Македонски легенди

Стефан Јакимов Дедов

stefan-jakimov-dedov

stefan-jakimov-dedovСтефан Јакимов Дедов (Охрид, 28.X 1869 – Софиjа, 19. IX 1914) е еден од првите македонски публицисти, организатор на македонски клуб со читалиште во Белград. Тој е основач, сопственик и редактор на  весникот „Балкански гласник“ со македонски содржини, кој го издава во Белград во 1902 година. Дедов прв јавно го прокламира македонскиот литературен  јазик со фонетски правопис, а по забраната на весникот и македонскиот клуб, заедно со Дијамандија Трпков Мишајков, со препорака на рускиот амбасадор, заминуваат во Санкт Петерсбург и стануваат членови-основачи на Македонско научно литературно другарство МНЛД (28.X.1902). Дедов е потписник на Меморандумот до Рускатта влада и до Советот на СПбБО во СПб од 12 XI.1902 година, што преставува прва комплетна  македонска  националноослободителна програма.

Стефан Јакимов Дедов е роден во Охрид. По завршувањето на средното образование работи како учител во Македонија. На Македонија во тој период и се потребни образовани кадри за да може „да и послужи на својата татковина и на нејзините интереси“. Како и многу негови сограѓани,  најпрво заминува на печалба во Бугарија, каде работи во Берковица и Русе, како поштенски чиновник – телеграфист. По добивањето на  српска стипендија, Дедов заминува во Белград на  студии на Правниот факултет  (1898 – 1902 г.).

Во Белград Стефан Дедов ги организира македонските емигранти и печалбари во посебни македонски асоцијации, го формира Македонскиот клуб и заедно со Дијамандија Трпков Мишајков го издава весникот „Балкански гласник“. Во весникот за првпат беа претставени основите на програмата на македонскиот клуб, односно на новото македонско национално движење, кое се залагаше за Македонија како автономна или самостојна балканска држава, или пак, како рамноправна единица на балканска федерација или конфедерација, потоа Македонците како посебна нација, Охридската архиепископија како македонска национална црква и македонскиот како одделен литературен јазик со фонетски правопис.

Издавањето на весникот имаше за цел да ги брани интересите на македонските христијани не само од угнетувањето од Турците, туку и од разните пропаганди, како и да проповеда за самостојна Македонија во политички, национален и духовен однос. Кога македонскиот клуб подготви меморандум за Македонија до големите сили, а веста за тоа беше објавена во „Балкански гласник“. организаторите беа жестоко нападнати од печатот.  Кулминацијата на нападите во српскиот печат настана заради информацијата во која се вели дека: “Македонската младина собрана околу “Балкански гласник”, со помошта на сите емигранти што живеат во Србија, подготви меморандум (жалба) што наскоро ќе им биде поднесен на претставниците на големите сили – потписнички на Берлинскиот договор, врз основа на кој бараат да се подобри состојбата во Македонија и Стара Србија (денешно Косово).“ Од друга страна, тоа не одговараше на актуелната српска политика. Споменувањето на Стара Србија беше крајната граница која Белград можеше да го толерира, а по низата јавни протести и закани во летото 1902 година, српската  власт по осум излезени броја го забранува „Балкански гласник“, а Дедов и Мишајков се изгонети од Србија.

Протерани од српските власти, Дедов и Мишајков во септември 1902 година, со помош на рускиот амбасадор заминуваат во Санкт Петерсбург, Русија, каде го иницираат формирањето на македонското научно литературно друштво. По средбите со високите политички кругови на Русија, а во соработка со Крсте Мисирков, Димитрие Чуповски и други македонски студенти во Санкт Петербург, го поднесуваат историскиот Меморандум на Другарството од 12 нември 1902 година до руската Влада и до санктпетерсбуршкото словенско благотворно друштво.

Што содржел најавениот белградски меморандум (жалба) не е познато, ниту пак се знае дека истиот му е предаден на рускиот конзул, но се верува дека многу не се разликувал со Меморандумот на Другарството на кој стојат потписите на Стефан Јакимов Дедов и Дијамандија Трпков Мишајков. Тогашниот печат наголемо шпекулира за судбината и содржината на белградскиот меморандум. Според едни, спречено било испраќањето на меморандумот, но според други Меморандумот до потписничките на Берлинскиот договор бил испратен, а во него се тврдело  “дека Македонија е посебна земја што ниту етнографски, ниту географски не и припаѓа на Србија и дека Македонците не се ниту од српска, ниту од бугарска народност, па според тоа, и Македонците што живеат во Србија, во согласност со оние што живеат во Бугарија, бараат автономија на Македонија“.

На почетокот на 1903 година, непосредно пред очекуваните илинденски настани, Дедов заминува за Бугарија за да дејствува меѓу македонската револуционерна емиграција, а Мишајков се враќа во Битола за да подготвува почва за отворање македонски училишта. Во април 1903 година, Дедов во Софија почнува да го издава  весникот „Балканъ“. Издаван на бугарски јазик и со уводници на руски, а под мотото „Македонија на Македонците, весникот „Балканъ“ преставува неофицијален орган на МНЛД, во којшто објавува и дел од Програмата на Другарството.

По Илинденското востание, во 1904 година го издава својот трет орган на „новото македонско движење“ весникот „Куриеръ“. Во текот на истата година, Дедов со македонската емиграција основа фонд „Св. Климент“ во Софија, чија што основна цел била да се помага просветителската дејност во  македонските училишта во Охрид.

Сестрано го помага печатењето на книгата „За македонцките работи од Крсте Мисирков (1903), а со Е. Спространов се подготвуваат за издавање весник „Автономна Македонија. Соработува во „Балкански куриеръ“ (1905), „Денъ“ и во други софиски весници (најчесто под псевдонимот Ридски или Р.). Стефан Јакимов Дедов остана доследен на идеологијата на Другарството, но непосредно  пред почетокот на Првата светска војна, по порачка на бугарската влада под сомнеж дека е близок до веќе завојуваната Србија, Дедов е убиен во Софија од  Славе Иванов.

Најново од: Македонски легенди

Тома Прошев

Тома Прошев е роден на 10 ноември 1931 година во Скопје, а починал на 12 септември 1996 година на хрватскиот остров Зларин. Тома Прошев е Македонски композитор, диригент и музиколог, еден од најистакнатите автори на македонската современа музика и меѓу првите композитори што внеле нов звук во македонското музичко творештво. Гимназија завршил во родниот град. […]

Никола Беровски – големиот учител на Македонците во Албанија

Никола Беровски е роден во 1923 година во Битола, а починал во 1993 година во Тирана, Албанија. Има луѓе чие дело продолжува да живее во генерациите што ги описмениле, во книгите што ги оставиле и во јазикот што помогнале да се зачува. Меѓу нив е Никола Беровски, македонскиот учител, учебникар и преведувач кој својот работен […]

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

To top