Македонски легенди

Александар Везенков – Косарин

mak-glas

mak-glasАлександар Петривич Везенков – Косарин (9. XII 1867  – ?) е македонски деец и драмски уметник. Студирал во Москва и Одеса. Како член на Македонското научно-литературно друштво во Санкт Петербург (Петроград) тој е поборник на независна македонска држава. Полемизира со руските славјанофили, а во 1913 година заедно со Димитрија Чуповски, Наце Димов и Гаврил Константиновиќ го потпишува Меморандумот за независноста на Македонија предаден до конференцијата на пратениците на големите држави во Лондон.

Александар Везенков е роден на 9 декември 1867 година во Крушево, во познато револуционерно семејство. Константин, Стојан и татко му Петар биле синови на Иван Везенков од Тресонче, доселен во Крушево. Константин завршил медицински факултет и бил воен лекар во Русија, а Стојан станал познат архитект и револуционер, кој со поддршка на српските и руските дипломатски преставници работел на ослободување на Македонија. Константантин и Стојан Везенков учествуваат во Руско-турската војна (1877–1878), а како последица од раната која ја добил за време на војната, Константин починал година потоа.

Имајќи го во предвид високиот патриотизам на Константин и Стојан Везенков, руската влада им доделува на синот на Стојан, Владимир Везенков и неговиот братучед Александар Везенков стипендија. Тргнувајќи по стапките на своите познати роднини, Александар преку Букурешт заминал за Петроград, Русија, каде се обидел, но не успеал да се запише на Военомедицинската академија. Во 1890 година станал студент на Московскиот и потоа се префрлил на Правниот факултет во Новорусискиот универзитет во Одеса, каде студирал од 1891 до 1895 година.

Владимир кој успешно го завршил военото училиште во Москва, уште како студент учествува во работата на студентско друштво кое има за цел пропаганда и собирање на материјални средства за ослободување на Македонија и Одринско. Во овие активности се вклучува и Александар, кој освен на ослободителното дело, животот му го посветува на театарот.

Привлечен од театарот, во 1908 година тој организира група од оперски и драмски артисти „со цел да приредува драмски и оперски вечери со дела од руски автори“. Оваа група прераснува во Руски драмски театар и под директорство на Александар гостува со приредби во славјанските земји во текот на 1910 и 1911 година.

Настаните по Првата балканска војна во 1912 година, во кои Србија, Бугарија и Грција ќе ја распарчаат Македонија, а турското ропство на македонскиот народ го заменуваат со христијанско, го вознемируваат Александар и целата македонската емиграција во Русија .

Како соработник на Македонското научно-литературно другарство во С. Петербург, Александар го потпишува првиот Меморандум на ополномоштените Македонци од Санкт Петербуршката македонска колонија до Лондонската конференција. Меморандумот за независност на Македонија од 1 март 1913 година. преставува драматичен повик, во кој македонските емигранти во Русија протестираат против распарчувањето на Македонија меѓу балкански држави Бугарија, Србија и Грција и бараат независност на Македонија. Во овој значаен документ потпишан од Димитрија Чуповски, Наце Димов, д-р Гаврил Константиновиќ и Александар Везенков, објавен и во Македонски глас, меѓудругото се вели:

„ …Сега Македонија одново е ослободена. Но Европа е готова да ја направи истата грешка што беше направена во 1878 г. Наместо Македонија да се прогласи за самостојна држава, нејзините нови ослободители решија да ја разделат меѓу себе; ние сме убедени и длабоко веруваме дека свесниот и демократски дел на бугарскиот, грчкиот и српскиот народ не учествуваат во оваа братоубиствена поделба на македонскиот народ Меѓутоа, Македонија располага со сите природни и историски права на самоопределување. Низ сите векови таа беше самостојна политичка единица, или влегуваше во состав на друга држава. Ова произлегува од нејзината географска целина и особеност. Границите на Македонија јасно се означени со планинските вериги што ја окружуваат и со морскиот брег. Оваа географска целина и целиот систем на плодородни долини и полиња расположени како лепеза ја обусловуваат исто така економската целина и неделивоста на земјата. Еднородно е, исто така, и населението на земјата. Според податоците од разни авторитетни истражувачи, 2/3 од населението на Македонија претставуваат посебно славјанско племе. За да се одбегнат во иднина какви и да било триења меѓу народите што и се соседни на Македонија, за да им се даде можност и на помалку значајните групи од други народности што се замешани во славјанските маси: Албанци, Грци, Власи, Турци и Евреи – да имаат слободен и непречен национален живот, единствениот пат е да се создаде слободна независна Македонија…“

Во овој период Александар Везенков е особено активен и воДруштвото за славјанска заемност, во мај 1913 година, одржува јавно предавање „Улогата на македонското население во Балканската војна и неговиот однос кон сојузниците“. Исто така тој често настапувал заедно со Д. Чуповски и Н. Димов во расправите на славјанските собири за македонското прашање.

Од името на „македонските автономисти“ Александар реагира и до весникот „Рѣчь“ за пишувањето на славјанофилите во весникот „Новое время“ за условите за српско-бугарското зближување, при што потсетува:

„Автономна Македонија беше неопходна за зацврстување на славјанското обединување под моќната егида на Русија… Во свое време ние македонските автономисти не еднаш им укажувавме на мнозина и на некои од славјанољубите политичари од ,Ново Време‘ дека ако Русија допушти да се подели Македонија, тогаш словенската идеја ќе се разбие како морски бран од гранитната стена (Македонија) и ќе може да се видат само капките при паѓањето за да исчезнат на дното на морската шир, од каде што никакви ,славјанофили’ не ќе можат веќе да ја извадат“.

Александар Петривич Везенков – Косарин останува со рускиот театар се до пензионирањето.

(извор: Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009)

Најново од: Македонски легенди

Тома Прошев

Тома Прошев е роден на 10 ноември 1931 година во Скопје, а починал на 12 септември 1996 година на хрватскиот остров Зларин. Тома Прошев е Македонски композитор, диригент и музиколог, еден од најистакнатите автори на македонската современа музика и меѓу првите композитори што внеле нов звук во македонското музичко творештво. Гимназија завршил во родниот град. […]

Никола Беровски – големиот учител на Македонците во Албанија

Никола Беровски е роден во 1923 година во Битола, а починал во 1993 година во Тирана, Албанија. Има луѓе чие дело продолжува да живее во генерациите што ги описмениле, во книгите што ги оставиле и во јазикот што помогнале да се зачува. Меѓу нив е Никола Беровски, македонскиот учител, учебникар и преведувач кој својот работен […]

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

To top