Васко Белески
Знае ли актуелнава власт за срам и почит?
Знае ли Заев за тага и сочувство?
Додека власта празнеше ниски страсти, плех музика и државни пари во ТУНЕЛОТ изграден пред година дена на автопатот кај Демир Капија, јас во Бутел ги посетив родителите на брутално егзекутираните момчиња кај Смилковското езеро.Болка, липање и изгубена надеж за правдата.
Додека функционерите на власта лепеа пари на трубачите во ТУНЕЛОТ, родителите на убиените млади Македонци седеа на масата со заковани погледи во фотографиите на нивните прерано погребани чеда. Еднаш нивните момчиња на Велики Четврток им ги убија злосторниците од “Монструм“, само затоа што беа Македонци, а вториот пат им ги “уби“ актуелниот премиер кој им ветуваше правичност.
Но ги излажа, ги излажа само затоа што власта му е помила од правдата за брутално убиените. Две и пол години Заев си поигруваше со емоциите на ужалените семејства и целата македонска јавност, тврдејќи дека ги има пораките и телефонските разговори на високи функционери од претходната власт со убијците, и дека ќе ги објави.
Денес во Април 2018 молчи, се крие, а кога мора да одговори, безобразно лаже дека убијците и функционерите разговарале за субвенции. А крие и лаже затоа што јавноста дозна дека се работи за 5 функционери на ДУИ, партијата без која Заев би немал власт и затоа правдата за погребаните момчиња за него е неважна во споредба со властољубивоста на живите политичари. Бизарно. Нечовечки. Одвратно…….
Драги сонародници, ако нема правда за петте убиени момчиња кај Смилсковско езеро, утре можат жртви да бидат некои други момчиња. Почитувана македонска јавност, ако нема казна за бруталните егзекутори и нивните политички ментори, утре други бандити можат да бидат мотивирани да извршат свирепи убиства во Македонија.
Тунелот на срамот во кој бизарно се весели власта не смее да ни ги замачка очите за да заборавиме дека мора да има правда за петте млади Македонци кои сега се во гробниот тунел од кој нема излегување. Ова е наша заедничка обврска, без разлика кои сме по народност, по вера или по политика. Убијците мора да бидат казнети, убиените мора да бидат оправдани, политичарите мора да бидат казнети!
Затоа бараме:
1. Судот да ја утврди улогата на обвинетите, дали се поврзани со настанот како директни извршители и помагачи
2. Да ја утврди природата на контактите на 5те функционери на ДУИ и обвинетите, кои се заведени како државна тајна
3. Да ги обезбеди двајцата недостапни сторители (пребегани на Косово) кои се посочени од заштитениот сведок како сторители на убиствата.
Оваа правда е нужна, за Македонија да биде правна и безбедна држава, и за да се спасиме од секоја власт која заради своите материјални интереси ќе проба земјава принудно ја држи во тунелот на срамот.