Култура и туризам

Малешевска свадба

Berovo 700 001

Berovo 700 001

Малешевијата во минатото

Составување на младенците.

– Овој чин во Малешевијата се изведува вака: Кога младоженецот во недела наутро сака да оди на венчавање уште во неговата куќа му даваат заклучен катинар, кој тој го обесува за врвката на своите гаќи (учкур), а клучот го зема некоја баба (од роднините). Катинарот му се дава затворен за ниедна маѓесница да не може да му направи да биде немоќен пред невестата.

На денот на свадбата остануваат кумот и деверот последни, а сите други си одат. Ако кумот е оженет, по вечерата невестата му потура да се измие. Потоа невестата им бакнува рака на сите што вечерале по што кумот ја води во собата што е подготвена за младоженците. Тука кумот наредува младите да ги слечат своите горни облеки, и ги прегледува дали има некоја измама. Потоа ја прашува невестата дали претходно имала односи со некого. Кога таа ќе рече дека немала тогаш тој ќе го посоветува момчето, најпрвин само да ја бакне невестата, а потоа да ги прави сите други работи. Потоа кумот си оди, а младите ги остава сами. Додека младите се забавуваат деверите внимаваат никој да не ги вознемирува младите. Ако деверите не внимаваат може младоженецот да им ги земе капите и да не им ги дава додека не дадат бакшиш. Кога деверите ќе му јават на кумот дека се` е готово, сите тројца одат да ја прегледаат кошулата на невестата.

Ако се` е во ред се објавува со пукање од пушка, а во времето на ропство кога не смеело да се пука тоа се правело со палење nа слама од рж. Веднаш тапаните почнуваат да тапаат или гајдите да свират и со тоа соопштуваат дека тој чин е завршен. Потоа невестата се облекува и оди да им потури вода на кумот, свекорот и свекрвата да се измијат. Тогаш кумот ја прашува дали знае кои се тие лица. Таа му одговара дека тие се тате и мама.

Кога невестата им потура вода од нив добива пари што ги фрла во садот во којшто се миеле. Во тоа време други отстрана фрлаат пепел за тој што се мие да не се измие брзо.

Ако било рано и до зората имало уште доста време сите одат на спиење, но кумот ги советува младоженците таа ноќ повеќе да немаат односи.

Ако невестата не била чесна ја враќале на нејзините родители со тоа што тие ги плаќале сите трошоци што се направени на свадбата. Некаде се погодувале, и од таткото на невестата барале извесна сума пари или нива (ако на тоа се согласел младоженецот).

Нечесната невеста обично кумот ја прашува со кого имала односи? – Ако таа каже тоа се објавува по целото село. Може невестата да рече дека останала нечесна од својот сегашен младоженец.

Ако нечесноста на невестата ја сокрие кумот, свекорот и свекрвата (што и се случувало понекогаш) тоа се смета за грев и општо е мислењето дека во куќата влегла несреќата. Се верува дека тогаш волкот ќе ја дави нивната стока.

Понекогаш невестата се брани, ако тоа излезе на суд, дека момчето и е неспособно (а тоа вели дека три пати ја пробал). Власта може и да ги измири (кога таткото на невестата ќе даде пари или машина за шиење).

Кога ќе се докаже дека невестата била чесна настанува вистинско одушевување со викање, тропање, песни и сл. Тогај најголема радост чувствуваат деверите зашто во тој случај во понеделникот ќе биде нивното вистинско деверско царство, а и инаку повторна веселба – за сите вчерашни гости.

Дали некоја невеста како девојка била чесна за тоа жените најпрвин дознаваат и потоа долго раскажуваат во своето место и по околијата. (Затоа што тие случаи не се кријат, денес има влијание на девојките да се чуваат. На тој начин ќе се врати стариот морал  – а се верува дека веќе навистина се враќа).

И во Пијанец (околија Царево-селска) се внимава дали девојката била чесна или е расипана (бесчесна). Ако се докаже дека не била чесна се бара црно магаре, за кое добро се плаќа (обично долго се бара, макар и во друго село) и таквата невеста го јавнува, свртена кон опашката и се враќа во нејзината фамилија. И свирачите внимаваат дали девојката е расипана. Тие тогаш при свирењето со разни гестови покажуваат каква била невестата.

Кога невестата како девојка била чесна на сите гости им се дава топла ракија со шеќер (блага – ракија). Гостите обично тој ден ги прашуваат свекорот и свекрвата каква им е невестата? – Тие одговараат: Добра е! – На тоа гостите додаваат: „Е кога е при вас мора да е добра“! Свекрвата уште погорда на таквиот одговор забележува: дека оваа невеста и на друго место би била добра, но кај неа мора да биде најдобра. Тогаш се слушаат и разни шеги на сметка на невестата во форма на изреки: „Кога доведеш една снаа, опрегни една пола, а кога доведеш две тогаш запрчи рукави“. На тоа сите се смеат, а невестата се прави дека не слуша.

Тој ден деверите одат во куќата на невестата каде што носат некој предмет од невестата (на пр. гривна) нешто од храната и од благата – топла ракија (блага ракија). Кога ќе влезат во куќата на мајката на невестата и` даваат блага ракија (а таа веќе по тоа знае дека ќерка и била чесна), при што извикува: чесна е! Потоа деверите тука ручаат и кога ќе тргнат назад на невестата и` носат специјален дар (колачи, погача, шеќер, огледало и др.). Кога зетот, невестата и другите гости ќе видат дека деверите (на враќање) се во близина на куќата излегуваат пред нив со свирачите и ги молат (како и кумот) да се симнат од коњот и да им ги дадат дарови што ги донесле. Деверите ги мачат околу половина час да трчаат по нив и да им се поклонуваат.

Тој ден невестата оди со девојките и деверите за прв пат да донесе вода. Откако деверот ќе налее вода во садот и ќе ја остави на земјата, пред невестата, таа му се поклонува на садот и го турка со ногата, по што водата се истура. Тогаш девојките пеат:

Девер вода налива,

снаха вода разлива.

Девер и` се молеше:

– Снахо ле, мила снаичко,

не ми разливај водата,

зашто е скапо платена,

една капка жолтица,

една чаша, стотица.

Откако ќе се вратат дома од вода се изнесува плетенката, која се става на масата и околу неа се игра, пеејќи песни за новата невеста, за која не се знае дали ќе биде добра или лоша. Во една песна се кажува како треба да прави добрата невеста, а во друга во вид на шега се пее за лоша работа на друга невеста.

Еве ги тие песни:

Мори невесто тенка шиблико!

Сокол долита од ваше село,

абер донесе од твојо татко:

– Арно да гледаш твој стари свекор,

да го почиташ като башчица;

арно да гледаш твоја свекрва,

да ја почиташ като мајчица.

Пример за лоша невеста (во шега):

Вчера е доведена младата невеста,

оцутра станала и се провикнала:

– Свекре, море свекре, ѓиди море ветре,

да би те фанала, брада ти скубала!

Свекрво, свекрво, ѓиди гнидотила (вошки и гниди)

да би те фанала глава изрешила, (прочешала, да останат белези)

изрешила би ти с решалица гребен,

јатрво, јатрво, гиди маалџико (што скита по маалите)

ѓиди махалџико, ѓиди коматуше;

од махала дојдеш, за комат се фанеш.

На золва викнала: Золва, мари золва!

Ѓиди тропни ракло, ѓиди лижи саан (орман да чкрипи; лижи чинии)

На деверо викала: девере, девере!

Ѓиди троши рало, ѓиди губи тесла!

На јунако викала: јуначе, јуначе,

да би те фанала кожа би ти драла!

Кожа камилешка, фаша биволешка,

па ќе да је носа на новие пазар!

Кога ќе се отпее и оваа песна ја кршат плетенката, (откако претходно ја ставаат на главата некому кој има живи родители) и од плетенката секој сака да добие по едно парче (особено оној што сака скоро да се ожени). Со ова свадбата е завршена.

Кога кумот и старосватот си одат од савадбата во своите куќи се испраќаат со свирачите.

Од книгата „Малешево и Малешевци“ од Јеремије Павловиќ, Београд 1929 г. 

Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top