единаесет. Кога тие играле, еден од деверите запалувал во двете раце по една свивка `ржаница. Со запалената `ржаница на три пати ја потпалувал танчарката во нозете. Со тоа се горела магијата (ако некој му направил такво нешто на венецот). По тој обичај ги вкрстувал двете раце со се `ржаница – левата рака одоздола, десната врз неа. Левата рака со `ржаницата ја претставувала невестата, а десната – зетот. Кога `ржаницата посилно горела тој бил посреќен. Кој факел побрзо ќе догорел, тој бил посреќен. Во играњето на венецот му се пееле песните: Вила се лоза вила се Вила се лоза, вила се, околу града Перкова, околу кале Марково, вило се моме, вило се, околу рода голема, голема рода мајкина, мајкина рода таткова. Венче здравче љубовниче Венче здравче љубовниче, љубат ли те мали моми, љубат, љубат как не љубат зиме лете се зелено стои, а на есен црно грозје раѓа. По доигрувањето на венецот тој веќе не се оставал на земја ниту насамо. Девојката го повикувала помалиот девер за да му го даде. Таа на три пати го повикувала деверот да и` плати за плетењето и чувањето на венецот. Деверот не смеел да откаже од плаќањето но тој и велел: „Убаво ти прилега, носи го додека да појдеме кај невестата, таму ќе ми го предадеш“. Девојката се смеела со него: „Знам мене ми прилега, туку ти немаш пари да ми платиш за носењето“. Деверот тогаш вадел од ќесето пари и ги покажувал. Девојката се насмевнувала и повторувала на глас: „Кога ти велев дека немаш пари, што се тие пари? Со нив и овдека не можеш да си го откупиш венецот“. Тој вадел до три пати пари од ќесето и ги давал на девојката. Таа му го давала венецот. За цело време додека да и` го предаде на невестата, деверот го носел венецот на главата. Од книгата „Македонски обреди и обредни песни“, од Милан Ристески, Скопје 1985. Марко Китевски |