Дамјан (Даме) Крапчев (1912 – 24. V 1944) е македонски партизан, првоборец, учесник во НОБ. Во август 1941 година учествувал во диверзантската акција на рудникот Радуша (Скопско) и бил политички комесар на Првиот скопски НОПО. Загинал во борба со бугарската војска и полиција.
Даме Крапчев е роден на 2 февруари 1912 во село Ивањица, Србија, во службеничко семејство. Кон крајот на истата година, неговото семејство се преселило во Прилеп, каде завршил основно училиште. Потоа учел во Чачак, Штип и Скопје, а во 1930 година се запишал на Правниот факултет во Белград.
Во 1937 година, Крапчев учествувал во формирањето на Спортското друштво „Работнички“ во Скопје, а во 1939 година станал член на КПЈ. Тој бил меѓу основачите на работничкото и комунистичкото движење во градот.
По формирањето на Првиот скопски партизански одред на 22 август 1941 година, Даме Крапчев – Стари бил назначен за негов политички комесар. Учествувал во диверзантската акција на рудникот Радуша (Скопско).
Поради отежнати услови за дејствување на 2 ноември 1941 година, Одредот се расформирал, а неговите борци влегле илегално во градот. На 17 април 1942 година, Даме Крапчев, Раде Јовчевски – Корчагин, Кемал Сејфула, Трајко Стојков и Ѓорги Саздовски влегле во составот на новоформираниот Втор скопски партизански одред и Крапчев повторно бил назначен за политички комесар.
На судскиот процес во Скопје, кој траел од 27 април до 9 мај 1942 година, во отсуство, Даме Крапчев бил осуден на смрт.
Во првата половина на 1943 година, Крапчев станал борец и во Скопско-косовскиот партизански одред, а од летото 1943 година во Шарпланинскиот НОПО и Косовскиот народноослободителен баталјон. Од 26 февруари 1944 година, тој влегол во Третата македонска народноослободителна ударна бригада.
Даме Крапчев бил убиен на 24 мај 1944 година, на планината Плачковица, во борба со бугарската војска и полиција за време на Пролетната офанзива.