Култура и туризам

Убавините на Македонија – Областа Порече

oblas-poreche-1

oblas-poreche-1

Областа Порече или просторот кој денес го зафаќа општината Македонски Брод се наоѓа во западните делови на Република Македонија. Поточно областа се протега во средниот тек на реката Треска. Долината на реката Треска е пробиена помеѓу мошне високи планини и наликува на високо распостранета котлина, односно басен. Басенот на Порече на југ е ограничен со планината Бушева, на запад е загреден со планинскиот венец составен од планините Песјак, Челоица (Добра Вода – 2.061 m) и Сува Гора, а на исток котлината е обиколена со планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина), со нејзините ограноци Сува Планина, Караџица (2.472 m), Перчулица (2.423 m), Јакупица (Солунска Глава 2.540 m) и Даутица (2.178 m). Во однос на сообраќајната поврзаност, главна и најпрометна сообраќајница претставува регионалниот пат Р – 513, пат кој ги поврзува Прилеп, М. Брод и Кичево. Сообраќај се остварува и по патниот правец Скопје – М. Брод, преку преминот „Кула“ (Јасен), каде се поминува временски во еден правец. Истиот пат не е довршен и еден дел е претставен со макадам.

Најголемиот дел од релјефот во Порече е претставен со структурните манифестации, најмногу се застапени планините кои се спомнати погоре и пробиената котлина. Поречката Котлина нема форма на права рамничарска котлина, туку наликува на разбранувана површина, пресечена со бројни речни долини и долови. Од структурниот релјеф голем интерес побудуваат планински врвови, кои овде се издигнуваа со височини од над 2.000 метри. Меѓу нив најатрактивен е врвот Солунска Глава, висок 2.540 m. Исто така, атрактивни се и врвовите: Караџица (2.472 m), Перчулица (2.423 m), Попово Брдо (2.380 m), Миленков Камен (2.217 m), Даутица (2.178 m), Бел Камен (2.074 m), Добра Вода (2.061 m), Јошков Камен (1.917 m), Дупен Камен (1.857 m), Мусица (1.788 m), Фојник (1.421 m) др. Покрај структурниот релјеф, застапени се бројни преобразби на овој првичен релјеф. Релјефните форми главно се настанати под дејство на водата и тоа изразено преку ерозијата на рецентните флувијални и карстни процеси, како и на фосилните абразивни и глацијални процеси. Ретко се забележува ерозивното дејство на денудационите и периглацијалните процеси, а исклучок се еолските и палеовулканските појави. Преобразениот релјеф во најголем случај е претставен со карстните форми, кои се меѓу најзначајните појави од ваков вид во Република Македонија. Карстот во Порече е застапен со површински и подземни манифестации.

Површинскиот карст е претставен со неколку карстни полиња, како што се: Солунско Поле и Шилегарник на Мокра Пл. (Јакупица) и Живкови Дупки на Сува Гора. Исто така, впечатлива појава претставува и карстната површ „Боро Поле“. Покрај овие крупни релјефни површини, значајни појави се и подземните карстни форми, претставени со пештери и пропасти. Во областа има повеќе од 50 – тина пештери и пропасти, кои досега се доста добро проучени. Најатрактивни пештери се: Пешна – препознатлива по нејзиниот маркантен пештерски отвор (најголем на Балканот), пештерата Слатински Извор (најдолгата пештера во Р. Македонија, долга 4 km), Пурало (најбогата со пештерски украси), Горна Слатинска (пештера – тунел, со влез и излез), Змејовица, Девина, Момичек, Лапарница, Голубарник, Алена (пештера со највисока надморска височина во Р. Македонија) и др. Од пропастите најтрактивни се: Словачка Јама (најдлабоката пропаст во Р. Македонија, длабока 598 m), Длабока Јама (длабока 370 m), Солунска Јама (длабока 274 m) и др.

pestera-peshna-1
Пешна – пештера со најголем пештерски отвор на Балканот

Климатските прилики во Порече главно се условени од поставеноста на локалниот релјеф. Областа е затворена со високи планини, кои претставуваат бариери во однос на влијанијата од околните мориња (Јадранско и Егејско Море), како и од внатрешноста на континентот, па затоа климата на овие простори главно е во согласност со локалните климатски влијанија. Климата се манифестира со ладни и врнежливи зими, додека летата се суви и топли. Во регионот има брз преод од пролет кон лето, а долг преод од есен кон зима.

Хидрографијата во Порече главно е составена од реката Треска и нејзините притоки. Треска во Порече навлегува од југозапад преку Бродската Клисура (Ореовец – М. Брод), потоа тече низ централниот дел на Порече, делејќи ја областа на две половини, а од областа излегува преку Шишевската Клисура, која денес е заезерена со Поречкото Езеро (Козјак).

Низ Порече Треска прима 12 притоки, и тоа четири леви и осум десни притоки. Меѓу кои најголема и најатрактивна е реката Белешница (Беличка Река). Исто така, особена атракција претставува и понорот на Крапска Река, испод селото Крапа. Секако, впечатлива појава претставува и водопадот на Марковска Река (во близина на Слатина), висок 4 метри. Покрај реките, своевидна атракција преставуваат бројните извори, како што се: Беличките Извори, Модришките Извори (Модришки Ливаѓе), изворот „Извор“ крај Долни Манастирец, изворот „Пешна“, солениот извор во Слатина, солениот извор во Сланско итн. Во Порече нема природни езера, но затоа пак со преградување на реката Треска и формирањето на браната Козјак, создадено е вештачко езеро, кое заезерува голема површина од Поречкиот Басен. Поречкото Езеро или Козјак како што е повеќе познато, има должина од 32 km и претставува најдолго езеро во Р. Македонија. На неговите брегови, досега се изградени повеќе викенд – населби (Здуње, Близанско, Брезница), а се планира изградба и на повеќе туристичко – угостителски објекти.

Vodopad-na-Markovska-Reka-2
Водопад на Мавровска река
 

За заштита на шумите како и на животинскиот свет, на просторот на долината на реката Оча е прогласена заштитена област, која се до 2008 година имаше статус на строг резерват, а последниве години природниот резерват ,,Јасен“ (ЈПУЗПП Јасен) е отворен за јавноста.

Културно – историските вредности во Порече се среќаваат како археолошки наоѓалишта (разурнати населби, тврдини и сл.) и црковни светилишта. Во Порече има повеќе старини (археолошки локалитети), меѓу кои најпознати и највпечатливи се Девините Кули и ѕидините во пештерата Пешна. Меѓу сите светилишта, најважното централно место му припаѓа на манастирот посветен на раѓањето на Пресвета Богородица во село Горни Манастирец, познат уште како Поречки Манастир. Покрај овој манастир, атрактивни се црквите Св. Илија во Самоков и Св. Богородица во М. Брод, а посебна атракција претставува и новоизградената црква на врвот Фојник (1.421 m), посветена Св. Преображдение.

porecki-manastir
Поречки Манастир – Св. Пресвета Богородица, Горни Манастирец

Од обичаите, доста интересен и масовен обичај претставуваат ,,Велигденските Кули“. Истиот обичај се одржува во градот М. Брод и има историска поврзаност со Отоманската Империја. Во периодот на Турското ропство, Македонците од Брод го откупиле вториот ден од Велигден за да можат слободно да го празнуваат. Во чест на тој успех, извеле обред каде најпрво се оди на покрсти, а потоа се издигнува двокатна кула од луѓе, кои се наредени во круг по петмина, едни врз дргуги, што го симболизира пет вековното мрачно ропство, притоа Македонците се на вториот кат и се над Турците, и на тој начин се прославува слободата. Инаку, најмасовни манифестации во Порече се: ,,Поречки Средби“ и ,,Костенијада“. Манифестацијата ,,Поречки Средби“ се оджува во почетокот на месец јуни, а местото на одржување се менува, секогаш се избира некое ново село. Додека манифестацијата ,,Костенијада“ се одржува во средината на ноември и истата има стационарно место во градот М. Брод.

Денес, во Порече се повеќе се инвестира во изградба на туристичко – угостителски објекти. Сите туристичко – угостителски објекти, располагаат со вкупен капацитет од околу 200 легла, кои засега се доволни за туристичката понуда. Најголем капацитет има хотелот ,,Поречки Бисер“ во Самоков. Исто така, доста атракнивни се рибните ресторани по долината на реката Треска, како што се мотел „Пешна“, меана „Дедо Иљо“, ресторан „Извор“, но и по долината на реката Белешница (Беличка Река), мотел „Белица“ и ресторан „Чифлик Белица“. Покрај овие туристичко – угостителски објекти, свои објекти изнајмува и природниот резерват Јасен (ЈПУЗПП Јасен).

bel-kamen-20174m
Бел Камен – 2074 m

vrv-perculica-solunsko-pole
Врвот Перчулица (2423 m) и Солунско Поле

izvor-reka-peshnica
Изворот на реката Пешница во пештерата Пешна

reka-belesnica
Реката Белешница (Беличка Река)

krapski-ponor
Крапски Понор

sv-preobrazenie-fojnik
Св. Преображдение, Фојник 1421 m

restoran-ribnik-ciflik
Ресторан – рибник Чифлик Белица

Најново од: Култура и туризам

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

To top