На прво место

Демографијата е нашата нова борба за Македонија

Македонска Нација

Македонска Нација

ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИЛОШОСКИ ПО ПОВОД 2 АВГУСТ — ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА

Денес стоиме на Мечкин Камен. Ова не е обичен споменик, ниту случајна планинска корија. Ова е место каде што пред 123 години една мала чета јунаци застанаа пред неспоредливо посилен непријател — и не отстапија! Питу Гули и неговите соборци знаеле сè за таа битка. Знаеле дека силите се нерамноправни. Знаеле дека помош нема да пристигне. Знаеле дека нема да се вратат кај нивните сопруги, кај нивните деца, кај нивните родители. Но, сепак останале. Не затоа што не се плашеле, туку затоа што постоело нешто поголемо од нивниот страв. Љубовта кон нивните семејства, кои ги бранеле и љубовта кон Македонија која ја создавале. Во таа нерамна борба не им било лесно да имаат надеж за победа.

Но, се бореле затоа што одбиле да живеат без надеж

На 12 август 1903, османлиските сили се приближувале кон Крушево од повеќе правци. Просторот за повлекување станувал сè потесен. Муницијата била ограничена. Одредот на Питу Гули ги зазел позициите овде, на оваа камена корија. Пред борбата, Питу не им ветил на своите соборци победа. Не ја прикрил опасноста. Останувањето на Мечкин Камен била свесна одлука — и свесно прифаќање на личната и јуначка саможртва. На ова место загинал Питу Гули, заедно со голем број свои соборци. Го знаел исходот. Останал! Верен на паролата „Слобода или смрт“!

Кога зборуваме за Крушевската Република, должни сме да го спомнеме и Никола Карев. На Смилевскиот конгрес, Карев имал дилема за времето на кревање на востанието. Дилемата му била дали народот е доволно подготвен и вооружен. Тоа не било отсуство на храброст — туку свест дека зад големите одлуки стојат и човечки животи. Но, кога одлуката била донесена, тој ја прифатил и застанал на чело на востаниците. И Питу и Карев имаа една заедничка девиза: слободата не се добива на подарок. Синовите на Македонија сами мора да се изборат за својата Татковина.

Во ослободеното Крушево, за десет дена, требало да се воспостават ред, снабдување, здравствена грижа и одбрана. Карев и неговите соработници покажаа дека слободата не е само отфрлање туѓа власт, туку и способност да се преземе одговорност за сопствената заедница.

Тоа време не се мери со бројот на деновите во слобода, туку со идејата — дека во срцето на Балканот може да постои Република заснована врз слобода, одговорност и рамноправност.

И во моментот кога Крушево можеше да проговори со јазикот на одмаздата, тие со Крушевскиот манифест проговорија со јазикот на разумот. Затоа Илинден не е само датум во календарот. Илинден е историска вага според која секоја генерација може да ги мери своите дела за Македонија.

Востанието беше задушено. Стремежот за слободна Македонија остана. Четири децении подоцна, во НОБ, партизаните ги именуваа своите одреди по јунаците од илинденската епопеја. Крушевскиот одред го носеше името на Питу Гули.Битолско-преспанскиот — на Даме Груев.

Прилепскиот одред го носеше името на Гоце Делчев, велешкиот на Пере Тошев. Генерацијата на партизаните се гордееше со идеалот на Илинденците и ја продолжи нивната борба. На заседанието на АСНОМ, идејата за слобода доби државотворна форма.

Во 1991 година граѓаните референдумски ја потврдија самостојноста на Република Македонија. Секоја генерација се носеше со својата задача. Генерацијата од 1903 ни ги остави непокорот и саможртвата за слобода. Генерацијата од 1944 ја претвори слободата во држава. Генерацијата од 1991 ја потврди самостојноста. Нашата генерација има своја задача. Помалку драматична од претходните — но не помалку важна. Наша задача е оваа слободна Македонија денес, да има кој да ја наследи утре. Затоа што државата не е само територија. Не е збир на државни институции. Државата е народот, таа е живо наследство што секоја генерација ѝ го предава на следната. И тоа наследство има смисла само ако секоја генерација има и потомци, ново поколение.

Крушево — градот што е симбол на борбата за слобода и државност — денес има неколкукратно помалку првачиња отколку во минатите децении.

За жал, истото е и во Прилеп, Струга, Струмица, Дебар и во Скопје. Што ќе вредат спомениците, ако нема детски раце што ќе положат цвеќе пред нив? Колку ќе вреди македонскиот јазик, ако нема кој да го говори и да им го пренесе на своите внуци? Ќе вредат ли училиштата, ако во нив нема детски џагор?

Браќа и сестри. Нашето востание денес не се пушката и Црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитаат деца. Демографијата е нашата нова борба за Македонија. Демографијата не е само статистика. Демографијата е бебешкиот плач и родителските солзи радосници. Младите ученици кои носат надеж за успех. Демографијата е семејство полно со верба дека среќата е поголема кога во домот има повеќе сестрички и братчиња.

Затоа ова не е само социјално и економско прашање. Демографијата е прашање и на личен приоритет, на семејна среќа и национален опстанок.

Можеме да градиме спортски сали, градинки и училишта. Може да создадеме раст и нови инвестициски проекти. Но, сето тоа има смисла само ако има млади на кои ќе го оставиме. Затоа грижата за семејството , особено за мајките и за децата, не смее да биде тема на еден мандат, на една влада или на една партија. Демографијата е тема што треба да не обедини, а сите ние како поединци и семејства да дадеме личен пример дека тоа што го зборуваме, тоа и го правиме. Да се обединиме за повеќе надеж, за повеќе семејства, за повеќе првачиња.

Саможртвата на Питу Гули ни дава јасна обврска: да не бидеме генерацијата што наследила држава, а оставила празни домови и празни училишта.

Питу Гули, јунакот кој овде загина на свои 38 години, не беше само идеалист и револуционер. Питу Гули беше сопруг и татко на четири деца. Загина бранејќи го токму она што му беше најсвето – семејството и Татковината.

Илинденците садеа дрво под чија сенка знаеја дека веројатно никогаш нема да седнат. Но го засадија. За потомците што доаѓаат по нив. Тоа е големината на една генерација — не само во она што го создава за себе, туку во она што е подготвена да го остави на оние што сè уште не се родени. Илинденците не ни оставија само историја. Ни оставија завет оваа наша слободна Македонија да ја чуваме и да израснеме потомци што ќе ја наследат и ќе ја унапредат.

Илинден нè учи и на нешто друго, нешто што ни е потребно повеќе од кога било. Дека има мигови кога она што нè обединува мора да биде поголемо од она што нè дели. Може да имаме различни политички ставови и различни погледи за патот по кој треба да одиме. Тоа не е слабост — тоа е демократија. Но, постојат работи што мора да стојат над нашите поделби. Македонија е првата меѓу нив.

Партиите доаѓаат и си одат. Владите се менуваат. Татковината е таа што останува. Можеме да спориме за патот, но не смееме да го изгубиме правецот. Бидејќи националното единство не е отсуство на разлики. Националното единство е присуство на заедничка одговорност за државата!

И затоа патриотизмот денес не е само да го развееме знамето еднаш годишно, ниту само да зборуваме за историјата. Патриотизам е да го чуваме македонскиот јазик — зборувајќи го, пишувајќи го и пренесувајќи им го на нашите деца кои ќе бидат негови нови говорители. Да ја чуваме културата — не само сеќавајќи се на она што било создадено, туку преку млади творци кои ќе создаваат нови дела што ќе нè поврзат и со иднината. Да ја чуваме историската меморија — не за да живееме во минатото, туку за да знаеме кои сме додека чекориме кон европската иднина. Затоа што народ што не знае од каде доаѓа, тешко знае и каде треба да оди. А народ што го почитува сопствениот идентитет нема потреба да го негира туѓиот. Македонија не бара ништо што му припаѓа на друг. Но, никој не може да очекува од нас да се откажеме од она што сме. Ние сме Македонци. Имаме своја историја и култура, свои легенди и преданија, свои песни и херои, свои порази и победи. Оставете не да си ги оплакуваме и да си ги славиме по македонски.

Оваа порака не е против никого. Тоа е едноставно вистината за нас. И таа вистина не ја изговараме со гнев, туку со достоинство. Достоинство кое го градиме заедно со Албанците, Власите, Турците, Србите, Бошњаците, Ромите и сите други граѓани на оваа земја. Сите заедно, ние сме Македонија.

Затоа што националното достоинство не се докажува со омраза кон другиот. Тоа се покажува со почит кон себе и уважување на различните од тебе.

Пораката од ова место денес не е упатена само кон минатото и возрасните. Таа е упатена и кон нашите деца. Кон младите што го бараат своето место во светот и често го наоѓаат далеку од дома. И кон иселениците ширум светот кои, каде и да живеат, сè уште ја носат Македонија во срцето. Нашата задача не е да ги убедуваме младите да живеат во историските спомени. Нашата задача е да им оставиме земја во која ќе можат да ги создаваат своите спомени. Земја што ќе ја чувствуваат како своја. Земја во која ќе можат да основаат семејства и да ги растат своите деца. А оние што веќе заминале во странство — да имаат причина еден ден да се вратат. Убаво е Македонија да биде местото од кое потекнуваме. Но, уште поубаво е Татковината да биде и местото кон кое се враќаме.

Пред 123 години, на овие падини, луѓе со многу помалку од нас се осмелија да сонуваат за многу повеќе. Немаа држава. Немаа школи. Немаа војска, немаа здравство, ниту гаранција дека ќе победат. Но, имаа верба. Имаа храброст. Ја имаа Македонија во срцето. Ние денес имаме држава. Имаме училишта. Имаме војска, здравство и своја Република. Затоа нашата одговорност е поголема, а не помала. Од нас не се бара да ги правиме истите жртви како нив. Само се бара да бидеме верни на идеалите, да не бидеме себични и да го чуваме и унапредуваме она што тие го создадоа.

Еден ден сите ние што денес стоиме овде ќе бидеме дел од минатото. И можеби некое дете што сега стои меѓу нас ќе застане повторно на ова исто место. Ќе погледне кон Мечкин Камен. Ќе се сети на Питу Гули. На Никола Карев и на Илинденците. Тогаш ќе се постави прашањето што стои пред нас и денес: Дали само се гордееја со она што го направија нивните предци — или направија нешто со што можат да се гордеат нивните потомци? Тоа е вистинскиот долг кон Татковината. Не само да ја опеваме, туку да бидеме способни и да ја надградуваме.

На Мечкин Камен тишината зборува. Ако внимателно ја слушнеме, таа не нè повикува само да им се поклониме на мртвите. Таа нè повикува да бидеме достојни на нивната жртва. Достојни на името што го наследивме. На земјата што ни ја оставија. И достојни на децата што ќе дојдат по нас. Слободата ја наследивме од предците. Иднината им ја должиме на потомците.

На нас останува Македонија да им ја предадеме како жива татковина —

со разиграни деца,

со полни и современи училишта,

со млади што творат овде,

со семејства што го создаваат нивниот успех и

со соживот и почитување што ќе се пренесува од поколение на поколение.

Зошто најдлабоката почит што можеме да им ја оддадеме на оние кои загинаа за Македонија е да создадеме Македонија во која вреди да се живее.

Тоа е нашиот долг кон минатото и нашата одговорност кон сегашноста. Нашиот завет кон иднината.

Ако бидеме достојни на тој завет, тогаш и по 100 години, на ова место ќе има кој да се поклони пред жртвата на Илинденците!

Вечна слава на Питу Гули и на неговите соборци. Вечна слава на сите што се жртвуваа за слободата и државноста на Македонија. Развејте го знамето на Крушевската Република. Нека ни е вековит Илинден. Да живее Македонија!

Говорот на Милошоски беше поздравен од голем дел од присутните со громогласен аплауз и со одобрување на неговите пораки за национално единство, зачувување на македонскиот идентитет и демографска обнова на Македонија.

Посебен и впечатлив дел од чествувањето на Мечкин Камен беше свеченото пречекување на коњаниците, кои со своето пристигнување го оживеаја духот на Илинден и предизвикаа силни емоции и воодушевување кај присутните. Празничната атмосфера дополнително ја збогати настапот на играорната група со македонски ора и песни.

Свежо цвеќе пред споменикот на Мечкин Камен најпрво положија претставници на семејството на војводата Питу Гули, а потоа и делегации на Собранието, Владата, претседателот на Република Македонија, Армијата, политичките партии, Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, илинденските коњаници, како и претставници на бројни здруженија и граѓански организации.

 

Најново од: На прво место

На 13 ноември се одбележуваат 82 години од ослободувањето на Скопје

Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положија 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор. Скопје го одбележува 13 ноември, денот кога во 1944 година борците од Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесетата македонска бригада го ослободија градот од фашистичката окупација. […]

Мицкоски со факти ја разобличи хистеријата на Филипче

АЛТА банка на Мацура ја носи Владата на СДС и ДУИ   Владата на СДС и ДУИ уште во 2023 година дала насока за влегување во деловни односи со АЛТА банка од Србија, посочи премиерот Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието, покажувајќи извадок од нацрт-записник од владина седница одржана на 24 октомври 2023 година. […]

Филипче и Заев да одговорат дали знаеле за сомнителните трансакции од 110 милиони евра од Венецуела преку Еуростандард банка

Филипче и Заев да одговорат дали знаеле за сомнителните трансакции од 110 милиони евра од Венецуела преку Еуростандард банка СДС и Венко Филипче што со демагогии, лаги, манипулации и хистерија сакаат да предизвикаат страв и несигурност кај граѓаните, на македонската јавност им должат одговори за пропаста на Еуростабдард банка и за можноста за „перење“ пари. […]

Апел за донации: да ја зачуваме црквата „Св. Марена“ – „Св. Огнена Марина“ во Зубовце

Црковниот одбор на црквата „Св. Марена“ – „Св. Огнена Марина“ во село Зубовце упатува апел до сите добронамерни луѓе, фирми, институции и иселеници да помогнат во стабилизацијата и конструктивното зацврстување на храмот.  Црквата „Св. Марена“, стара речиси два века, во последните години претрпува оштетувања поради движење на земјиштето. За да се спречи нејзиното понатамошно оштетување […]

Скопје го разубавува своето лице во пресрет на 2028 година

Еден од најпрепознатливите симболи на Скопје доби ново декоративно и архитектонско осветлување, кое ја истакнува убавината на камените сводови над Вардар. Камениот мост во Скопје на 6 ноември 2026 година блесна со ново осветлување. Свечено го пуштија во употреба градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу. Проектот […]

Латас: Не е само Дубаи – се отвораат скриени подруми и архиви

Ај, нека помине малку време, Мицкоски да го реши ова со Алта банка и сите да ги имаат своите пари на слободно располагање, па ќе се свртиме кон еден друг случај: Како Зоран Заев, со асистенција на неговиот советник Зоран Башановиќ, кој под притисок од Вучиќ се повлече од Србија и стана десна рака на […]

Пропаѓањето на Еуростандард банка во време на СДС покажува каков е нивниот однос кон парите на граѓаните

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ – реакција на ставовите на Венко Филипче Нервозата и хистеријата кај Венко Филипче се сѐ поочигледни и тој не може да ги скрие, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. „Филипче, очигледно, не сака што се најде решение за случајот со Алта банка и што државата и надлежните институции ги преземаат сите неопходни […]

Скопје во знакот на боксот: јубилеен 55. „Златен гонг“ во салата „Расадник“

Од 13 до 15 ноември 2026 година, во спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода, ќе се одржи јубилејното 55. издание на Меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“, во организација на Македонската боксерска федерација. На годинашното издание се очекува учество на боксери и боксерки од 17 држави. Покрај македонските претставници, најавени се учесници од Албанија, Австрија, Белгија, […]

To top