Македонски легенди

Тома Николов

toma-nikolov

toma-nikolovТома Николов Христов (околу 1863 – 18. VIII. 1946) е македонски револуционер, свештеник и просветител, учесник во Илинденското востание. Познат како Поп Тома или под псевдонимот Златоуст, тој е член и раководител на Македонската револуционерна организација. За време на Илинденското востание, во интервју за „Дејли Њуз“, за англиската јавност ќе изјави дека „Востанието е македонско, вистинските ефикасни боречки чети се македонски. Четите не доаѓаат од Бугарија. Тие доаѓаат од македонскиот народ“.

Тома Николов е роден околу 1863 година во кичевското село Вранештица, во сиромашко семејство. Татко му бил фурнаџија, а мајка му домаќинка. По заминувањето на татко му во Романија, мајка му морала да работи, за да Тома може да се образува. Три години учел во ќелијното училиште на црковнославјански јазик во манастирот Св. Богородица Пречиста, а потоа барал работа, бидејќи мајка му била во лоша материјална положба.

Во 1878 година, Тома бил назначен за учител во прилепското село Варош, каде работи две години. Се истакнувал со своите гласовни способности, а населението со радост ги слушале неговите духовни и световни песни. Во 1880 година, за време на летниот распуст, во Прилеп доаѓа Атанас Бадев кој во градот формирал црковен хор од ученици и граѓани. Поттикнат од Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои тогаш биле ученици во класното училиште во градот, Тома станал член на хорот, а во 1881 година станал и учител во Прилеп.

Во 1882 година, со поддршка на Ѓорче Петров и Пере Тошев, Тома го продолжува своето образование во Солунската гимназија, која тогаш беше расадник на просветата, културата и националниот дух на Македонија. Во 1885 година, по завршувањето на трети клас, на барање на претседателот на црковната општина во Солун архимандритот Козма, Тома заминал да работи како учител во Кичево. Во 1889 година бил ракоположен за ѓакон во црквата Св. Стефан во Цариград од скопскиот владика Теодосиј, а потоа работи како егзархиски учител во Битола и служи во црквата Св. Богородица.

По формирањето на Македонската Револуционерна Организација, ѓаконот Тома Николов влегува во редовите на ТМОРО. Во Битола во тоа време се неговите блиски пријатели Ѓорче Петров и Пере Тошев, но преку дедо Козма, во Организацијата го внесува Анастас Лозанчев кој му ја објаснил суштината на револуционерната борба. По добивањето на инструкциите и статутот на организацијата, Тома се зафатил со интензивно привлекување на нови членови. Покрстувањето на новите членови на организацијата кои ги испраќале Георги Пешков и Анастас Лозанче, Тома го вршел во слободното време, кога немал часови. За да му даде поголемо значење на заклетвата, тој чинот на покрстувањето го прави пред светиот олтар на црквата Св. Богородица, пред Евангелието и крстот, камата и револверот.

Во Битола, тоа беа времиња слични на почетоците на христијанството. Секој бил подготвен за големи жртви на делото. По организирањето на градот, Организацијата почнала да се шири и по селата, а најголем дел од учителите биле вистински апостоли на револиционерното дело. Тома Николов станал близок соработник на Даме Груев, Пере Тошев, Анастас Лозанчев и др.

Во 1896 година, Тома Николов бил назначен за егзархиски наместник во Дебар, а во 1899 година станал архиерејски наместник во Кичево. Како член на Битолскиот окружен револуционерен комитет и на револуционерните комитети во Кичево и Дебар, тој активно работи на развивањето на Организацијата. Но, кон крајот на 1899 година, по убиството на дебарските бегови на границата меѓу Дебарскиот и Кичевскиот крај, Тома Николов заедно со голем број членови на Оргаизацијата бил осомничен и уапсен за револуционерна дејност.

Во затворите во Кичево и Битола, Тома лежи една година. Во затворот го посетува Гоце Делчев, а набргу потоа, поради недостаток на докази, тој бил ослободен. Меѓутоа, кога во пролета 1902 година, во Кичевско бил убиен локален Турчин кој насилно се однесувал со населението и посегнал по нивната чест, Тома повторно бил ставен под присмотра. По добивањето на пораката од дедо Козма дека пристагнала телеграма од судот во која се бара тој повторно да биде уапсен и спроведен стражарно во Битола, потпевнувајќи ја песната „Македонијо родино мила“, Тома одлучил да замине во Битола за да се консултира со членовите на Организацијата.

Во Битола била донесена одлука Тома да замине во гората и тој ја заменува свештеничката со комитска облека. Од градот заминал со Парашкев Цветков и влегол во четата на Тома Давидов. По неговата смрт, влегува во четата на Славејко Арсов која дејствува во Ресенско, а потоа со Васил Попов и Христо Сугарев (брат на Ѓорѓи Сугарев), се вратил во Кичевско. Како делегат на Кичевскиот реон од 2 до 7 мај 1903 година, Тома Николов учествувал на Смилевскиот конгрес, каде добил задача да ги предаде протоколите на Задграничното претставништво во Софија.

По избувнувањето на Илинденското востание 1903 година, британскот печат со внимание ги следи настаните во Македонија. Во печатот биле објавени многубројни соопштенија за револуционерните настани и подробности за текот на востанието. Се објавуваат и инервјуа од видни македонски дејци, преку кои Европа ја добива правата слика за целите на македонската борба за слобода. Такво интервју објавува лондонскиот весник „Дејли њуз“ на 12 август 1903 година под наслов „Македонско востание“ (“Macedonian Rising”, Daily News, August 12th, 1903, p. 12). Новинарот Џон Мек Доналд (John McDonald), по интервјуто со поп Тома ќе забележи:

„И, што е тоа неповолно за македонската кауза, мислам на онаа што лошо се сфаќа и што прилично нашироко преовладува во западна Европа? Македонија за Македонците, не Велика Бугарија, е нашиот идеал – рече попот-борец Тома Николов, чиешто раскажување јас го претставив во едно писмо од Блискиот Исток пред неколку недели. Така, гледате дека ние веќе направивме извесен почеток со привремена влада на Македонија. Нашиот идеал е Македонија за Македонците и за него ние ќе се бориме. Јас се надевам дека Вие ќе и го кажете ова на Вашата англиска јавност. Востанието е македонско, вистинските ефикасни боречки чети се македонски. Четите не доаѓаат од Бугарија. Тие доаѓаат од македонскиот народ. Тие ќе продолжат да доаѓаат се` дотогаш додека македонскиот народ го поднесува лошото владеење на Турците“.

По Илинденсто востание, поп Тома се вратил во Македонија во 1904 година и му помагал на Даме Груев во обновување на Организацијата. Во овој период доаѓа до засилувањето на српската прпаганда и до грабнување на Даме Груев, што претставуваше голем удар за Организацијата, особено во Кичевско. По Демирхисарската (Лигушева) афера во 1906 година, кога е провалена организационата мрежа во Битолско и е убиен Ѓорги Сугарев, поп Тома повторно е затворен и осуден на доживотен затвор. Затворската казна ја издржувал во Битолскиот затвор се` до 1908 година, кога по Младотурската револуција бил ослободен.

По расколот во Организацијата, во септември 1908 година, поп Тома бил делегат на конгресот на Сојузот на бугарските уставни клубови во Солун. Потоа станал претседател на егзархиската црковно-просветна општина во Ениџе-Вардар, а во декември 1909 година, Егзархијата го назначила за управник на Воденската епархија, каде го затекнале и Балканските војни.

Со почетокот на Втората Балканска Војна поп Тома бил уапсен и затворен во солунскиот затвор Једи Куле. По завршувањето на војната, Грците го ослободуваат и го протеруваат од окупираниот дел на Македонија. Тома потоа заминал за Софија, а по започнувањето на Првата Светска Војна бил свештеник на Петтиот полк (подоцна 63-ти) при Единаесеттата дивизија.

По војната работи како свештеник во црквата во Горна Бања, во близина на Софија, а потоа во црквата Св. Петка во Софија. Во 1934 година бил расчинет поради служење панихида на член на ВМРО (Автономистичка). Поп Тома Николов умира на 18 август 1946 година во Софија.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top