Коментари

ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 146

Martin Trenevski 1
1martin1
Мартин ТРЕНЕВСКИ : МАКЕДОНИЈА ЗАВИЕНА ВО ЦРНО
1. Mакедонија е завиена во црно. Во вторникот (23 ноември), во раните утрински часови, на бугарска територија враќајќи се од ескурзија до Истанбул, изгоре автобус на скопската компанија Беса, во кој загинаа 46 песници, а седум се преживеани но со тешки изгореници.
   Бугарските истражни органи веќе работат на откривање на причините за несреќата, а единствено што се знае е дека пред да се запали автобусот во него се слушнала експлозија по што избил пожар!? Во екскурзијата учествувале претежно млади луѓе кои патувале со четири автобуси.
   Станува збор за до сега најголема несреќа од ваков вид во Македонија.
   Иако е рано да се знаат причините за катастрофата, факт е дека надлежните во Македонија се сконцентрирани пред се на собирање арач од казни за брзо возење, а недоволно водат сметка за проверка на исправноста на автобусите. Ни инцидентот со автобусот на компанијата “Дурмо транс”, пред некоја година кога загинаа 16 лица, не беше доволна опомена за построга контрола на приватните автобуси што крстарат низ цела Европа!
2. На 12ти декември годинава во Скопје ќе се одржи редовниот конгрес на водечката опозициона партија во Македонија ВМРО-ДПМНЕ. Кои се спецификите на овој политички настан за самата партија, но и за Македонија?
   Конгресот се одржува за прв пат во Скопје и тоа по големиот триумф на октомвриските локални избори кога партијата победи во дури 42 општини, вклучувајки го и градот Скопје. Осоколена од тој голем изборен успех, ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја турне анационалната и антимакедонски ориентираната влада на Зоран Заев (З.З.) со собирање на 61 пратенички потпис, но во тоа не успеа, а не помина ни иницијативата за гласање недоверба на Владата во македонското Собрание. Партијата сега инсистира на предвремени избори како единствено решение за надминување на длабоката политичка криза во земјата.
   Аналитичарите очекуваат на партискиот конгрес да биде презентирана и нова политичка платформа и реторика со пореалистични пристапи и погледи на работите во земјата, но и кон меѓународната заедница. Станува збор за потребата конечно да се свати реалноста за мултиетничкиот карактер на земјата и тоа да се вгради и во самата партија, и почитување на обврските што Македонија ги прифатила кон соседите и меѓународната заедница. Ова второто е услов без кој не е можен напредок на партијата – доколку сака да биде прифатена и почитувана на меѓународен план! Во спротивно, сосема сигурно е дека ќе следи нејзино изолирање и тапкање во место. Праксата до сега недвосмислено ни го потврди тоа!
   Новата реторика – членството во ЕУ во прв план, се очекува да биде презентирано како апсолутен приоритет на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, како и проблемите со Бугарија, што се очекува да се надминат во духот на добрососедските односи, но не на штета на македонските национални интереси!
3. На претседателските избори во Бугарија во неделата убедливо победи досегашниот претседател Румен Радев (На Радев победата телефонски му ја честитал Зоран Заев!? Муртинецов – фала Богу на заминување, не научи што е протокол, во случајов претседател честита на претседател, а премиер на премиер, а не како што тој се наметнува кај што не треба!!!). Ако се суди по изјавите и ставовите на старо-новиот претседател на источниот сосед искажани во предизборната кампања и во изминатиот четиригодишен период, станува збор за тврд националист со не баш европски погледи кон Македонија. Сепак сметам дека претседателот Радев (според бугарскиот устав повеќе протоколарна личност) текот на неговиот втор мандат ќе се соочи со две големи препреки кои не ќе може така лесно да го заобиколи. Првата е “Харвардскиот двоец” Кирил Петков и Асен Василев кои победија на третите парламентарни избори во една година во Бугарија (претпоставувам дека четири или пет-годишниот престој на студии во САД оставил некакво позитивно влијание на двајцата) и се поголемиот притисок на членки на Европската Унија врз Бугарија заради нивните неевропски (!) уцени и барања кон Македонија.
   Јасна подршка за почеток на преговорите за членство во ЕУ за Македонија искажаа неодамна претседателот на Полска Анджеј Дуда. премиерот на Холандија Марк Руте, МНР на Австрија Михаел Линхарт, а верувам дека слично мислат и мнозинството членки на Унијата. Особено пријатно изненади категоричниот став на францускиот претседател Емануел Макрон кој испрати писмо-директива до сите амбасадори на Франција во земјите членки на ЕУ во кое инсистира првата меѓувладина конференција – што значи формален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, да се одржи до крајот на оваа година!
    Притисокот врз Бугарија дојде и од Вашингтон со писмото што му го упатиија 12 конгресмени на бугарскиот амбасадор Тихомир Стојчев со инсистирање Бугарија да престане да ја блокира Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

4. Сопругата на поранешниот геннерален  секретар на НАТО Андерш-фог Размусен (Данец), Ане-Мете Размусен, во периодот кога ја предводев Мисијата на РМ во НАТО како амбасадор (2010-2014), беше голем аниматор на добротворни активности за прибирање донации за сирачињата во Авганистан. Со директорот на секторот за вонредни активности, по потекло од Велс, воспоставивме одлична соработка и за една манифестација му понудив за вечерната лотарија еден картон вино со замолница: само да каже дека згодитокот е: “македонско вино”. Добитното ливче го извлече од ген-секот на НАТО Размусен, а кутриот Вешанец згодитокот го најави како “Вино од Македонија”!

   На главната маса за присутните седеа ген-секот на НАТО Андерш-фог Размусен со сопругата, Американскиот амбасадор со сопругата и грчкиот амбосадор so сопругата кој, на паузата, во знак на протест дека беше изговорено името Македонија (тогаш во НАТО не водеа под кратенката ФИРОМ), стана и со сопругата ја напушти манифестацијата!
5. Во претходниот прилог (Цртички и отровни стрелички Бр. 145) пишував за мојот однос кон НАТО, но изумив да споменам една активност за која лично бев многу мотивиран. Се работи за мојот напор да се обидеме да ги искористиме капацитетите (барем она што остана нераспродадено, демек приватизирано), од некогашната индустрија во воена намена во Македонија.
   За таа цел, за да ги испитам можностите, се најавив и побарав средба во седиштето на агенцијата за набавки на НАТО – НАМСА, со седиште во Луксембург, на границата со Белгија. Луѓето ми направија многу голема чест. Уште на вратата во комплексот се виеше државното знаме на Република Македонија до знамето на НАТО, а на секој меѓустрат во седиштето имашее ТВ екран на којшто пишуваше на англиски: “Добро ни дојде амбасадоре на Република Македонија”. Директорот – грчки генерал од Крит, ме прими како најсвој и меѓусебно се информиравме за тоа што нуди НАМСА, а што може да понуди Македонија, во прв план производите на фабриката за наменско производство “11ти октомври” од Прилеп (Сакав да им помогнам на тие луѓе кои државата ги остави буквално без егзестинција).
   Со директорот се договоривме експерти на НАМСА да дојдат во Македонија и пред наши стопанственици да ја претстават Агенцијата и начинот на нејзиното функционирање (НАМСА во периодот кога ја посетив (2014) имаше годишен буџет од две и пол милијарди долари!).
   Експертите на НАМСА дојдоа во Македонија, средбата со македонски бизнисмени беше одржана во Стопанската комора на Македонија, но организаторите не обезбедиле преведувачи и настанот се претворил на “разговор на глуви”!? За жал, така неславно заврши тој обид за практицирање “еконномска дипломатија” на дело.
6. Во Париз живее еден од најголемите издавачи на воена литература во Европа Јован (Жан) Павлевски, по потекло од беровско. Се запознавме и му понудив да го претставиме неговото издаваштво во НАТО. Жан се согласи и даде шеесетина книги, сите во многу луксузно издание од врвни француски генерали, адмирали, маршали, и воени теоретичари. Изложбата, во присуство на голем број високи офицери со пригоден говор во  Амбасадорскиот салон ја отвори Г-ѓа Колинда Грабар Китаровиќ, единствена жена од основањето на Алијансата (1949) на позицијата помошник на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија.
   На тој чин му претходеа повеќе перипетии бидејки некому во седиштето на Алијансата очигледно не му беше по воља тоа што го правевме. Од техничкиот персонал, како прво, не сакаа да ни дадат знаме на НАТО за да го поставиме до говорницата, па моравме да носиме наше знаме од Мисијата на РМ! Непознат глас дури три пати дента ми се закануваше на телефон (без да се претстави) дека нема да ни дозволат да ја одржиме изложбата доколку само еднаш споменеме “Република Македонија”.
    На крајот настанот сепак заврши како што е ред – по македонски – со чаша македонско вино и скромно послужување.
    Сите книги – дар од нашинецот Жан Павлевски, ги пратив при една посета на студенти од Македонија, на Катедрата за безбедносни студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, но никогаш не добив повратна информација дали ги примиле, ниту благодарница за донацијата!
М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор

Најново од: Коментари

Пред фактите и боговите молчат

Со децении на Балканот историјата се толкува низ интересите на државите и политиката. Затоа, ако сакаме да ѝ се приближиме на вистината, не треба слепо да веруваме ниту на грчката, ниту на бугарската, ниту на српската, ниту на која било друга национална историографија. Треба да ги гледаме фактите, старите карти, археологијата и документите. Еден факт […]

Историјата во сегашноста

Често можеме да ги слушнеме изреките: „Остави го минатото, гледај во иднината“ или „Минатото не носи ништо ново“. Но, токму во минатото сме се родиле, сме израснале, сме ги поставиле темелите на она што сме денес и сме стекнале искуства што нè водат низ животот. Минатото е исто толку важно како сегашноста, а можеби понекогаш […]

Атанас Македонец за Александар Македонски и „патридата Македониа“

Во 1845 година, во Венеција, јеромонахот Атанас Македонец го објавил „Пресказание на Голем Александр“. Особено значење има неговиот предговор, во кој Македонија ја нарекува своја „патрида“, а за Александар пишува како за човек „од истата земја“. Овој запис од XIX век претставува значајно сведоштво за присуството на Александар Македонски во книжевната и културната меморија во […]

Драги Трајков за почетоците на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица: „Ројал“ беше место каде отворено се зборуваше за македонска држава

Во годините кога Македонија го започнуваше патот кон осамостојување од Југославија, политичкото организирање не се одвиваше само во партиските штабови и на плоштадите. Драги Трајков од Струмица, во лично сведоштво се навраќа на атмосферата од тие години и на кафеаната „Ројал“, која, според неговото сеќавање, била едно од собиралиштата на членови и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ […]

Јотова се прави будала или навистина е будала ?

Јотова се прави будала или навистина е будала ? Да се нарече Јотова пачавра и караконџула тоа би било голем комплимент и би требало да се радува на тоа премногу. Сите подолни зборови ги заслужува одамна и тоа со тапија во пакет со бугарската влада и сите тамошни татарски слуги и тапанари. Секоја една регистрација […]

ШТО ЌЕ НИ ДОНЕСЕ МИЦКОСКИ ОД САД?

Јове Кекеноски Посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Соединетите Американски Држави не треба да се набљудува само како уште една дипломатска посета. Таа се случува во период кога повторно се интензивираат разговорите за македонскиот европски пат. Неколку дена пред заминувањето на Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас даде една мошне интересна изјава. Тој најави дека претседателката на […]

Ламбе Арнаудов: И коњите зборуваат, зар не?!

Посветено на: Оние кои, кога имаат интерес, го признаваат и јазикот што го говорат коњите. Наскоро, сите, без исклучок, ќе го признаете македонскиот јазик, ама не со епитаф. МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВЕ НАДЖИВЕЕ. Некаде во раниот среден век – внимавајте, Европо, колку сте назад – во централниот и, според многумина, најдобриот ареал за живеење во светот, […]

Татко, брате – го исполнив заветот!

Постојат ветувања што човек ги дава во еден миг, а ги носи цел живот. Постојат и завети што не завршуваат со смртта на оние на кои им биле дадени. Напротив, тогаш стануваат уште посилни – стануваат долг кон семејството, кон предците и кон сопствениот народ. Таков завет понел Петро Алексовски, Македонец кој животот го однел […]

To top