Македонски легенди

Панче Пешев

pance-pesev

pance-pesevПанче Пешев (5. VII 1915 – 5. VI 1944) е македонски револуционер, учесник во НОБ, композитор и хорски диригент. Тој бил борец на Народноослободителниот партизански одред (НОПО) „Димитар Влахов“, на Кумановскиот НОПО и на Третата македонска народноослободителна ударна бригада (МНОУБ). Тој ја напишал песната “Ко челик сме ние”, која станала химна на Третата македонска ударна бригада.

Панче Пешев е роден на 5 јули 1915 година во Велес. На петгодишна возраст, неговото семејство се преселило во Куманово, каде завршил основно училиште и гимназија. Уште како ученик тој ја започнал револуционерната и музичката активност и го посветил својот живот на напредното работничко движење и на музиката.

Пешев учел виолина во Музичкото училиште „Мокрањац“ во Скопје, кај Трајко Прокопиев, како и теориски предмети во Музичкото училиште „Станковиќ“ во Белград. Часови по музика земал приватно кај Јосип Славенски и Јуриј Арбатски.

Во 1931 година тој станал член на СКОЈ, а во 1935 година станал член на КПЈ и бил избран за секретар на Месниот комитет на СКОЈ во Куманово. Во 1936 година станал член на Месниот комитет на КПЈ за Куманово.

Пешев истовремено членувал и во УРС-овите синдикати. Учествувајќи во работничките аматерски оркестри и хорски друштва, тој се пројавува и како диригент на некои од тие колективи. Диригира и со хорот и оркестарот на Друштвото „Абрашевиќ“ во Куманово (1935-1936).

По повод избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, ја компонира масовната песна Класје зелено на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.

Поради својата политичка дејност двапати бил апсен во Кралството Југославија. Првиот пат во јануари 1936 година, кога бил казнет со казна затвор од 20 дена и вториот пат во април 1937 година кога бил осуден на две и пол години затвор. Од затвор излегил во ноември 1938 година. Кон крајот на 1939 година повторно станал член на МК КПЈ.

Во јануари 1941 година Пешев бил интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица. Додека бил во логорот, тој основал хор кој ги изведувал народните песни: Старци белобрадци, Млада овчарка, Помниш ли либе Галабо, Борјано, Борјанке и други.

Во текот на НОВ (1941-1944), неговите музички материјали се уништени од окупаторот. Не знаејќи дека се наоѓа во партизанските единици, оргуларот Арбатски, според постојните програми, ја извел и неговата „Шеста соната за оргули“ на концертите во Прага (1942) и во Лајпциг (1943). До денес не е потврдено дали станува збор за вакво дело на нашиот музичар.

По окупацијата на Југославија станува член на Воениот штаб на КПЈ за Куманово. Бил дел и од редакцијата на весникот „Дедо Иван“. На 12 октомври 1941 година го постројува Козјачкиот партизански одред и ги соопштува имињата на борците кои се назначени за командант и политички комесар. По разбивањето на двата кумановски партизански одреди, преминува во илегала и се крие во Велес и Скопје.

Во јуни 1942 година заминува во Струмица. По два месеца се враќа во Скопје, каде што набрзо е уапсен во врска со убиството на Мане Мачков на 20 август 1942 година. На 14 септември 1942 година, заедно со група од осум политички затвореници од селото Рудник, Велешко, е доведен на стрелање во месноста Пуста кула, но успеал да избега.

Кон крајот на септември 1942 година се приклучил на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Во ноември 1943 година станал борец на Кумановскиот партизански одред, а потоа и на Третата македонска бригада. Како борец на бригадата Панче Пешев ја компонирал музиката на популарната македонска борбена песна од НОВ, која станала Марш на Третата македонска бригада „Ко челик сме ние“.

На 16 март 1944 година раководството на КПМ го исклучило Пешев од партијата, заедно со Благоја Стевковски – Гојчо.

За време на Мајската (пролетна) офанзива во 1944 година, при враќањето на Бригадата од Егејска Македонија, загинал во судир со бугарската војска во струмичкото село Кушкулија, на планината Плачковица, на 5 јуни 1944 година.

По Втората светска војна, неговиот татко Никола Пешев беше избран за градоначалник на Куманово.

Во чест на Панче Пешев Сојузот на композиторите на Македонија ја доделува наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија. Во негова чест и Нижото музичко училиште во Куманово го носи неговото име.

Најново од: Македонски легенди

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

To top