Песни за Македонија

Отвори Ленче пенџере

makedonski-narodni-pesni

Од настан до песна

makedonski-narodni-pesniПоследните децении во 19-тиот век, како и во почетокот на 20-тиот, речиси ништо не се менуваше во месноста Бузаана во Велес. Овој дел од градот името го добил по турскиот збор буз што во превод значи осој, а за Бузаана најадекватен македонски збор би бил мразарница.

И навистина оваа месност во споредба со другите во градот е најмалку сончева и топла која им беше повеќе од потребна на жителите на Бузаана. Покрај студот што се задржуваше најмногу тука, немаше и доволно вода. Се полнеше од изворчето на ридот, а подоцна се направија неколку чешми. Овде како да заборавил Господ да погледне. Ем студ, ем недостиг на вода и тоа токму во таа месност каде живееја најсиромашните велешани. Тие главно беа доселеници од велешките села кои барајќи засолниште од турските зулуми барем тука наоѓаа сигурност, но не и поубав живот. Одвај се чекаше да дојде пролетта и како аргати да се најадат на велешките ниви.

Иако бузанчани живееја скудно тие имаа свои предности. Од нивните распослани куќи на ридот како на дланка се гледа целиот град. Се слушаа ударите на камбаните од црквите, а по средината на градот минуваше Вардар. Понекогаш, посебно во есента, можеше и да надојде, да биде силен и да направи штети. Според бојата го разликуваа дали дождовите паѓале во Скопско или пак по текот на Пчиња.

Осојничавата месност пак не влијаеше доволно врз бедните граѓани. Студот не можеше да им ја одземе топлината на срцата и душата. Во нив не можеше да згасне љубовта во семејствата и меѓу младите. Можеби затоа се раѓаа и опстојуваа најиздржливите. Од меракот и севдата израснуваа убавици и лични момци.

Во вакви услови живееше и растеше Ленче. Родителите како и другите беа сиромашни. Одвај се прехрануваа. Немаше доволно за нив и за двете ќерки. Помалата беше послабичка. Заболе од болеста на сиромашните –туберколозата. Чмаеше. Се сушеше. Пожолтуваше. И дојде крајот. Ја закопаа на гробиштата на црквата Свети Пантелејмон. Мајката Кона долго тагуваше.

И со една уста помалку пак немаше доволно. Ленче нараснуваше. Се издолжуваше и ставаше снага. Почна да работи. Најпрвин дома, потоа во богатите куќи на Македонците и Турците. Кога одеше да чисти по турските куќи се облекуваше по турски, во шалвари. Не толку што ја сакаше нивната облека туку затоа што шалварите беа попрактични да не се оцртуваат и помалку да се забележуваат облините на телото.

Меѓутоа тие не останаа незабележани. Посебно од бегот што живееше долу, на Сармаале. Кога ќе переше или метеше очите му беа заковани врз стројната става на Ленче. А таа од ден на ден стануваше се поубава. Со руси коси, со темни очи и веѓи, стројна. За неа не воздивнуваше само бегот. Бузанчани, којничани па и многу момци од градот. За неа и песна се испеа. А кој ги создаваше песните, ако не беа чалгиите. Така во неа се загледа и песна испеа и убавиот Тодор чалгаџијата. Ем убав, ем добро пееше. Носеше мустаци и брадичка, а на канонот вистински мајстор беше. Имаше завршено и некое школо. Живееше на спротивната страна на градот во близина на Чучкини. За песната и севдата на чалгаџијата, ама и за меракот на Ленче се расчу низ целиот град. Најдобар поштар за ова беше песната. Не ја пееше веќе Тодор. Беше прифатена од песнариите па и од другите чалгаџиски тајфи. Песната дојде и до ушите на бегот. Затоа реши да ја граби. Смисли и план. Испрати една млада Турчинка што беше блиска со Ленче да ја покани заедно да излезат во чаршијата. Првиот дел од планот веќе се исполни. Излегоа од нејзиниот дом. Се спуштија надолу и кога заодија по стрмното сокаче, каде подоцна се изградија лесвичињата Ленче го здогледа бегот. Се тргна. Сопре. Иако беше облечена во турски алишта и со чкепе (шамија) на главата, се забележуваше како и се тресе телото.

– Ти некоја измама правиш со мене – и рече на пријателката.

– Не! Туку ќе ти кажам, ама немој да ме кажеш! Бегот сака да те грабне. Само те молам немој да ме предадеш.

Наместо дома Ленче се упатува кај роднините. Кај Диме Славков, кој исто така живееше на Бузаана. Откога слушнале за намерата на бегот, најпрвин ја смируваат, а потоа ја сокриваат во малото сопче, на крајот на чардакот.

Во родителскиот дом се возбудени. Ја нема нивната ќерка. Ја бараат насекаде. Ниту глас, ниту трага. Ја бара и нејзината братучетка Рајна. Кај Славковци ја дознава вистината и веднаш се упатува дома кажувајќи на мајка си за „загубувањето“ на Ленче. Не губејќи време мајка и Пандора Гајдова – Бричкова веднаш се упатува кај Славковци. Го среќава сопругот Тоде кај чешмата, што ја изгради и по него беше наречена Бричкова, и подзастанувајќи му вели: „Тргај со мене да ја пребегаме Ленчето, оти бегот ќе ни ја земе“.

Ја пренесуваат на спротивната страна кај свои роднини. Бегот ја бара насекаде. Ја наоѓа само не тој туку Тодор. Сега заедничка е севдата. И стравот.  Решаваат да бегаат од родниот град. Пребегуваат во Бугарија, во Ќустендил. Во туѓина го создаваат својот дом. Со своето музичко искуство Тодор Наумов се афирмира во новата средина. Станува капел мајстор. За кратко ќе се разделат. Во Втората балканска војна Тодор како воено лице ќе се најдев во Велес. Исто и по првата светска војна. Потоа подолго ништо не се слуша за нив. Дури по Втората голема војна дознаваат дека Тодор умрел од инфекција. Во 1950 година Јанинка Пљакова, внука на Ленче, ја посетува во Ќустендил. И тогаш, по толку години, вели Јанинка, беше како бабка (убава). Последната вест за Ленчето пристигнала по три години. Осамена, без својот Тодор, без пород и без најблиските починала.

За неа, за убавата русокоса бузанчанка останаа испеани неколку песни, а за канонџијата, членот на чалгијата Тодор, една.

Отвори Ленче пенџере
цигара да си запалам,
маката да заборавам,
до две-три думи да кажам.

Земи ме, Ленче, земи ме,
при мене век да векуваш,
мајка ми, татко, да служиш,
и моите мили братчиња.

Ако ме Ленче не земеш,
проклет да биде, да бидеш,
клетвата да е од мене,
и слепа Ленче да одиш,
сонцето да не го видиш,
ако ме Ленче не земеш.

Ја отвори бело ленче вратниче,
со бело десно Ленче, раченце.
да ти го видам лицето,
ја отвори го пенџерчето
да го видам езерото
како фрла далги, далги,
така моето срце чука за тебе.

не можам лудо да станам,
стара ми мајка легнала до мене
широк ми ф’стан зело под неа.
Прејчи го Ленче ф’станот,
јас ќе ти купам поубав.

Од книгата „Песната и коренот“ од Никифор Смилевски, 1992.

Најново од: Песни за Македонија

За Андон Дончевски – наша гордост и жива легенда

Легендата на црвено-црните Од Кавадарци тргна, по скопската трева, со секој негов гол публиката се крева. Со грбот на Вардар и со срце свое, на теренот беше стрелец што победи брои. Двесте и седумнаесет пати мрежата ја затресе, секој негов удар нова радост донесе. Со оган во градите, со молња во чекорот, остави трага во […]

Песна за Гоце

Автор: Венко Марковски Горо ле сестро ајдушка Горо ле, мајко јуначка Зошто ле горо, зашуми Кога ни ветре не дувна? Дал ми те јунак наминал Со стара верна дружина? Дал ми те некој проколна За вековечни времиња. Ил ми те нешто исплаши, Исплаши памет помами? Горо ле, не трај – прозбори, Тешка ми рана отвори. […]

Чуварот на македонскиот копнеж

Посветено на Мане Јаковлески Од убавото Зубовце, под Шара што спие, тргна едно момче со младост во гради. Но во туѓина, каде германски дожд лие, за родниот крај нешто во него врие. Тргна нови соништа да гради. Во Берлин далечен, сред туѓото сивило, Маноил силно го чуваше пламенот свет, пламенот што растеше сè поголем и […]

11 – ти Октомври

11 Октомври Од тешкиот покров на ропската ноќ се роди крик, се роди моќ. Во Прилеп град, под Маркови кули, се разбуди секој што ропство го куди. И Куманово во слободарска зора запали оган што надеж отвора. Пукна првата пушка, одекна глас: „Доста е ропство, дојде нашиот час!“ Не за туѓи круни, не за туѓи […]

Љубов за мојата родна земја

Заминавме со куфери полни со тага и надеж, преку сини мориња, кон далечни, туѓи градови. Таму сонцето нема ист топол сјај, а ноќите се студени како непознати прагови. Но колку и да нè водат патиштата низ светот, македонскиот корен и во туѓа земја никнува. Во Мелбурн, Детроит, Торонто, среде Европа, па и на крајот од […]

Лирско писмо за Волф Ошлис

Саво Костадиновски Волф Ошлис (29 септември 1941, Кенигсберг – 18 август 2026) бил германски славист, македонист, политиколог, публицист и еден од најголемите странски пријатели и афирматори на Македонија. Германскиот славист, македонист, политиколог, публицист и универзитетски професор Волф Ошлис повеќе од половина век го проучува и го афирмира македонскиот јазик, историјата и културата. Во време кога […]

ВТОРАТА МАКЕДОНСКА УДАРНА БРИГАДА

На 20-от декемвриски ден, во 1943 лето, во Егејот долу, во Фуштани село, близу до Сопота града, се роди Втората македонска ударна бригада. Се исполни планот на Кузман и Ченто, протестираше генералот Вукмановиќ – Темпо. Бригадата ја сочинуваа неколку стотини борци, командантот е Туриманџоски Димче – Горски. Низ тиквешко поле, бригадата оди, многу борби со […]

Светлината од Скопје

Посветено на Мајка Тереза Мајка на светот, со срце од чисто злато, родена во Скопје, во скромно, мило јато. Од калдрмата стара, каде детството извира, таа тргна по пат што цел свет го вселува. Во Калкута далечна, сред болка и глад, им служеше на сите – и на старец и на млад. Во секое паднато […]

To top