Матни дождови
од туѓо небо
со загадени облаци
низ браздите
на нашите ниви.
Ровји од ведро небо.
Поплави па суши.
Мотиките занемени
во очекување
на чисто небо
со сончеви лачи
и румени самраци.
‘Рѓа на остриците.
Молк на плуговите.
Лебното зрно
низ класјето
задушено од какол
со отровно семе
и јалови ‘ртулци.
Пустоши пламеница.
Црнее пепелница.
Офка земјата
мајка родилка
од слепите кртови
зариени во утробата
со благослов оплодена.
Корените подгризнати.
Но, долги и жилави.

Од моите “Оловни мониста”
Розита Македонска Христовска