Македонски легенди

Јован Кукузел – Ангелогласникот

Ioannis_Koukouzelis-240

Ioannis_Koukouzelis-240Јован Кукузел (околу 1280 – 1360) е македонски средновековен црковен пеач, композитор и музички теоретичар, еден од најзначајните преставници на византиската и византиско-македонската духовна музика. Тој е најголемиот и најзначајниот македонски музички деец, реформатор на источнохристијанското пеење и нотација. На Јован Кукузел му се припишува создавањето на неовизантиската, според него наречена Кукузелова нотација, која се среќава во ракописите од XV до XIX век. Тој воведува ново таканаречено пападикиско пеење, кое се одликува со пространост во мелодиката, со богати орнаментации и нагласени динамички нијансирања. Негово најзначајно дело е „Големото исо на пападикиското пеење“. Бидејќи бил надарен со прекрасен глас, неговите современици го нарекуваат Ангелогласниот.

Јован Кукузел роден е околу 1280 година во селото Џерменци (Жировница) крај Дебар, а не како што се наведува во неговото житие во Драч (Дирахион). Всушност во житието на Кукузел, наместо родното место, се наведува седиштетото на Драчката епархија, која тогаш се наоѓа во рамките на Охридската архиепископија. Потврда за родното место дава рускиот патописец од XVIII век Василиј Григорович – Барски кој вели дека Јован Кукузел е роден во селото Џерноница, топоним што со текот на времето, исто како и топонимот Џерменци, се видоизменува во сегашниот Жировница, големо село во близина на Дебар.

При второто патување во 1744 година во Света Гора, рускиот патеписец Барски остава сведоштво во кое се вели: „ .. Во близина пак на манастирот, на јужната страна, е храмот на светите Архангели, убаво изграден, со иконостас, со кипариси, со овошни дрвја и лозја и со две три келии, на место рамно и весело, каде живеел во осаменост некојси мошне фален монах Јоан Кукузелиј“. На истото место читаме дека Кукузел бил родум од дебарското село Џерноница (денешна Жировница).

Неколку извори, иако не е доволно истражени, укажуваат дека Јован Кукузел потекнува од поповско семејство које дава повеќе музички дејци, меѓу кои се и Јован (уште еден со исто име), Јоасаф и Григориј. Неговиот татко, по кого се смета дека го добил презимето Попов, починал додека Јован бил многу мал.

Според неговото житие Јован уште како дете покажува исклучителна музичка надареност и талент. Со својот прекрасен глас го привлекувал вниманието на народот, кој го нарекува ангелогласник. По смрта на татко му, неговата побожна мајка која се грижи тој да добие христијанско воспитување, користејќи го тогашното право едно од децата да ја наследи професијата на својот татко, го испратила Јован да го изучува „Светото Писание“ и црковното пеење во некој манастир.

Во тоа време, за потребите на византиската администрација и црквата, цариградскиот император имал обичај во својот дворец да собира надарени и паметни деца, кои потоа се образувале во Високата цариградска школа. Додека едни изучувале фолозофија, други краснопис, Јован кој поседувал исклучителни гласовни способности, бил испратен во царското музичко училиште каде се стекнува со висока наобразба за византиското пеење.

Во текот на школувањето, Јован од своите другари го добива прекарот Кукузел. За време на престојот во интернатот, тој често пати од своите другари бил прашуван: „Што јадеше денеска?“  Јован кој на почетокот сеуште не го говорел чисто грчкиот јазик, обидувајќи се да каже „Грав со зелка“,  им одговарал на грчко-македонски јазик: „Кукија ке зелија“. Отука другарите ќе го наречат Кукузел, прекар кој наместо презимето Попов, ќе го носи до крајот на својот живот.

Јован Кукузел набргу го надминал овој проблем, го изучил грчкиот јазик и ги надминал во музиката сите свои врсници. Со своето прекрасно пеење набрзо станал византиски штитеник, прв пеач на византискиот двор и љубимец на императорот Андроник II, кој сакал да го ожени со соодветна девојка.

Меѓутоа и покрај сите доживеани блескави успеси и прекрасни услови за напредување кои ги имал на императорскиот двор, како и одличните понуди од страна на византискиот цар, огорчен од суетата која владеела на византискиот двор, Јован Кукузел решил да му служи на Господ и се повлекува во еден од светогорските манастири.

Тајно заминува за Света Гора, каде се прикрива како овчар во лаврата на преподобни Атанасиј Атонски. Додека луѓето на императорот го бараат на сите страни, тој го пасел манастирското стадо и се обучувал на духовниот живот. Случајно бил откриен додека ги пасел козите од некој пустиник. Јован Кукузел сметајќи дека е сам запеал со ангелски глас, а козите престанале да пасат и внимателно и радосно го слушале.

Пустиникот кој бил во близина, мислел дека слуша божествен, а не човечки глас. Кога го видел овчарот како пее, сфатил дека ваков глас неможел да има никој друг освен човекот кој го бара целата империја. Тогаш монасите побарале од овчарот да им ја каже вистината. Кукузел признал дека тој бил првиот пеач на дворот и љубимец на византискиот  император, но ги замолил да не го враќаат во Цариград.

Игуменот на манастирот отишол кај императорот и кажувајќи му ја желбата на Јован Кукузел, успеал да го убеди тој да остане во лаврата. По добиената дозвола од византискиот император Јован останал во манастирот и се замонашил. Отогаш Кукузел почнува низ практична и теоретска работа да врши реформа на византиската музика и на невматското писмо. Тој го воведува т.н. пападакиско пеење, чија мелизматска структура барала воведување на голем број нови невматски знаци.

Во развојниот процес на византиското пеење, во нотацијата на Кукузел, наречена неовизантиска, доаѓа до усложнување на тонската структура, што произлегува од вметнувањето на „варварски“ елементи кои доааѓаат од народната музичка традиција на Македонците. Јован Кукузел со своето дело ги оформува основите на која подоцна се развива македонската црковна музика, која духовно се задржува се до денес.

„Патријархот на византиската музика“ македонецот Јован Кукузел, кого теоретичарите на источнохристијанското пеење го нарекуваат „агелогласен“, „извор на музиката“, „голем мајстор на уметноста“ и втор „Јован Дамаскин“,  во Светогорскиот манастир ги создава своите бесмртни дела. Создал околу 90 композиции, а неговото најзначајно дело е „Големото исо на пападакиското пеење“.

Јован Кукузел пред својата смрт остава аманет да биде погребан во црквата „Св. Архангели“.  Умира околу 1360 година во познатиот Атонски манастир.

На 15 јануари 2007 година, дел од светите мошти на Св. Јован Кукузел пристигнале во Бигорскиот манастир. Тие биле испратени преку Големата Лавра, манастир Светото Преображение во Бостон(каде се чуваат поголем дел од моштите),  во чест на изградбата на параклисот на Св. Јован Кукузел во родните краишта (метох на св. Георгиј Победоносец, с. Рајчица, Дебарско).

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top