Коментари

И ние деца сме на Македонија…

Денес, во моменти кога емоциите се обидуваат да го совладаат разумот, пишувам текст краток по својата содржина, но се надевам најдолг по својата порака. Текст за македонско отрезнување, за македонско освестување, за прекинување на македонските делби, за…

Неколку настани случени последниве денови како самите да го напишаа текстот.

  • Прво: Веќе којзнае кој по ред напад врз младо македонско момче, едвај тринаесетгодишно, од страна на група повозрасни Aлбанци. Подмолен и кукавички чин на прободување со нож, чин полн со омраза и нетрпение кон се’ што е неалбанско. Чин на, за жал, домашно воспитување дека треба да се мрази, па што е најзастрашувачки дури и да се убива оној што не е ист како тебе, оној што не е од твојата, од албанската заедница. Чин кој Македонија ја враќа назад во 19-от век, во времето на омрази, на насилства, на крвнички нетрпеливости.
  • Второ: Веќе којзнае кој по ред доказ дека за министрите од албанското малцинство во Владата на Република Македонија, судбината на Косово и неговите жители е поважна од судбината на државата во која се министри, платени со наши пари и од судбината на граѓаните на кои треба да им служат. Тој, министерот за економија, Крешник Бектеши, го откажал присуството на форумот на Енергетската заедница во Молдавија, состанок на Европската енергетска заедница, плус Европската комисија, каде се разговара за енергетски проекти, изградба на регионални далноводи, планови за гасификација… Состанок на кој се разговара за енергетската иднина на државите и народите. Го откажал бидејќи Косово не било покането на состанокот. Чин, кој наместо во иднината, Македонија ја враќа во времето на Призренската лига, во времето на сонот за голема Албанија.
  • Трето: Изјавата на уште еден од министрите од албанското малцинство во Владата на Република Македонија, Бујар Османи, според која секое отварање на Законот за јазици, со кој нели се затвориле прашањата од Рамковниот договор, ќе не’ врати пред 2001 година, претставува перфидна закана за повторување токму на настаните од 2001-та. Тоа ќе рече, закана со нови терористички напади на вооружени албански банди против суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Закани со кои претставниците на ДУИ се обидуваат да го вратат изгубениот рејтинг, а всушност ја враќаат државава во време на неизвесност, нестабилност и страв кај сите нејзини граѓани.

Наспроти ова, четвртото случување е нешто на што треба да бидеме горди. Тоа е чинот кој ни го приредија навивачките групи на „Комити“ од Скопје и „Војводи“ од Тетово, чинот на обединување, на почитување на заедничките вредности, почитување на македонскиот народ и македонската држава. Чинот во кој во еден глас ја испеаја песната на гемиџиите, онаа чии стихови одат вака:

„И ние сме деца на мајката земја

на мајката земја, на Македонија

на нашата земја, на Македонија.

И ние имаме право да живејме

како и другите живот што живеат

а ние страдавме, гладни умиравме.

Слобода немавме, правдини никакви

кога ги барвме, в затвор се најдовме

Во фурни не стават за да не’ изгорат.

Коските ни кршат и крвта ни пијат,

а ние смели сме и горди умиравме

горди умиравме, не се предававме.

Живот не жалевме, младост си дававме

за наши правдини смели умиравме.

Парола имавме ’Смрт или слобода’,

’Смрт или слобода’ за Македонија

за Македонија, земја поробена“.

Го пишувам ова со чувство на срам и чувство на одговорност пред нашите деца, затоа што ние, денешнава генерација Македонци, разделени до степен на омраза меѓу себе, разделени на лидери, аналитичари, знаменосци, големи и мали патриоти, дозволивме нашите деца во дваесеттата година од дваесет и првиот век, чувствувајќи се понижено, онеправдано, нападнато од злото, обесчестено и обезимено, да ја пеат песната за страдањата. Песната за страдањата на сопствените претци, дедовци и прадедовци. За жал, да ја пеат како завет за својата иднина, да ја пеат како реалност која ги очекува, како страдање на кое ние, оваа генерација Македонци ги осудува.

Ете затоа – ДОСТА Е!!!

Да не дозволуваме да не’ вратат со столетија наназад, во времето на Томас Хобс, кога човек на човека му бил волк; да го замолчиме во себе нашиот шуплив патриотизам во желбата да бидеме поголеми од другиот; да застанеме простум пред нашите деца и да ја земеме судбината на татковината во сопствените раце.

Обединети, заедно, сложни.. За да ја зачуваме за нив, за нашите деца, за децата на нашите деца…

Поинаку, децата ќе ни заминат, ќе се витосаат низ светот, а со нив за жал ќе се витоса и Македонија.

И потоа… За жал, ќе нема потоа.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Најново од: Коментари

Пред фактите и боговите молчат

Со децении на Балканот историјата се толкува низ интересите на државите и политиката. Затоа, ако сакаме да ѝ се приближиме на вистината, не треба слепо да веруваме ниту на грчката, ниту на бугарската, ниту на српската, ниту на која било друга национална историографија. Треба да ги гледаме фактите, старите карти, археологијата и документите. Еден факт […]

Историјата во сегашноста

Често можеме да ги слушнеме изреките: „Остави го минатото, гледај во иднината“ или „Минатото не носи ништо ново“. Но, токму во минатото сме се родиле, сме израснале, сме ги поставиле темелите на она што сме денес и сме стекнале искуства што нè водат низ животот. Минатото е исто толку важно како сегашноста, а можеби понекогаш […]

Атанас Македонец за Александар Македонски и „патридата Македониа“

Во 1845 година, во Венеција, јеромонахот Атанас Македонец го објавил „Пресказание на Голем Александр“. Особено значење има неговиот предговор, во кој Македонија ја нарекува своја „патрида“, а за Александар пишува како за човек „од истата земја“. Овој запис од XIX век претставува значајно сведоштво за присуството на Александар Македонски во книжевната и културната меморија во […]

Драги Трајков за почетоците на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица: „Ројал“ беше место каде отворено се зборуваше за македонска држава

Во годините кога Македонија го започнуваше патот кон осамостојување од Југославија, политичкото организирање не се одвиваше само во партиските штабови и на плоштадите. Драги Трајков од Струмица, во лично сведоштво се навраќа на атмосферата од тие години и на кафеаната „Ројал“, која, според неговото сеќавање, била едно од собиралиштата на членови и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ […]

Јотова се прави будала или навистина е будала ?

Јотова се прави будала или навистина е будала ? Да се нарече Јотова пачавра и караконџула тоа би било голем комплимент и би требало да се радува на тоа премногу. Сите подолни зборови ги заслужува одамна и тоа со тапија во пакет со бугарската влада и сите тамошни татарски слуги и тапанари. Секоја една регистрација […]

ШТО ЌЕ НИ ДОНЕСЕ МИЦКОСКИ ОД САД?

Јове Кекеноски Посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Соединетите Американски Држави не треба да се набљудува само како уште една дипломатска посета. Таа се случува во период кога повторно се интензивираат разговорите за македонскиот европски пат. Неколку дена пред заминувањето на Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас даде една мошне интересна изјава. Тој најави дека претседателката на […]

Ламбе Арнаудов: И коњите зборуваат, зар не?!

Посветено на: Оние кои, кога имаат интерес, го признаваат и јазикот што го говорат коњите. Наскоро, сите, без исклучок, ќе го признаете македонскиот јазик, ама не со епитаф. МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВЕ НАДЖИВЕЕ. Некаде во раниот среден век – внимавајте, Европо, колку сте назад – во централниот и, според многумина, најдобриот ареал за живеење во светот, […]

Татко, брате – го исполнив заветот!

Постојат ветувања што човек ги дава во еден миг, а ги носи цел живот. Постојат и завети што не завршуваат со смртта на оние на кои им биле дадени. Напротив, тогаш стануваат уште посилни – стануваат долг кон семејството, кон предците и кон сопствениот народ. Таков завет понел Петро Алексовски, Македонец кој животот го однел […]

To top