ШИРОКИОТ ПОЛОГ – ДЕЛ ОД ТЕТОВСКАТА РАЗГЛЕДНИЦА – (5)
3 минути за читање
Славе Катин
Тетовскиот крај во Македонија е опколен со раскошните природни планински врвови, особено на Шара, од каде е потеклото на семејството Стамевски. Во ова продолжение осебен акцент е ставен на животот и делото на познатиот македонски преродбеник Кирил Пејчиновиќ – Тетоец
Од Скопје до Тетово води модерна магистрала, која овозможува ова растојание од триесетина километри да се совлада за половина час. Малку километри треба да се поминат за да се излезе од клисурата Карпалак на планината и да се здогледа Тетово со Шар Планина над него.
Пред патникот се открива и Полог, една од најубавите котлини во Македонија, полна со густо населени села и зеленило и позната по богатството земјоделски производи што ги снабдува Тетово, Гостивар и поширокиот регион.
Исто така, овој регион е поврзан со автопат, со што патувањата во Охрид и Дебар, преку Кичево, е удобно и атрактивно. А, Западна Македонија е меѓу најпрекрасните предели во државата, како по својата раскошна природа, така и по изградените електроенергетски објекти со живописните езерски површини.
Радика како кањон во кој се наоѓа манастирот св. Јован Бигорски и бистрата река која се влева во Дебарското Езеро, е рај за риболовците на речната пастрмка. Маврово, пак, со хидроелектраната и езерските води, а особено со скијачките терени на Бистра, е неповторлива убавина во регионот и на Балканот.
Тетово е општински центар, и се наоѓа на надморска височина од околу 450 метро, со стотина илјади жители. Градот за првпат во историјата се споменува дури во 17 век, како Хтетово, а подоцна Турците го нарекувале Калкандере. Денес градот се наоѓа на работ на Полошката рамнина, под самата Шар Планина, каде што природната реката Пена слегува од планината во рамнината.
Уште на приоѓањето кон градот, од која и да е страна, патникот го заплискува свежата и убава клима што е резултат на местоположбата на градот опколен со раскошните природни планински врвови, особено на Шара.
Теќето Арабати-Баба во Тетово
Според некои податоци, во средниот век Тетово бил селска населба, со белези на ориентот. Веројатно поради благопријатната местоположба, турските бегови тука ги изградиле своите сараи. Од тоа време во Тетово се останати повеќе интересни градби, некои од нив зачувани до денес
Меѓу нив се Балтепе, Алибаба теќе, а некои од нив се концентрирани на еден комплекс. Таков е случајот со турскиот амам – денешната Уметничка галерија, Беговските конаци и една чешма. Тоа се ретки примероци на исламската архитек-тура во Тетово.
Од периодот на турското владеење во Тетово посебно се издвојува шарената џамија Алаџа џамија, која се наоѓа крај Беговите кули. Вниманието го привлекува не само со својата архитектура, туку и со внатрешната и надворешната орнаментика. На периферијата на градот, покрај станицата на жичарницата за Попова Шапка, се наоѓа теќето Арабати-Баба. Тоа е некогашниот мухамедански манастир на бектешката секта, единствен зачуван на Балканот.
Тоа е денес реновирано во атрактивен угостителски објект, еден од најдобрите од овој вид во Македонија. Теќето е опколено со зелени тревници и интересен амбиент. Изградено е во 17 век од Реџеп паша, кој подарил цели села, дуќани во Тетово, Тирана, Елбасан, Солун и Истанбул.
Инаку, Тетово е многу блиску до Скопскиот аеродром, кој го поврзува со светот. Доказ за туристичките погодности наоѓаме во сараите што во овој град ги граделе турските паши и бегови, иако во тоа време бил мал град. Рускиот конзул И. Јастребов, во средината на 19 век, се воодушевувал од здравата клима на градот и го сметал за голем рекреативен центар. Ами Буе го опишува Тетово како многу чист град.