Кому му пречи Македонците од странство да одлучуваат за иднината на Македонија?
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во гостувањето на Сител отвори едно многу важно прашање: кому, всушност, му пречи македонската дијаспора да го оствари своето право на глас на поедноставен начин?
Мицкоски јавно повика да се најде модел со кој Македонците во странство полесно ќе гласаат. Тој нагласи дека не е пресудно дали тоа ќе биде електронско гласање, гласање по пошта или некој друг проверен модел од светот. Суштината е една: да се зголеми излезноста на дијаспората и да се зајакне врската меѓу Македонија и нејзините државјани кои живеат надвор од татковината.
Токму тука паѓа во вода целата реторика на СДС. Ако навистина проблемот е во безбедноста на електронското гласање, тогаш решението е разговор, гаранции, контрола, транспарентност и избор на најдобар модел. Но ако одговорот е блокада, илјадници амандмани и политичка хистерија, тогаш проблемот очигледно не е технологијата, туку стравот од гласот на дијаспората.
Филипче јавно зборува дека СДС е подготвен во секој момент да излезе на избори. Но истата таа партија сега се спротивставува на можноста во 2029 година дијаспората полесно да гласа. Прашањето е логично: ако се толку сигурни во себе, зошто се плашат од Македонците во Австралија, Европа, Америка, Канада и низ целиот свет?
Уште поважно, со аргументот дека власта во 2029 година би можела да ги „намести“ изборите, СДС практично однапред признава дека и тогаш се гледа себеси во опозиција. Ако навистина веруваат дека ќе победат, тогаш зошто однапред ја градат тезата дека некој друг ќе ја контролира власта во 2029 година? Тоа не е самодоверба. Тоа е губитнички менталитет.
Но ова прашање не е само партиска полемика. Ова е многу подлабоко, државно и морално прашање.
Дијаспората беше еден од најсилните гласови за самостојна Македонија. Во 1990 и 1991 година, кога се раѓаше македонската независност, Македонците од странство не беа неми набљудувачи. Тие беа глас, потпора, лоби, сила и совест на македонската кауза.
Македонците од Австралија, Америка, Канада, Европа и од сите краишта на светот ја бранеа идејата за самостојна Македонија кога таа идеја не беше ниту лесна, ниту без ризик, ниту однапред загарантирана. Да не беше тој глас, да не беше таа национална енергија, да не беше притисокот и поддршката од Македонците надвор од татковината, Македонија можеби ќе беше туркана кон некаква скратена форма на Југославија, наместо да го оди својот пат како самостојна држава.
Затоа денес прашањето е уште потешко: ако тие луѓе беа доволно добри кога требаше да се брани идејата за независна Македонија, зошто денес некој сака да им го отежни правото да гласаат за иднината на таа Македонија?
Дијаспората не бара привилегија. Дијаспората бара право. И тоа не било какво право, туку основно демократско право — да учествува во одлучувањето за државата што ја носи во срцето, што ја помага со децении и што никогаш не ја заборавила.
Тука се отвора и економското прашање. Ако на СДС му пречи политичкото влијание на дијаспората, зошто тогаш никогаш не предложи закон со кој ќе се забрани испраќањето стотици милиони евра годишно во Македонија? Зошто парите од дијаспората се добредојдени, а гласот на дијаспората е проблем?
Кога Македонците од странство испраќаат пари за своите семејства, за куќи, за лекување, за школување, за бизниси, за цркви, манастири, културни друштва и хуманитарни акции — тогаш никој не вели дека дијаспората е „опасност“ за Македонија. Но кога истите тие луѓе ќе побараат полесно да гласаат, одеднаш се отвораат сомнежи, стравови и блокади.
Тоа е двоен аршин.
Не може дијаспората да биде добра кога испраќа пари, а непожелна кога испраќа глас. Не може да биде дел од Македонија кога треба да помогне, а да биде тргната настрана кога треба да одлучува. Не може државата да ја прифаќа економската жртва на иселениците, а политички да ги третира како граѓани од втор ред.
Дијаспората не е туѓо тело во македонската демократија. Дијаспората е Македонија надвор од Македонија. Тоа се луѓе кои со децении ја носат татковината во срцето, испраќаат пари, помагаат семејства, градат цркви, поддржуваат културни друштва, ја чуваат македонската песна, јазик, традиција и идентитет. Да им се отежнува гласањето значи да им се праќа порака дека се добри кога испраќаат помош, но непожелни кога треба да одлучуваат.
Македонецот во дијаспората не треба да патува со часови до дипломатско-конзуларно претставништво за да го оствари своето право. Државата треба да му го олесни тоа право, а не да му го направи речиси невозможно. Ако постојат модели во светот, ако постои гласање по пошта, ако постојат безбедносни протоколи, ако постои можност за надзор, тогаш задачата на политичките партии е да најдат решение, а не да поставуваат блокади.
СДС и Левица можат да имаат забелешки. Тоа е легитимно. Но забелешките треба да водат кон подобрување на законот, а не кон замолчување на дијаспората. Ако се плашат од злоупотреби, нека предложат механизми за заштита. Ако се плашат од слабости во системот, нека предложат контрола. Но ако се плашат од бројноста и ставот на дијаспората, тогаш тоа веќе не е борба за демократија, туку борба против гласачите.
Македонија не смее да се плаши од својот народ. Ниту дома, ниту надвор од границите. Секој македонски државјанин има право да биде дел од иднината на својата татковина. А оној што се плаши од тој глас, всушност се плаши од судот на народот. А кој се плаши од дијаспората, се плаши од Македонија.