Коментари

СПОРЕД ВАВИЛОНСКИ НАТПИС ОД 4 ВЕК ПРЕД ХРИСТА ИМЕТО НА НАЈГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ ЦАР БИЛО „АЛЕКСАНДАР“, А НЕ „АЛЕКСАНДРОС“ КАКО ШТО ТВРДАТ ГРЦИТЕ!

Donski111

1Donski Александар ДОНСКИ

(ВТОР ДЕЛ)

Но, зошто античките хеленски автори ги хеленизирале сите странски зборови (лични имиња, топоними и сл.)?

Најнапред ќе кажеме дека ваква состојба е забележана и кај други автори, кои биле припадници на разни народи. Секој од нив си ги транскрибирал имињата и останатите зборови од туѓите народи според јазичните норми на сопствениот јазик. Па, зошто така се постапувало? 

Одговорот на ова прашање лежи во тоа што тогашните хеленски автори (со ретки исклучоци), воопшто не се труделе (а ниту можеле секогаш) правилно да ги запишуваат ориги­нал­ните имиња и останати зборови од странските народи, туку ги преина­чувале како хеленски, со цел да им ги доближат на своите читатели. Секако дека и кај авторите од другите народи е забележана ваква практика, во склад со нормите на сопствените им јазици, а така е и денес.

За да го појасниме ова подобро ќе направиме една современа ана­­логија. Кога ги истражував написите за Илинденското востание во Јапо­ни­ја, забележав дека јапонската транскрипција на имињата на нашите градови и села (а секако и на другите зборови) прилично отскокнува од ори­гиналните називи (нормално дека е така и во обратна насока, т.е. во македонската тран­с­­к­­рипција на имињата на јапонските градови). Така, на пример, маке­дон­скиот град Крушево, на јапонски, се пишува и чита како: Куричева. Е, сега да замис­лиме еден хипотетичен експеримент. Да претпос­тавиме дека на група македонски лингвисти ќе им го покажеме зборот Куричева (без да им го откриеме неговото значење, туку само да им напомнеме дека се работи  за јапонска транск­рипција на еден  наш збор) и да ги замолиме  да си го кажат своето мислење во врска со неговото значење. Си­гурен сум дека, дел од нив, воопшто нема да го препознаат името на на­шето Крушево. Дури, и ако не­­­кој се посомнева во тоа, сигурно дека некој друг ќе го де­ман­тира; ќе поле­ми­зираат; ќе си докажуваат и т.н., но најверојатно дека сите заедно нема да изјават дека се стопроцентно сигурни оти станува збор за гра­дот Крушево. А, зошто нема да го препознаат овој наш збор? Само и само поради него­вата  туѓа транск­рипција преку која дошол до нив!

Поради ова, веќе спомнавме дека транскрип­ци­ја­та, направена на туѓите јазици, всушност претставува еден вид “ненамерен фалси­фикат”, направен во однос на ори­гиналот (Крушево од страна на Ја­пон­­ците ненамер­но е “фалси­фикувано” во Куричева, исто како што и ние име­то држа­вата Свериге, ненамерно го фал­си­фикуваме, т.е. транск­ри­би­раме како Шведска и т.н.).

Да резимираме дека ако античките хеленски автори, вештачки ги хеленизирале личните имиња на сите странски народи, логично е да заклучиме дека тоа го правеле и со македонските лични имиња (или барем со најголем дел од нив), имајќи ги предвид античките сведоштва според кои Македонците биле третирани како „барбари“ од страна на Хелените, т.е. народ кој не зборува хеленски, кои сведоштва досега повеќе пати ги имаме презентирано, па овде нема да се задржиме на нив.

2.Сите антички хеленски автори кои пишувале за Александар Велики Македонски и кои неговото име го запишале како „Александрос“, тоа го правеле со векови по неговата смрт. Ниту еден од нив не бил негов современик за да потврди како тој навистина се викал. Така на пример еден од биографите на Александар Диодор Сицилијанецот живеел речиси три века по смртта на Александар, a Плутарх ја напишал својата биографија за Александар речиси четири века по смртта на Александар, додека Аријан пишувал за Александар над четири века по неговата смрт. Исто или слично е и со другите хеленски антички автори.

3. Сепак, постојат зачувани записи за Александар кои биле запишани уште во негово време и истите до денес егзистираат! Се работи за Вавилонските астрономски записи пишувани со клинесто писмо, а во некои од нив, името на нашиот цар е запишано токму како АЛЕКСАНДАР!. Во оваа прилика ја користам можноста да се заблагодарам на девојката Мавра Кан (Mavra Khan) од градот Сиалкот во Пакистан, која  е голем вљубеник во македонската историја и со која имавме вредна преписка во која таа ми посочи и ми ги иcпрати овие исклучително вредни материјали со кои практично се руши уште еден темел на грчката пропаганда.

Но, да видиме за што станува збор. Во подалечната антика во Вавилон живеел народот Калдеани. Тие живееле во азиската област Месопотамија, каде нивните претци се доселиле во 10 и 9 век пред Христа и живееле заедно со староседелците Вавилонци, главно во реонот на Вавилон. Со текот на времето Калдеаните ги примиле вавионската култура, јазик и религија, но го зачувале својот етнички идентитет и повремено успевале да наметнат свои цареви на престолот на Вавилон. Најпознат од нив бил познатиот цар Набукодоносор Втори (владеел од 605 до 562 год. пред Христа), кој успешно војувал со сите околни народи, вкучително и со Египјаните и Евреите и во негово време Вавилонската империја го достигнала својот зенит. По востанието на Евреите тој го завзел Ерусалим, го уништил нивниот храм, а голем дел од Евреите ги преселил во Вавилон (што е и тема на познатата опера „Набуко“ од славниот италијански композитор Џузепе Верди – со најпознатата арија „Хорот на Евреите“). Во првата половина на 6 век пред Христа Вавилонската империја паднала под власта на Персија. Калдеаните останале да живеат под власта на Персијанците и веќе имале голем углед како одлични познавачи на астрономијата и астрологијата. Со текот на времето поранешното етничко име „Калдеани“ станало синоним за добрите познавачи на астрономијата и астрологијата и како такво било користено во подоцнежните текстови. За време на Вавилонска империја, но и подоцна, најважен храм за Вавилонците и Калдеаните (за кои рековме дека ја примиле вавилонската култура и религија) бил храмот Есаглиа. Тоа всушност бил комплекс од храмови кој бил посветен на вавилонскиот бог Мардук. Храмот бил долг неверојатни 200 метри. Во овој храм, од страна на свештениците, со години секојдневно се водел Астрономски дневник во кој биле регистрирани небесните појави.  Во овој Дневник повремено биле запишувани и други податоци од секојдневниот живот (временските услови, нивото на реката Еуфрат, цените на храната, но и политички настани). Небесните појави често се користеле и како претскажувања за идните настани. Праксата на водење Астрономски дневник во овој храм продолжила и по пропаста на Вавилонсиата империја, чија територија прво била под власта на Персија, а потоа и под власта на Македонците. Во Британскиот музеј денес се чуваат дел од секојдневните записите од Астрономскиот дневник на Калдеаните, меѓу кои е спомнат и Александар Велики Македонски.

Во таблицата напишана во петтата година од владеењето на персисикиот цар Дарие Трети, не само што е спомнато името на Александар, туку од зачуваните (иако прилично оштетени) фрагменти може да се насетат интересни податоци напишани автентично за време на самото негово влегување во Вавилон. Името на најславниот македонски цар овде е запишано како A-lek-sa-an-dar-ri-is, а во превод на македонски во овие оштетени фрагменти читаме:

„Тој месец на единаесетти завладеа паника во кампот пред кралот (…) лежеше наспроти кралот. Утрото на 24-ти  кралот на светот (…) стандард (…) тие се бореа еден против друг и се случи тежок пораз на војската на (…) војската на кралот дезертираше и си замина во своите градови (…) тие побегнаа во земјата Гути (…)

Седми месец, прв ден, што следи по триесеттиот од претходниот месец, од залезот на сонцето до залезот на месечината. Ноќта на вториот ден месечината беше над Јупитер (…) за еден сребрен шекел (…) Тој месец од први до (…) дојде во Вавилон велејќи „Есангила“ (…). На 11-ти на Сипар нареба од Александар (…) Нема да влегувам во вашите домови. На 13-ти (…) кон надворешната капија на Есангила и (…) На 14-ти овие Јонци бик (…) кратко, дебело ткиво (…) Александар кралот на светот дојде во Вавилон (…) коњи и опрема од (…) а Вавилонците и народот од (…) порака на (…)“  

Од овие кратки, но автентично напишани фрагменти директно од времето кога живеел Александар, очигледно е спомната битката кај Гавгамела, кае што се судриле двата моќни „крала“, при што персиската војска на Дарие Трети доживеала тежок пораз, по што завладеала паника и масовно дезертирање на војниците што впрочем целосно одговара на историската вистина. Потоа е спомнато влегувањето на Александар (кој овде е наречен „Крал на светот“) во Вавилон, а зборовите „Нема да влегувам во вашите домови“ веројатно се однесуваат на негов проглас до жителите на освоениот Вавилон. Спомнат е и познатиот вавилонски храм Есаглиа, што овде е наречен „Есангила“. Она што возбудува во содржината на овие фрагменти е фактот што тие биле напишани автентично, во истото време кога се случиле настаните што ги опишуваат, а не со векови подоцна како што се  античките биографии за Александар.

Но, ова не е единственото спомнување на  најпознатиот македонски цар во Вавилонските астрономски записи.

Во таблицата напишана во дванаесеттата година од владеењето на Александар од првиот до крајот на шестиот месец читаме:

Дванаесеттата година од кралот Александар во првиот месец, месечината стана видлива преку облаците. Од залезот на сонцето до залезот на месечината имаше облаци и јас не набљудував. Ноќта на првиот облаците поминаа низ небото. Беше многу облачно и се истури дожд. Ноќта на вториот месечината беше еден и пол лакт за Јупитер и еден лакт под Венера…

Овде името на македонскиот цар е напишано како „Александар“ (A-lek-sa-an-dar) и тоа очигледно во времето кога тој се вратил во Вавилон, непосредно пред да почине во тој град. Ова всушност е неспорен доказ дека неговото име во оригинал било АЛЕКСАНДАР, а не АЛЕКСАНДРОС, како што вештачки го хеленизирале подоцнежните хеленски автори, исто како што ги хеленизирале имињата и на десетици други припадници на различни народи, вештачки додавајќи им го хеленскиот суфикс „с“  („ос“).  

 Александар (како „крал“) е спомнат и во таблицата посветена на месецот што одговара на јуни 323 година пред Христа, т.е. месецот на неговата смрт. И оваа таблица е прилично оштетена и на неа недостасуваат извесен број денови. Освен тоа неделата кога починал Александар било облачно, па за тие денови недостасуваат небесните набљудувања. Сепак, и покрај тоа, останал дел од текстот за временските услови кога починал најголемиот македонски цар што овде ги пренесуваме во превод на македонски:

Четиринаесетта година, втор месец.

(првиот дел недостасува)

Ноќта на четиринаесеттиот, на почетокот на ноќта Месечината беше (празен простор) пред Тета Офиучи

Ноќта на осумнаесеттиот. Првиот дел од ноќта Меркур беше четиринаесет прсти над Сатурн (празен простор) и го помина небото.

Дваесет и први ден: облаци го покрија небото.

Ноќ на дваесет и вториот ден: облаци (празен простор)

Ноќ на дваесет и третиот:(празен простор) облаци на небото

Дваесет и четвртиот ден: облаци (празен простор) облаци го покрија небото

Ноќ на дваесет и седмиот ден: облаци го покрија небото

Дваесет и седмиот: (празен простор)

Ноќта на дваесет и осмиот (празен простор) стоеше на исток

Дваесет и деветтиот ден: Кралот почина. Облаци.

  Овој извадок од Вавилонските записи претставуа ЕДИНСТВЕНИОТ АВТЕНТИЧЕН ЗАПИС настанат истиот ден кога починал Александар Велики Македонски и тоа во истиот град! Практично авторот на овој запис бил сведок на лице место за смртта на Александар која сигурно дека бргу се проширила низ градот, па уште истиот ден ја запишал во Астрономскиoт дневник. Од овој краток но искучително вреден запис, гледаме дека на денот на смртта на Александар Македонски  времето во Вавилон било облачно, а така било и претходните денови додека лежел тешко болен.

  Дека е сосема можно вистинското македонско име на најпознатиот македонски цар било „Александар“ (како што пишува во автентичниот Вавилонски текст со клинесто писмо запишан во времето кога тој живеел), а не „Александрос“ (како што го запишале подоцнежните хеленски автори), сметаат и некои современи историчари. Така, на пример, познатиот современ холандски историчар Јона Лендеринг (познат по својата книга за Александар Велики), не ја отфрла можноста дека оригиналното македонско име на најпознатиот македонски цар било „Александар“ (а не Александрос). Во својот осврт за книгата „Alexander the Great. Historical Sources in Translation“ oд Waldemar Heckel, John Yardley (2004 год.) Лендберг пишува:

  Конечно, интересно е да фрлиме поглед кон спелувањето на името на Александар во текстовите со клинесто писмо. Точното прикажување на Александрос би требало да биде А-лек-са-ан-ар-ру-су, но досега не е откриена ниту ена таблица на која е напишано ова  грчко име. Наместо тоа, по првите обиди да го запишат името на овој освојувач, вавилонските запишувачи го запишале како А-лек-са-ан-дар. Ова веројатно покажува дека на пишувачите им било тешко да го прикажат ова странско име. Од друга страна не смееме да ја исклучиме и можноста дека името Александар било македонско име со кое освојувачот на Азија бил познат кај своите сонародници. Транскрипцијата со клинесто писмо на Селеукус (како Си-лу-ук-ку) и на други имиња исто така може да понуди индиции за лингвистите кои го проучуваат македонскиот јазик. “

(целиот осврт може да се прочита на: https://bmcr.brynmawr.edu/2004/2004.02.13/).

Најново од: Коментари

Македонија ни е заеднички дом — да ја сочуваме за нашите деца и внуци

Постојат моменти кога секој од нас треба да се запраша: каква Македонија ќе им оставиме на нашите деца и внуци? Држава во која ќе сакаат да живеат и да создаваат, или роден крај во кој ќе се враќаат само за празници, со куфер во раката и тага во срцето? Тоа прашање треба да нè собере […]

Античка Ега открива гробница на македонски благородник и неговата сопруга

Внатрешноста на македонската гробница откриена во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина). Фотографија: Ангелики Котариди Оригинален текст: Дарио Радли, објавен на 1 април 2024 година Археолозите открија македонска гробница на лица со висок општествен статус во Ега, древната македонска престолнина, чии остатоци се наоѓаат кај денешен Кутлеш (Вергина), во […]

Каде се европските стандарди за правда?

Вториот пасош не смее во практиката да вреди повеќе од правосилната судска пресуда. Каква порака добиваат граѓаните кога Македонија бара правосилно осудено лице, а тоа престојува во соседна Бугарија, членка на Европската Унија, и јавно се појавува во нејзините медиуми? Како да веруваат во еднаквост пред законот ако пресудата останува неизвршена, а второто државјанство изгледа […]

Франција и Европа конечно си ја плаќаат цената и кармата за Македонија

Сега нека им помогнат Татарите да се спасат, а ние, Македонците, имаме решение за спасот на Франција: нека ги стават сите Африканци во Уставот и да им шетаат голи дома, сè така до нивното конечно истребување, кое се гледа од авион. Правдата конечно ги фати, а воедно и сите клетви, солзи, болки и пискотници на […]

Ламбе Арнаудов: Автономија за Пирин. Бугари во Устав. Решен проблем!

Престанете да купувате Бугари во Македонија. Човечката димензија не ја менувајте со пазарна. Тие што сте, колку сте и малу да сте, ние ве прифаќаме како апсолутни и рамноправни граѓани и со нашиот Устав ви ги гарантираме сите човечки права и граѓански слободи! Овие денови што минуваат, исполнети со исклучителна агресија на говор на омраза […]

Ѓорѓија не бил сериски убиец, туку обичен пијаница!

Не е првпат наши интерпретатори и музички групи, поради едни или други причини, да ги менуваат текстовите на нашите народни песни. Честопати некои од овие промени влијаат и врз самата содржина на текстот, правејќи ја апсурдна. Овде ќе наведеме два драстични примера. Првиот се однесува на убавата народна песна „Мајка на Марика думаше“, во чиј […]

Разумот има најголема вредност кога ќе се употреби навреме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјавил дека „Украина е подготвена за вистински одлуки и чекори кон деескалација“ за да се приближи крајот на војната со Русија. Оваа изјава е повод за пошироко размислување за одговорноста на лидерите и за можностите за договор што се пропуштаат пред оружјето да го преземе зборот. Разумот има најголема вредност […]

Бугарија претера, Европа молчи

Бугарите претераа со Ива, Самоил, Бендиков, Спаска… Што е многу, многу е. Тотално претераа и нема граници глупоста на Бугарија, а воедно никаков укор или дисциплинска мерка од Европа, сега и последниве 100 и кусур години. Кучињата лаат, караванот си врви. Овие Бугарите ни мртвите не ги оставаат на мир, а за живите да не […]

To top